Милошоски до Заев: Не ги потценувајте граѓаните, со еден збор можевте да ја отфрлите Платформата од Тирана

0
444

ВМРО-ДПМНЕ денеска ја оцени како политички памфлет презентираната програма што би ја имала идната влада, а што ја презентираше на прес-конференција лидерот на СДСМ Зоран Заев и го повтори предлогот или да ја отфрлат албанската платформа и да прифатат поддршка од страна на ВМРО-ДПМНЕ за малцинска влада или да се оди на нови предвремени избори.

Видео и интегрален текст од прес конференција на членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски

Почитувани,

Денешната прес конференција е реплика на она што аболицираниот криминалец Зоран Заев денес се обиде да го претстави како владина програма.

Денес, аболицираниот Заев еден час се трудеше преку читање на партиски памфлет да ја увери јавноста, а тоа можеше да го направи само со една минута, да се откаже јасно и гласно од Платформата од Тирана. Истиот овој Зоран Заев кој во Швајцарија зборуваше за кантонизација на Македонија, денес во седиштето на СДСМ се заплетка во обидот политичкиот став и одлуки да ги сокрие зад идните дебати на експертите од повеќе страни и политички партии.

Господине Заев, не ја потценувајте интелигенцијата на македонските граѓани. Иако сакате да ги уверите дека водите политика корисна за Република Македонија, докажете го тоа само со една кратка и јасна реченица, дека ја отфрлате Платформата од Тирана, како Платформа на туѓа држава која што нема свое место во политиката на унитарна Македонија.

Господинот Заев, денеска уште еднаш покажа дека не го почитува мислењето на граѓаните. Тој денеска уште еднаш потврди дека е уценет и дека со измама на штета на државните и национални интереси сака да се дограби до власт. Избор на измама, значи кога на изборите ќе победите со една програма, а после изборите ќе прифатите уцена и за да дојдете на власт ќе спроведувате друга програма од која што не сакате да се откажете.

Затоа, господинот Заев денеска не собра храброст да ја отфрли јасно Платформата од Тирана и сите елементи кои што се содржани во неа.

До вчера, господинот Заев лажеше дека со ДУИ и со Зијадин Села разговарале само за начела и принципи. Но денес откри дека има изготвен и Предлог закон за употреба на албанскиот јазик, но ја сокри неговата содржина, го сокри пример членот 8, кој што беше претходно истакнат во јавноста.

Денес, господинот Заев откри дека се разговарало и за осуда, за резолуција  за геноцид врз албанците во Македонија, но не откри и не кажа што ќе содржи таа резолуција и кога ќе биде донесена. Заев сокри кој ќе биде осуден за геноцид, и дали Србија, Бугарија, Грција или самата Република Македонија, ќе бидат помеѓу осудените за наводниот геноцид.

Аболицираниот Зоран Заев не собра храброст да ги осуди изјавите на неговиот коалиционен партнер и иден реформист, Зијадин Села кој што ги негира македонскиот национален идентитет, македонската химна и знаме и го негира постоењето на македонците. Овој коалиционен партнер на господинот Зоран Заев, идниот реформист Зијадин Села со своите три потписи го купи националното достоинство на Зоран Заев, доколку воопшто го има.

Зоран Заев конфузно се обиде да ги излаже граѓаните. Ја прочита програмата на СДСМ и се сокри зад празни флоскули дека ќе се дискутирало во иднина за химната, за грбот и за знамето, но за тоа ќе одлучувале експерти. Граѓаните на Република Македонија не гласаа за експерти, тие гласаа за политичари, за кандидати за пратеници и кандидати за премиери. Политичарите, Владата и Собранието ќе одлучуваат за изгледот, устројството, Уставот и законите на оваа држава, затоа непотребно господинот Заев својата прифатена уцена се обиде да ја сокрие зад идните дебати на експертите.

Експертите на ДУИ и експертите на СДСМ, кои се тие и какви ставови тие имаат, што усогласиле? И што ќе одлучат политичарите од СДСМ и од ДУИ, и од партијата на Зијадин Села врз база на мислењето на тие експерти?

Заев смета дека граѓаните се наивни и дека вакви фрази за идни експертски дебати ќе ја релативизираат неговата позиција во која што тој прифаќа една уцена која што е на штета на унитарниот карактер и стабилноста на Република Македонија. Затоа неговите манипулации за наводни дискусии и идни експертски стручни расправи од типот на експертите на професорот Фрчкоски и Осман Кадриу се само еден невешт и потценувачки обид да ги измами граѓаните уште еднаш.

Со измислените дебати кои би се воделе по сите отворени прашања, Заев остана со отворена врата за целосна реализација на Платформата од Тирана, и затоа денешното обраќање и прес конференција на господинот Заев го цениме само како привремено купување на време и фасадирање на граѓанското незадоволство на кој е тој сведок од политиките кои што ги води СДСМ, со прифаќање на сите уцени само за да се дојде до власт иако беа партија која што ги изгуби изборите.

Заев потврди дека е решен дури по цена да дебатира за прашањата од Платформата од Тирана кои се однесуваат и на итно решавање на проблемот со името и подразбираат вклучување на сите претставници, коалициони партнери во преговорите со соседна Грција.

И ние имаме само едно да му порачаме на господинот Заев. Господине Заев, престанете да го потценувате македонскиот граѓанин. Вие сте прочитана книга, Вие сте аболициран криминалец, Вие сте човек со лабилно мислење кој што зависно од состојбата на денот ги менува своите политички ставови, еднаш во Цирих, друг пат на ТВ 21, трет пат во седиштето на СДСМ.

Доколку Вие господине Заев сте убеден дека тиранската платформа треба да се отфрли тогаш прифатете ја понудата на ВМРО-ДПМНЕ, за малцинска Влада која што би ја предводеле но за која што цена нема да плати Република Македонија на штета на нашите национални интереси.

Доколку господинот Заев е убеден дека Платформата од Тирана е позитивна за Република Македонија и за целиот народ тогаш нека се прифати второто можно решение, да имаме предвремени парламентарни избори кои што би се одржале заедно со локалните и граѓаните нека се изјаснат за секоја програма, Платформа вклучително за онаа од Тирана до колку во неа верува господинот Заев.

Да им дадеме можност на граѓаните да кажат што мислат, околу Платформата од Тирана и дебатите кои што Заев ги најавува околу прашањето за јазикот, околу прашањето за геноцидот, околу прашањето за Уставот, за грбот и за химната.

Нека не бидат дебати на експерти кои што можат лесно да бидат монтирани, нека бидат дебати на изборни програми, за кои што ќе одлучат граѓаните.

Затоа, господине Заев соберете храброст јасно отфрлете ја Платформата од Тирана или соберете храброст и јасно кажете дека истата ќе им ја понудите на граѓаните на следните предвремени парламентарни избори.

Коментирај