Македонија дел од мултикултурен фестивал во Канада

0
432

Македонската култура и традиција беше претставена на мултикултурен фестивал што од 26 до 28 мај се одржа во градот Мисисага, Онтарио, Канада.

На фестивалот, кој е еден од најголемите во Канада, учествуваа 30 павилјони претставувајќи 80-тина светски нации меѓу кои и македонската. Организатор на македонскиот павилјонот е македонската православна црква „Св. Илија“ од Мисисага.

Според менаџерот на фестивалот Боне Темелков и заменик-менаџерот Зоран Иваноски, македонскиот павилјон за време на трите фестивалски дена го посетиле околу 30.000 посетители. Биле претставени македонските традиционални специјалитети: тавче гравче, македонски пити, ајвар…, а македонската историја била претставена во изложбен историски дел исполнет со фотографии, факти и други реликвии од македонското богато фолклорно минато.

Фестивалот бил отворен на традиционален начин со молитва, погача и вино осветени од парохискиот свештеник протоереј Константин Митровски кој го благославил посакувајќи му успех и бериќет.

На фестивалот настапиле македонските фолклорни групи: „Илинден“ од црквата домаќин „Св.Илија“ од Мисисага, Ансамблот „Македонка“ од македонската православан црква „Св. Климент Охридски“ од Торонто, Ансамблот „Здравец“ и КУД „Билјана“ од црквата „Св. Димитрија Солунски“ од Маркам, како и музичките уметници Соња и Оливер Бенд, Веле Тошевски и Ице Димитровски.

Годинава на фестивалот настапила и фолклорната група „Македонски танец“ од црквата „Св. Богородица“ од Колумбос Охајо, САД кои реализирале возвратната посета на ансамблот „Илинден“. На фестивалот настапил и познатиот мексикански поп пејач Јордан Еваноф чии корени се од Егејскиот дел на Македонија.

Македонскиот павилјон го посетиле и македонскиот амбасадор во Отава Тони Димовски, генералниот конзул на Република Македонија во Торонто Јовица Палашевски и други локални политичари и учесници во јавниот и културниот живот на Канада.

Коментирај