Мигранти се шетаат секој ден, Царовска или не знае или лаже

0
474

Додека владата и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска демантираат дека има било какви подготовки за мигранти, МВР ги демантира. Практично министерството за внатрешни работи во делот на своите надлежности потврди дека има добиено европски пари за нов прифатен центар во Гази Баба. Дополнително на ова во билтените на МВР, секојдневно има информации за илегални мигранти кои поминуваат низ земјава, а очигледно не сакаат да останат тука.  Со ова паѓаат во вода сите обиди на надлежните, меѓу кои и на министерката за труд и социјална политика дека владата не се подготвува за прифат на мигранти при евентуално повторно отворање на балканската рута или пак на оние кои илегално ја поминуваат границата.  Царовска тврдеше дека во Визбегово се работи за кампови за бездомници, но потоа се потврди дека се за мигранти.

Имено, директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Лазе Велковски деновиве информираше дека Центарот за странци во Гази Баба ќе биде заменет со нов. Практично тој рече дека МВР преку европските фондови, ИПА, добило средства за изградба, и оти овој центар ќе ги исполнува сите потребни услови.

– Прифатниот центарот во Гази Баба е во страшно руинирана состојба и не ги исполнува ни минимум условите за кои е наменет , рече Велковски.

Тој уште еднаш потврди дека стариот центар во Гази Баба нема да постои откако ќе биде изграден новиот и нагласи дека тоа значи дека не е дополнителен центар, туку замена на стариот кој нема услови.

 

ШТО ВЕЛАТ БРОЈКИТЕ

Според официјалните бројки во земјава нема многу мигранти. Или според актуелните податоци во моментов 11 баратели на азил се сместени во Прифатниот центар во Визбегово(под надлежност на министерството за труд и социјална политика), а 5 се сместени во Безбедната куќа во Скопје (место каде се згрижуваат ранливи категории баратели на азил, не само мигранти) која ја менаџира невладина организација заедно со министерството за труд и социјала. Во Прифатен центар за странци во Гази Баба што е под надлежност на МВР се сместени 16 мигранти.

Во Привремениот транзинтен центар Винојуг-Гевгелија, управуван заеднички од исто од МВР,  министерството за труд и социјала, Центарот за управување сместени се 24 мигранти, во Привремениот транзинтен центар Табановце-Куманово управуван од истите институции сместени се 16 мигранти.

Значи официјалните бројки не говорат дека има многу мигранти, или азиланти во државава, но факт е дека постојат подготовки доколку дојде до повторно отворање на балканската рута или едноставно има наплив на мигранти кои имаат цел да стигнат во некоја од државите во Западен Балкан.

НОВИ ИЛИ СТАРИ РУТИ

Новата мигрантска рута преку која мигрантите се обидуваат да дојдат до целта, западноевропските земји е таканаречената јужна мигрантска рута, пишуваат хрватските медиуми. Истата оди преку Грција, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина па во Хрватска како членка на Унијата.

На пример, бројот на мигранти кои преку Албанија се обидуваат да стигнат до земјите од Западна Европа оваа година нагло се зголеми, а трговците со луѓе отворија нова балканска рута за оние кои поради судири или немаштија го напуштаат Блискиот Исток, северна Африка и Азија, пренесува Ројтерс.

Приливот на мигранти преку Албанија и Црна Гора до најновата членка на ЕУ, Хрватска и понатаму е скромен во однос на стотина илјади луѓе во време на врвот на европската мигранстска криза во 2015 година. Но, бројот на мигранти оваа година расте со голема брзина. Според официјалните податоци, Албанија во првите пет месеци од годинава запрела 2.311 мигранти, додека во истиот период во 2017 година се запрени 162.

Но, сега Албанија го вклучи ѕвоното на узбуна и во мај годинава побара помош од Австрија, која исто има строга политика кон мигрантите. Сепак, австрискиот канцелар Себастијан Курц и албанскиот премиер Еди Рама се согласија дека проблемот треба да се решава, превенира сега, иако не е толку голем, пред да прерасне како оној во 2015 година.

И покрај овие предупредувања, како и информациите дека секојдневно поминуваат мигранти, иако во помал,  број надлежните не сакаат да откријат детали што би правеле.

Ова дотолку повеќе треба да биде важно и да се реагира, особено поради заклучокот на Самитот на ЕУ што се одржа кон крајот на јуни, а беше констатирано дека на доброволна основа треба да се градат  бегалски центри или кампови. А многу е јасно како завршува тоа добоволна основа, односнно кога не се дадени јасни насоки кои земји би требало да го прават тоа.

Коментирај