Мицкоски: Сакаме да го вратиме изгубеното достоинство кое што Зоран Заев го тргуваше изминативе две години

0
251

Нема да имаат мирна политичка пензија додека не дадат отчет за сите лаги, за сиот криминал и за сите недостоинствени работи кои што ги направија, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Струга.

-Ние не сакаме симбол на идните политичари во Македонија да биде дека или лажеме или крадеме. Не сакаме народот да мисли за политичарите дека или дошле овде сега да лажат, да добијат поддршка за потоа да крадат.  Нас не ни требаат ниту пари, ниту жолтици, ниту бели дворци. Нас ни треба честитост и еднаквост со народот наш. Тоа е оној наш сон и визија за Македонија. Како ние ја гледаме Македонија во иднина? Како држава која што ќе биде мајка за сите нејзини граѓани, а не мајка за една фамилија и маќеа за сите останати. Не ни требаат привилегии, порача Мицкоски.

Тој потсети дека првата работа која ја најави Силјановска Давкова беше дека ќе ги скрати и ќе се откаже од сопствените привилегии.

-Тоа ни треба нас. Честитост и добар збор. Нас ни треба овој историски момент да направиме нешто за нашиот народ. Да работиме за нашиот народ, да работиме за нашата држава искрено, честито и принципиелно. Јас ви го гарантирам тоа, се заветувам овде од Струга дека нема ни милиметар да избегаме од овие граници кои сега ги поставуваме. Ние сме исти подеднакви, довербата која што ќе ја добиеме, пеколно ќе не обврзе во иднина истата да ја оправдаме. Сакаме да бидеме среќни соседи, сакаме да видиме насмеани роднини, колеги, сакаме да се поздравуваме со млади луѓе кои ја гледаат иднината во Македонија. Сакаме да среќаваме доктори кои се борат за специјализација и да останат во Македонија, наместо да ги полнат клиниките во Западна Европа. Сакаме да видиме инженери кои што кариерата со пронајдоци ќе ја градат во Македонија, наместо да ги полнат производните  хали во Западна Европа, Америка и Австралија. Тоа е она што е наш императив. Тоа е она што нас не прави среќни. Сакаме да го вратиме, да вратиме дел од она изгубено достоинство кое што Зоран Заев го тргуваше изминативе две години. Тоа е онаа победа и правда за Македонија за која што ние се бориме. Ајде придружете ни се, застанете рамо до рамо со нас, ајде заедно да ја победиме оваа битка за правда за Македонија, истакна Мицкоски.

Коментирај