МАРИЈА БОШКОВСКА ЈАНКОВСКИ ЗА КАПИТАЛ: На бизнис заедницата и инвеститорите ќе им помогнеме во носењето на паметни деловни одлуки

0
103

Марија Бошковска Јанковски
директор на Централен регистар

Многу скоро ќе стартува Регионалниот портал на бизнис регистри (Business and Financial Data Exchange – BIFIDEX), кој е наменет за деловните заедници и инвеститорите во регионот и пошироко, кои имаат потреба од деловни и финансиски податоци кои се содржани во нашите регистри. Сето ова произлезе од зголемената тенденција за повторно воспоставување на поранешните економски врски попратено со континуиран раст на трговската размена помеѓу земјите во регионот.
Регионалниот портал на бизнис регистри е првиот чекор во насока на приближување на нашите стопанства и креирање на предуслови за формирање на заеднички пазар на територијата на Западен Балкан, што е една од стратешките цели на Владата на Република Северна Македонија.
Најавивте воспоставувањето на регионалната платформа за давање услуги од повеќе земји од регионот. Која е целта на овој проект и како ќе се реализира?
Регионалниот портал на бизнис регистри (Business and Financial Data Exchange – BIFIDEX) е наменет на деловните заедници и инвеститорите во регионот и пошироко, кои имаат потреба од деловни и финансиски податоци кои се содржани во нашите регистри.
Проектот е плод на повеќегодишната соработка и напорна работа помеѓу Централниот регистар на Република Северна Македонија и Агенцијата за деловни регистри на Република Србија, со финансиска поддршка на Европската Банка за Обнова и Развој (ЕБРД).
Двете институции склучија Договор за соработка со кој беа дефинирани заедничките цели за воспоставување на идниот портал, a во октомври 2018 година, беше склучен и Договорот за формирање на управнот одбор на порталот кој дава институционална рамка за неговото функционирање и понатамошен развој. Ми претставува особено задоволство што токму јас ја имам честа да бидам првиот претседател на Управниот одбор.
Очекувам кон порталот до самитот на премиери на Западен Балкан во мај 2019 година да се приклучат и регистрите од останатите земји во Западниот Балкан.
Порталот е завршен и се очекува негово пуштање во живо во договор на двете влади и Европската Банка за Обнова и Развој.
Сметам дека Регионалниот портал на бизнис регистри е првиот чекор во насока на приближување на нашите стопанства и креирање на предуслови за формирање на заеднички пазар на територијата на Западен Балкан, што е една од стратешките цели на Владата на Република Северна Македонија.
Иницијативите содржани во повеќегодиншниот план за Регионален економски простор, во која е дел и порталот, го трасираат патот за креирање на заеднички пазар на просторот на Западен Балкан, со што целиот регион треба да се трансформира од регион со негативни конотации кои ни ги донесоа изминатите декади, во регион препознаен по начелата на взаемно почитување, соработка и синергија на нашите стопанства.
Само на тој начин ќе им овозможиме на нашите граѓани и бизниси непречено да се развиваат и да го користат својот максимален потенцијал.
Што се ќе се нуди на овој портал и кој тип на услуги ќе можат да се добијат?
Порталот ќе овозможи непречено добивање на информации за деловните субјекти и нивните финансиски показатели со цел да се поттикне меѓу-граничната размена и соработка, поттикнување на инвестициите во регионот, но и можност за заедничко претставување на нашите деловни потенцијали пред меѓународните инвеститори и донатори.
Платформата овозможува производи – сервисикои врз основа на пребарување, увид во финансиски извештаи на трговско друштва базирани на податоците од годишната сметка, основни податоци за компанија (назив, седиште, сопственици, основна дејност, капитал, итн), квантитативни анализи од финансиските извештаи (стапката на ликвидност, стапката на профитабилноста, поврат на средствата, поврат на капиталот, итн.), Компаративни анализи на финансиските индикатори на трговските друштва, индустрии, дејности итн.
Порталот претставува интегрирана база на податоци која овозможува мултијазичен оn line пристап, во реално време до автентични и точни информации за деловните субјекти од Југоисточна Европа од нивните матични регистри кои се обработени и со додадена вредност.
Сето ова произлезе од зголемената тенденција за повторно воспоставување на поранешните економски врски попратено со континуиран раст на трговската размена помеѓу земјите во регионот. На бизнис заедницата, инвеститорите и сите други заинтересирани страни ќе им помогнеме во носењето на паметни деловни одлуки и сето ова ќе биде лесно достапно преку web или мобилен уред со многу едноставно пребарување кое ќе биде лесно за употреба.
19mРазвојната стратегија на Централниот Регистар донесена изминатата година содржи неколку значајни развојни проекти кои треба да започнат во текот на 2019 година, а кои се во насока на исполнување на визијата за трансформација на институцијата во сервисно ориентирана организација и воспоставување на единствена точка за контакт на деловната заедница и инвеститорите во нивната интеракција со јавниот сектор. Кој би бил директниот резултат за општото подобрување на деловната клима во земјата?
Новините во работењето кои ги воведува Централниот регистар се во врска со новиот Портал и заедничка платформа за отпочнување на бизнис. Заедничката платформа за отпочнување на бизнис претставува заедничка организациона поставеност и технолошка интеграција со стандардизирана размена на податоци помеѓу Централниот регистар, Управата за јавни приходи и Агенцијата за вработување со цел задоволување на потребите на субјектите – бизнисите кои се основаат. Заедничката платформа за отпочнување на бизнис претставува концепт на единствен електронски интерфејс преку кој се управува со започнување на животен циклус на субјектот на софистициран начин преку воспоставена функционална системска инфраструктура помеѓу засегнатите институции за поддршка за бизнис.
Пристапот на заедничката платформа е обид да се одговори на потребите за подобрување на услугите на јавниот сектор кон приватниот, изедначување на постапките, зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците како за јавниот сектор (како давател на услугата), така и за приватниот сектор (како корисник на услугата).
Крајната цел на имплементација на визијата за Заедничката платформа е да се обезбеди пристап до инфраструктура преку која деловните субјекти, ќе можат:
  • Да добијат пристап до единствена интернет локација преку која ќе ги добијат сите потребни информации во врска со регистрација на субјекти, пријавување на вработени, регистрација за ДДВ цели, а во иднина и други потребни информации);
  • Да поднесат електронско барање (вклучувајќи електронско плаќање и електронски потпис) за различни видови на услуги (регистрација, регистрација на вработени, регистрација за ДДВ цели, а во иднина и други потребни услуги);
  • Да добијат известувања за статусот на нивното барање;
  • Да добијат потсетување за обврски кои им престојат итн;
Целокупната интеракција треба да биде електронска и деловните субјекти треба да добијат едноставен, брз и релативно евтин комуникациски канал за нивните потреби.
Вториот дел од овој проект се однесува на целосна замена на постојниот портал на Централниот регистар и имплементација на целосно нов сервисен каталог, како и воведување на нови услуги согласно програмата на Владата за отворени податоци и Отворено владино партнерство.
Покрај директните бенефити за деловната заедница, дирктното влијание врз рангирањето на Дуинг Бизнис листата, овој проект треба да резултира и со зголемување на приходите на Централниот регистар, преку олеснетиот пристап до сервисите, зголемената мотивација за редовно ажурирање на податоците кои се предмет на упис (посебно во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица), но и имплементацијата на дополнителни услуги за деловната заедница и трети заинтересирани страни.
Заедничката платформа за отпочнување на бизнис ќе биде основ за воспоставувањето на стратегијата за единствена точка за контакт и трансформација на Централен регистар во сервисно ориентирана организација што е еден од клучните приоритети во остварувањето на усвоените визија и мисија. За оваа цел ќе се користат добри пракси на шведскиот Регистар (Болагсверкет).
Тука особено сакам да ја споменам и имплементацијата на единствениот регистар на обезбедени трансакции кој треба да даде нов квалитет во пристапот кон кредитирање посебно за малите и средни претпријатија. Со нив под единствен режим треба да се обединат постојните регистри за залог, лизинг, фидуција и продажба со задржување на правото на сопственост, но и поедноставување на постапката за пристап до кредитирање.
Како Централниот регистар планира да ја подобри услугата за бизнисите и на граѓаните? Многу често фирмите се жалат на скапи услуги …
Да бидам искрена, до мене не допреле информации од бизнис секторот со поплаки во однос на услугите на Централниот Регистар. Напротив во честите средби со коморските здруженија, но и со претставниците на бизнис заедницата, главниот импертив на компаниите е брза, ефикасна и прецизна услуга, нешто што нашата институција го спроведува со години. И покрај ова ние континуирано работиме на подобрување на ефикасноста и автоматизација на нашите услуги, што би обезбедиило можност за намалување на цената на чинење на истите. Се разбира, точноста, квалитетот и веородостојноста на податоцие е главен императив, и тука треба да се направи баланс помеѓу цената на чинење и не загрозување на квалитетот на услугите. Централниот регистар е само-финансирачка институција, и доколку би отишле со популистички мерки на намалување на цената на чинење под прагот на чинење на услугата автоматски би го загрозиле квалитетот на услугите.
На крајот од денот тоа ќе оди на директна штета на деловната заедница, бидејќи дури и услугата да е бесплатна, ако истата не е квалитетна и веродостојна, едноставно не вреди ништо.
И покрај тоа што велите дека цената е битна за квалитетот на услугата, сепак нудите бесплатни услуги – на пример основните информации за компаниите се слободни и без надомест. Дали се планира зголемување на опфатот на податоци без надомест во блиска иднина?  
Во светски рамки не постои унифициран модел за наплата од страна на регистарските институции. Сепак она што се забележува како неоспорен светски тренд е дека самофинансирачките регистри, како што е и Централниот регистар, нудат повисоко ниво на услуги и кај нив се забележува значително поголем степен на задоволство на корисниците.
Сепак, морам да нагласам дека согласно владиното отворено партнерство веќе сме во подготовка на публикување на цел сет на податоци кои ќе бидат без надомест и ќе го задоволат општиот интерес за слободен пристап. Па така до крајот на оваа година се планира имплементација на цела низа бесплатни услуги, од основен профил на компанија, дневната архива на промени и уписи, до цела низа статистички макро и микроекономски извештаи во видот на статистика и клучни индикатори по индустрии, сектори, региони, трендови за новоосновани субјекти, и слично.
Рамноправниот пристап до основните информации за компаниите е темелен принцип не само на пазарната економија, туку и на информирана, јавна и функционална демократија. Оваа мерка во целост ќе придонесе за унапредување на транспарентноста, одговорноста и отчетноста на Владата и ќе го унапреди животот и работењето на граѓаните.
20mВладата го најави Регистарот на вистински сопственици? Дали се работи на овој проект и кога може да очекуваме тој да профункционира?
Регистарот на вистински сопственици е обврска која произлегува од новиот Закон за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам, согласно кој Централен регистар е обврзан да го воспостави и води Регистарот. Централниот регистар ќе ја има обврската да ги впише вистинските сопственици на правните субјекти односно при иницијалната регистрација во рок од осум дена самите управители се должни да пријават кое физичко лице е краен сопственик на тој субјект, без разлика колку правни лица се јавуваат во синџирот на сопственици. Ваквата обврска за пријавување ќе важи и за веќе регистираните и постојните сопственици на фирми. Воспоставувањето на регистарот ќе даде дополнителен квалитет во однос на транспарентноста на домашниот пазар, но и алатка во борбата со перење на пари и финансирање на тероризам.
Законската обврска на субјектите од финансискиот пазар (банки, штедилници, финансиски институции, осигурителни компании и други) е редовно да ги ажурираат податоците за своите клинети по однос на вистинските сопственици. Уписот во регистарот ќе биде бесплатен, а информации за вистинските сопственици може да ги побара секој за определен надомест.
Овој регистар е од исклучителна важност од два аспекта. Прво е запазување на начелото на транспарентност во правниот промет, односно секој да знае со кого стапува во некаков однос, а вториот аспект е целосно усогласување со прописите на ЕУ за спречување на перење пари.
Правните акти се изготвени, во моментов сме во фаза на затворање на спецификацијата за изготвување на софтверското решение и регистарот очекувам да биде пуштен во употреба до последниот квартал на оваа година. Се работи за комплексно решение кое ги поврзува Централниот Регистар, како носител на регистарот на вистински сопственици, Управата за финансиско разузнавање, како надлежен орган, сите финансиски институции во земјата, како и сите субјекти кои се должни да учествуваат во спречувањето на перење пари.
За овој проект имаме финансиска поддршка од Германската Агенција за Меѓународна Соработка (ГИЗ), а на самите почетоци експертска помош добивме и од Советот на Европа.
Наскоро ќе се одржи важна светска конференција на која домаќин ќе биде Централниот регистар? За каков настан станува збор…
Особено сме горди што од 7-11 април ја имаме можноста да бидеме домаќин на Форум од толку големи размери. Да се има можност да се биде меѓу најдобрите во светот од областа на започнување бизнис, истовремено и привилегија да се слушнат говорници и искуства од светски реномирани гиганти во нашата земја е резултат на успехот на Централен регистар како институција и како истакната членка на меѓународните асоцијации, како што се Европската бизнис регистарска асоцијација – EBRA, Корпоративниот Форум на бизнис регистри – CRF, International Association Commercial Administrators – IACA итн.
Она што сакам да го истакнам како водечка мотивација за вложениот напор да се донесат преку 150 делегати од буквално сите континенти е претставувањето на македонските визионери пред светот. Горда сум на успешните бизнис приказни на наши простори и сакаме да се пофалиме пред светот со истите како земја.
Делегатите на Форумот ќе имаат ексклузивна можност да чујат за дел од тие успешни бизнис приказни, а искрено мислам дека ќе постигнеме огромен успех следејќи ја главната тематика на овогодинешната конференција – Бизнис регистрите како поттикнувачи на меѓународната соработка и трговија, а аутпутот од петдневните работни сесии, размена на најдобри практики и искуства ќе биде ширење на меѓуинституционалната и бизнис соработка како и дисеминација на идеите за отпочнување на бизнис на глобално ниво.
Следејќи ги светските трендови на развој на системите кои се сржта на оваа институција, бизнис климата во државава можеме да ја поделиме на два суштински периода: Пред меѓународна афирмација на Централен регистар како база на македонската економија и после активно вклучување на институцијата на меѓународно ниво.
Токму затоа е голема чест што во Македонија ќе се оддржи светска конференција од ваков тип, на која ќе присуствуваат претставници на бизнис заедницата, носители на одлуки и луѓе кои имаат големо влијание во секторот на глобалните деловни регистри.

Извор: Капитал

Коментирај