Малески бара поддршка за владата во „битката која не може да се добие“?!

0
498

Размислувајте и анализирајте, но немојте да поставувате никакви услови. Дајте им безусловна поддршка на премиерот Заев и на шефот на дипломатијата Димитров во преговорите со Грција, бидејќи тие само го спасуваат бродот кој тоне! Поранешниот македонски министер за надворешни работи и амбасадор во ОН, Денко Малески бара јавноста и граѓаните да не прашуваат ништо и да не поставуваат никакви услови врзани за преговорите со Грција бидејќи овие двајца политичари, премиерот и министерот, и онака повеќе од сите други во земјава, сакале да се вратат од таа битка како победници. Проблемот, за жал, ламентира Малески, бил во тоа што Македонија во таа војна не може да победи.

„Но, во ваков спор, целосно асиментричен, во кој моќта е само на едната страна, победа не е можна. Всушност, како што покажуваат изминативе триесетина години, моќната страна може да биде покрената во барање решение само под притисок на сила поголема од сопствената. Тоа, во моментов, е силата на Америка и на ЕУ, раководена, примарно, од безбедноста на западниот сојуз, но и нашата. Меѓутоа, овие држави, со својот притисок, нема да можат да одат дотаму за да ги нарушат односите со Грција, нивен важен и незгоден стратешки партнер. Значи, отстапките кои Грција ќе ги направи, во голема мерка, зависат од западниот притисок, кој и самиот има граници – единството на нивниот сојуз“ – пишува Малески.

Значи, долгогодишниот професор по право, дипломат со огромно искуство и еден од најголемите живи интелектуалци во земјава, бара да им се даде апсолутна и неусловена поддршка на двајца политички првенци, во битка која не можат да ја добијат, односно логично, можат само да ја загубат! И тоа бара, во манир на интелектуален самоубиец, да им се даде поддршка во битка, која секако ја губат, заборавајќи да спомене дека таа битка, која не може да се добие не е нивна туку е во име на целата нација и поразот (очекуван и евидентен поради моќта на противникот) нема да ги засега само нив туку ќе падне врз грбот на сегашната но и врз сите идни генерации Македонци.

Малески инсистира дека целата приказна со преговорите всушност е фарса.

Вели: „запалените рефлектори, камерите, новинарите и конференциските маси, не треба да нѐ залажува. Таа јавна манифестација на еднаквост на претставници на две држави, имено, е лажна. Формално-правната еднаквост на државите не може да ја замени нивната фактичка нееднаквост во односот на моќта која ја поседуваат“. И бара да бидеме благодарни! „Да бидеме благодарни што некој се зафати со поправање на пустошот кој зад себе го оставија двата национализми, грчкиот и македонскиот, и тоа да го оцениме како чин на голема лична храброст“.

Професорот Малески го подучува читателот дека во меѓународната политика, во принцип, а во нашиот случај особено, изборот е помеѓу две зла а каков и да биде исходот, луѓето во Македонија ќе бидат незадоволни од резултататите на своите политички репрезенти: за едни, во случај на компромис, дека отишле предалеку во попуштањето, додека за други, во случај на неуспех на преговорите, дека не попуштиле доволно за да се спаси народот и државата.

А предавањето го завршува со потсетување на еден политички есеј од Бернард Шо, кој пишува дека кога продира вода во бродот, не е време за расчистување стари сметки или за условувања. Тогаш, имено, секој треба да се фати за пумпа или за кофа. Тоа е точно, но почитуваниот професор би можел и самиот да се запраша дали воопшто ќе има било каква причина некој да се обидува со кофи и пумпи да го спасува бродот, ако тој веќе се наоѓа на дното на морето.

Извор: Експрес.мк

Коментирај