Македонската химна и знаме во Нирбургринг: Иџе победи на најтешката патека – „Зелениот пекол“

0
11005

Летечкиот Македонец, автомобилист Игор Стефановски – Иџе постигна одличен резултат откако на втората трка на патеката во Нирбургринг го освои првото место и на двете трки на оваа патека денеска успеа да се искачи на победничкиот подиум. Стефановски во првата трка беше второпласиран.

Idze-Pobeda

Патеката „Нордшлајфе“ денеска претставува микс од модерниот автодром (околу 4 км) и делници од старата патека каде што Формула 1 се возеше пред половина век (околу 22 километри), поради што се нарекува најтешката патека на светот. Се возеа само три круга, при што Стефановски стартуваше седми (според правилото за обратен редослед на првите 8 возачи од првата трка). Веќе до крајот на првиот круг тој се проби на второто место и во текот на вториот круг му правеше притисок на Петар Рикли. Во последниот круг тој влезе со заостанување од само половина секунда зад возачот на Хонда и до крајот успеа да го помине и да слави голема победа.

За нашиот возач ова е втора победа во ЕТЦЦ шампионатот откако првата ја имаше лани, но ова е прв триумф со неговиот тим.

Второто место во втората трка го освои Португалецот Фабио Мота, третопласиран е Петр Фулин од Чешка, победникот од првата трка. Тоа значи истите тројца возачи се најдоа на подиумот на двете трки.

Нашиот возач од денешните две трки освои вкупно 18 поени со што ќе го подобри својот пласман.

Коментирај