Медицински сестри масовно си одат од Клинички и од болниците

0
467

Стотина медицински сестри, од кои над 40 од Клиничкиот центар и од големите болници, последнава година заминале во странство или во приватните здравствени установи во државава, каде им се нудат повисоки лични доходи и признавање на нивното високо образование.

Ова денеска го истакна претседателот на Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС) предводена од Здружението „За нас“, Гордана Бешлиоска, која рече дека трудот на медицинските сестри треба да се вреднува соодветно на нивното образованието. Според неа, незадоволството на медицинските сестри во здравствените институции го симнале нивното достоинство под нивото на сето тоа што ја оплеменува нивната професија.

Посочи дека тоа не значи дека застанал интересот за школување на нивни колешки во професијата, но за жал после сите кратки едукации во болниците тие си заминуваат во други земји.

– Нашите податоци во Унијата и во Здружението покажуваат дека имаме одлив и на медицински сестри кои се со поголемо искуство и тоа предизвикува се поголеми дефицити во здравствените институции каде сме под стандардите на број на легла и на број на сестри во стационарните делови каде оптоварувањето покрај незадоволството по однос на непризнаено образование во здравствените институции, ниските плати, немање додаток за услови на работа, ноќен труд итн., овој одлив дополнително ги оптоварува нашите колешки на работните места, рече Бешлиоска пред почетокот на свечената академија по повод одбележувањето на 12 Мај, Светски ден на сестринството.

Во врска со нивната професија и нивната дејност потенцира дека со Законот за здравствената заштита сакаат да ја постават структурата и базата каде ќе ги предложат сите решенија за нивните проблеми.

Таа рече дека како претставници на Унијата се дел од групите за изменување и надополнување во Законот за здравствена заштита и ќе добијат можност да учествуваат во изготвувањето на членовите и по однос на образованието. Во моментов, нагласи, се соочуваме со големо незадоволство поради непризнавањето на високите школи и на специјализациите.

– Се надеваме дека со уредувањето на Законот за образованието и за професијата ќе почнат да се решаваат сите овие проблеми. Податоците покажуваат дека од здравствените институции се одлеваат и по повеќе од девет, десет, 11 медицински сестри кои и во веќе дефицитната бројка премногу недостигаат посебно во специфичните критичните единици каде што се инструментарките, интензивната нега, каде оптоварувањето на тимовите кои остануваат во мал број е многу големо. Посебно е аларманство што ни се одлеваат сестри кои се во специјалните и критичните единици за кои треба да поминете посебни едукации. Зборувам за инструментарките, анестетичарите…Само од големите здравствени установи, како што е Клиничкиот центар и големите болници, над 40 сестри во последнава година заминале во странство, рече Бешлиоска.

Појасни дека има институции каде оперативните програми застануваат поради недостиг на инструментарки за чија едукација се потребни најмалку шест месеци, а уште толку време треба тие да почнат самостојно да работат.

Во врска со тоа дали е исполнето ветувањето дека медицинските сестри „концесионери“ ќе бидат вратени во јавното здравство, рече дека задоволството било огромно кога Законот ги препознал во еден член со кој после престанување на нивните договори во концесионерските амбуланти треба да се вратат во јавниот здравствен сектор.

– Има спорадични случаи и неколку сестри се вратија во јавниот здравствен сектор, но има и голем број неисполнети барања на сестри кои се обраќаат до Министерството за здравство, образложувајќи ги со аргументи нивните договори со кои стапиле во ординациите. За жал многу од нив очекуваат во наредните два три месеци да останат без работа поради најавите за пензионирање на голем број доктори од концесионерските амбуланти. Не е проблемот само тие да бидат вратени во јавниот здравствен сектор. Ние ќе го отвориме прашањето за сите тие кои остануваат во концесионерските амбуланти каде ни се потребни рамки на договори врз основа на кои тие сите унифицирано ќе ги потпишуваат договорите за работен однос. Сакаме да ги надминеме сите неправилности со кои тие се соочуваат и посебно им е нарушено достоинството во одредени ординации по однос на работното време, личниот доход, некористењето на годишните одмори…, рече Бешлиоска.

Таа посочи дека 47 медицински сестри „концесионери“ се без работа, а нивниот број се зголемува. Нагласи дека во моментов девет сестри чекаат до август да останат без работа поради пензионирање на нивните доктори и изрази надеж дека ќе бидат вратени во јавните здравствени институции.

Извор:курир.мк

Коментирај