Минатото vs. Денешницата: Сметка за мобилен, за интернет, кредит за стан, рата за одмор…

0
278

Дека времето се менува од година на година покажуваат многу работи, а луѓето сетоа тоа го чувствуваат на свој грб. Обично повозразните често знаат да направат споредба со животот од минатото и денеска.

Како било во минатото, а како денеска? Ако ги прашате бабите и дедовците, со сигурност ќе добиете одговор дека тогаш било поубаво. Можеле да живеат и со една плата. Со истата да се прехрануваат и да градат дом. Ретко кој на тоа време немал свој сопствен дом.

Голем број луѓе кај нас жалат за тоа што се случувало во минатото. Се поставува прашање дали тоа било така затоа што нашите родители имале повеќе приходи или помалку расходи. Веројатно доколку ги прашате ќе ви кажат дека тогаш имале повеќе пари за трошење. Сепак, поверојатен одговор е дека тогаш имале помалку работи на кои можеле да ги трошат парите.

Интересно, денес постојат нешта што до пред 30 години не ни постоеле. Како на пример, сметка за мобилен телефон или, пак, сметка за интернет, радиодифузна такса и плус сметка за телевизија, избор на 100 вида чоколадо…

Кога сме кај чоколадото и во контекст на темата, да ја кажеме приказната за Владе Дивац. Кога овој денес веќе легендарен пензиониран кошаркар стигнал во Америка, првата работа што сакал да ја направи е да си купи чоколадо. И влегол во продавница… Можете да го замислите цивилизацискиот шок што го доживеал. Ја разбирате поентата. Капитализмот и пазарната економија ни донесоа огромен избор на работи што не сме ни ги имале и ни овозможија побрзо да стигнуваат кај нас. Менување на стандардите сепак, паралелно со овие позитивни случувања започна и процес на менување на стандардите на тоа што значи некој човек да е успешен. Секој човек за себе создава ментална слика за тоа каков сака да биде во иднина, креира проекција, која во основа му ги диктира одлуките што во текот на животот ги носи. На создавањето на таа слика влијаат медиумите, семејството, пријателите, родителите и многу други фактори што свесно или несвесно ни влијаат.

Социјалните стандарди, за жал, се поставени на таков начин што успехот се одредува врз основа на материјалните постигнувања и се покажува преку изложување на тие материјални симболи.

Замислете ги притисоците што ги чувствуваат родителите за да им обезбедат на своите деца се што посакуваат. И оваа година во весниците се пишуваше за тоа како има семејства што земаат кредит за на своите деца да им направат матура. И оваа година на секој чекор можевме да видиме матурски прослави што повеќе личат на луксузни свадби, наместо да бидат скромна прослава за некој што направил нешто што, ете, денес е пропишано со закон. За потоа да мора да се земе кредит за детето да оди на факултет, бидејќи нормално денес сите го прават тоа. И не само матурските, промените на начинот на кој функционираме направија семејните прослави на родендени на помалите деца да ги замениме со забави на кои има по 50 луѓе (што многу малку ги гледаме во годината) во игротеки, кои го заменија традиционалното место за прослава. Значи, целокупниот начин на функционирање на семејството и неговите вредности се променети.

Мора да се има најновиот ајфон, најновиот таблет, најновата гарнитура…

Иако трошењето е одлична работа, во основа тоа ни помага да се развиваме како економија, некогаш мора да направиме еден ресет и да размислиме колку тоа трчање ни носи добро лично на нас.

Модерното општество создава робови. Несвесно луѓето стануваат робови. Она што многумина не успеаја да го направат, успеа да го направи модерното општество. Стандардите на живеење што сите тежнееме да ги достигнеме, всушност не прават модерни робови.

Како поинаку да се нарече човек што има 20 дена одмор, работи по 10 часа во денот и постојано зема нови кредити за да купува работи што ќе му ја подобрат менталната слика за тоа што тој смета дека е добро. Нема ништо лошо во тоа да купувате, но дали е можеби потребно да си поставите неколку прашања пред да го купите, на пример, новиот ајпад. Зошто го купувам овој производ? Дали ми е основно средство за работа, не можам ли без него нормално да функционирам или можеби го купувам едноставно затоа што сакам да го имам и дека во еден момент ќе се чувствувам подобро со него. И за секој друг нов преплатен производ, запрашајте се пред да го купите зошто го правите тоа.

Постојано сме подложни на разни манипулации, свесни и несвесни, од големите компании. Тоа им е работа, тоа и треба да го прават, бидејќи нивната цел е да имаат што поголем профит и тоа е сосема легитимно и оправдано.

Сепак, можеби некогаш на мир треба да си ги ревидираме нашите цели и работите што не прават среќни.

Извор: СкопјеИнфо.мк

Коментирај