Митко Јанчев: Груевски нема ингеренции во ВМРО-ДПМНЕ, почнуваме од позитивна нула

0
482

Не треба да го заборавиме Груевски или да ги деградираме сите негови моменти, но ВМРО-ДПМНЕ не смее да биде ничие наследство и мора да почне од нула.

Потпретседателот на најголемата опозициска партија и актуелен градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев во интервју за Призма, ја потенцира потребата од ребрендирање на ВМРО-ДПМНЕ, иако смета дека тоа е можно и без дистанцирање од наследството на поранешниот претседател.

„Никола Груевски беше премиер на државата осум или девет години. Претседател на партијата ми се чини дека беше 14 години. Денеска тој има титула на почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Јас имам почит кон неговата титула, меѓутоа во делот на неговото инволвирање или понатамошно етаблирање во партијата, мислам дека нема ингеренции и дека не треба да бидеме ние наследство на никого. Како што кажав, треба да почнеме од позитивна нула, да се градиме нанапред како помодерно европско општество. Но не би рекол ни дека треба да го заборавиме и да ги деградираме сите негови моменти“, вели Јанчев.

Сепак, како што вели, и самиот е свесен дека почнувањето од нула нема да биде лесно.
„Како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и како млад човек и човек дојден од бизнис-заедницата, ќе се трудам и ќе дадам се од самиот себе за да донесам модернизација на партијата, да донесеме еден нов вокабулар и ново функционирање со самото членство и со самото општество. Тоа е моето гледање, дека треба да се донесат нови идеи, модернизација на партијата. Ако сакаме да дојдеме до она што значи власт или ако сакаме да дојдеме до раководни функции во државата, треба да понудиме нешто ново“, тврди новиот партиски потпретседател во инервјуто за Призма.

Зборувајќи за враќањето на партијата во Собранието, кое беше токму од него најавено, Јанчев потсетува која беше причината за нивното повлекување – притворите на шестмина пратеници и на триесетина други лица поради насилниот инцидент од 27 април минатата година. Притоа, имплицитно потврдува дека притворот бил користен како стратешка цел од претходната влада, што пак е пракса која сега треба да престане.

„Не смееме да ги заборавиме тие луѓе, сите си имаат семејства, си имаат деца, си имаат роднини кои што ги очекуваат да се вратат дома. Ако ме прашате за личен став, јас сум за да функционира парламентот, да имаме конструктивни расправи, да имаме демократско општество, меѓутоа не би можел тоа да го донесам како одлука додека не се реши статусот на притворените, бидејќи гледате дека можеби и неосновано им се продолжува притворот. Една од забелешките на меѓународната заедница беше дека претходната влада притворот го користи во стратешки цели. Мислам дека таа пракса треба да прекине“, нагласува Јанчев.

Тој порачува дека ВМРО-ДПМНЕ нема да донесе одлука за нови собри и демонстрации се додека не биде сигурна дека истите може одговорно да ги контролира.

„Со самото искуство, со апсењето на пратениците и на учесниците во демонстрациите и во влегувањето во Собранието, ние сме тука многу претпазливи за да не излезе некоја ситуација надвор од контрола. Затоа што знаете во политиката никогаш 2 и 2 не се 4. Може да организирате најдобронамерен граѓански собир, најдобронамерна граѓанска иницијатива во поддршка на граѓаните и во поддршка на Република Македонија, а може од трета страна да ви фузираат друга група и да излезе нешто друго. Значи додека не се осигураме дека тоа можеме да го контролираме до граница на одговорност, мислам дека нема да донесеме одлука за јавни собирања. Доколку биде по иницијатива на граѓаните, ние секогаш би застанале на страна на граѓаните“, нагласува Јанчев.

Коментирај