Македонските кошаркарки ги очекуваат противничките во квалификациите за ЕП 2019

0
261

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија, која пред неполн месец повторно беше активирана, а по пауза од речиси три години, денеска ќе ја очекува ждрепката за претстојниот циклус на квалификации.

Македонските кошаркарки предводени од новиот селектор Марјан Лазовски, попладнево ќе ги дознаат своите противнички во квалификациите за Европското првенство 2019 година што ќе се одржи во Летонија и Србија.

Македонија ќе биде ждребана од четвртиот „шешир“ во кој се уште и селекциите на: Финска, Бугарија, Босна и Херцеговина, Португалија, Естонија, Швајцарија и Албанија.

Во првиот „шешир“ се сместени првопласираните осум селекции од последното Европско првенство: Шпанија (актуелен европски шампион), Франција, Белгија, Грција, Турција, Италија, Словачка и Русија.

Од вториот „шешир“ ќе бидат извлечени селекциите на: Украина, Унгарија, Чешка, Словенија, Белорусија, Црна Гора, Израел и Шведска.

Во третиот „шешир“ се сместени: Хрватска, Романија, Велика Британија, Полска, Холандија, Исланд, Литванија и Германија.

32-те репрезентации кои ќе се борат за 14-те слободни места на првенството (директен пласман обезбедуваат само домаќините Летонија и Србија) ќе бидат поделени во осум групи по четири репрезентации.

Според новиот систем на натпреварување, квалификациите ќе се играат во три „прозори“ и тоа првиот од 6 до 16 ноември годинава, а следната година во периодите од 5 до 15 февруари, односно 12 до 22 ноември.

По одигрувањето на шесте кола во секоја од групите (дома-гости), првопласираните од осумте групи како и шест второ рангирани селекции ќе обезбедат пласман на Евробаскетот 2019 година.

Коментирај