Мицкоски: Заев е коцкар кој ја влече државата надолу

0
181

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека Заев и СДСМ се обврзаа дека ќе има просечна плата од 500 евра, па и со наштелувана статистика не може да стигнат до таа сума.

Премиерот Зоран Заев изјави дека е најпосветен на економијата, бидејќи имал добри министри за надворешни работи и за евроинтеграции. Поминуваат 10 месеци од нивното владеење.

 „Република“ во своето интервју го прашува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски како го оценува овој период?

-Ако е точно дека е најпосветен на економијата, тогаш сигурно е најмногу посветен на сопствените бизниси, а не на економската благосостојба на граѓаните. Таму резултати нема. Улогата на Зоран Заев може да се спореди со коцкар кој тоне во долгови и концесии, кој понекогаш добива илјадарка-две на автомат, некој ќе го потчукне по рамо, но губи многу повеќе, задолжен е на сите страни. Концесии насекаде. Неостварени ветувања и обврски. Тие долгови ја влечат и државата надолу. Се обврза дека ќе го забрза патот на интеграциите на Македонија кон ЕУ и НАТО. Еве гледаме дека ништо не направи. Се обврза кон земјоделците, им ги скрати субвенциите. Еден проект не направи за младите. Се обврза кон докторите дека платите ќе им ги покачи, денар повисока плата не зедоа, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека Заев и СДСМ се обврзаа дека ќе има просечна плата од 500 евра, па и со наштелувана статистика не може да стигнат до таа сума.

-Се обврза дека ќе го реши името, па тоа е новиот долг на коцкарската политика на Заев. Подобрување нема во ниту една сфера. Кажете ми, каде се живее подобро? Ветуваа подобри услови за медиумите, но прашувам што е подобро во овие 10 месеци. Обвинуваа дека ВМРО-ДПМНЕ ги поткупува медиумите, а воведоа нова метода на притисок врз медиумите – ги корумпираат медиумите и ги држат во грч со страв. Ако не се послушни, тука е СЈО или ОЈО, сеедно. Видовме дека луѓе од власта не се воздржуваат да ги прекорат новинарите ако поставуваат незгодни прашања. Се сеќавате на „Тоа ќе ти биде последно прашање“. Затоа велиме дека станува збор за заробена држава. Во економијата не направија ништо, и не затоа што како лидер на опозицијата морам да дадам некаква критика за економијата, туку затоа што тоа го потврдуваат фактите, рече Мицкоски за „Република“.

Тој потсети дека Македонија има најнизок раст на економијата во Европа во време кога другите економии од регионот и пошироко одат со големи чекори напред.

-Ако пред неколку години бевме примерот кој се следеше, сега соседна Србија прославува за стомилионски инвестиции на германски глобални корпорации, Бугарија прави мега инвестиции, за Хрватска да не зборуваме. И додека во овие земји спорат дали растот бил три или  пет проценти, ние имаме раст од нула отсто и премиер кој ни зборува за економија и чесност, а во исто време го гледаме како договара поткуп од 200 илјади евра и мува не го лази, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Коментирај