Мицкоски: Убеден сум дека со Вашите човечки и професионални квалитети ќе оставите значаен белег во развојот на Унијата

0
77

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати честитка до Урсула Гертруд вон дер Лејен за номинацијата за претседател на Европската комисија, која ви ја пренесуваме во целост:

Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ сакам да Ви ја честитам номинацијата за нов претседател на Европската Комисија која треба да ја предводи Европската Унија во наредниот период.

Убеден сум дека со Вашите човечки и професионални квалитети ќе оставите значаен белег во развојот на Унијата, надминувањето на предизвиците како и поблиско интегрирање на државите базирано на европските вредности.

Потпирајќи се на моите позитивни впечатоци од нашата средба во Скопје, убеден сум дека со истиот жар и посветеност ќе работиме за интегрирање на мојата земја во семејството на Европската Унија поради европската перспектива на целиот регион и создавање на оптимизам кај граѓаните и покрај сериозните пропусти, недостатоци во функционирањето на системот кои мора да се надминат.

Ќе продолжиме со несмалена енергија да соработуваме и во рамките на сестринската Европска Народна Партија која со Вашето номинирање добива уште еден значаен сегмент и обврска во градењето на Европската перспектива на сите држави од Европа.

Очекувам во блиска иднина да имаме можност за наша заедничка средба, која ќе даде силен импулс во односите и ќе биде во интерес на европската иднина на земјата.

Извор:република.мк

Коментирај