„Лидер“: Филипче, Васев и Пановска во акција- без тендер доделени 24.6 милиони за веледрогеријата „д-р. Пановски“

0
261

Економски Лидер открива нов скандал со трошењето на пари во здравството. Поради јавниот притисок кој го инициравме токму ние, на министерот Венко Филипче не му успеа да го протне тендерот за центализирана набавка на реагенси за лабораториите во јавните здравствени установи во Република Македонија, но, операциите за делење на пари на родните на функционери во министерството, според документите до кои стигнавме – се покажуваат како прилично успешни.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ за лидер.мк

(забелешка: На крајот од статијата има линк до целосните договори за набавка)

Документите покажуваат дека веледрогеријата „д-р Пановски“, во периодот од 01.06.2017 – 23.07.2017 примила 24.6 милиони денари или 400.000 евра без притоа за набавките да се распише тендер. Со овие набавки евидентно е дека постои интенција да се заобиколи законот за Јавни набавки со кој е предвидено за овие суми да се распише тендерска постапка и аукција.

Од институциите се правдаат дека се работи за интервентни набавки, но ситнењето на истата набавка на повеќе месеци, покажува дека намерно се склучуваат договори во четири очи. Што според законот е кривично дело.

Ќерката директорува, таткото заработува милиони

Веледрогеријата „д-р Пановски“ е во сопственост на Златко Пановски, кој е овластен потписник на сите договори. Пановски е татко на Ирина Пановска Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија, назначена од Министерот за здравство.

Во пракса се покажува дека додека ќерката директорува, таткото заработува милионски цифри од здравствените установи кои ги водат нејзините колеги. Во исто време, симптоматично е што Пановска важи за блиска пријателка на министерот Филипче со кој не го кријат пријателството и заедничките појавувања во јавност а веледрогеријата на нејзиниот татко е и официјален спонзор на владејачката СДСМ.


Ирина Пановска – Ставридис, директор на Клиника за хематологија

Укинувањето на Советот за јавни набавки, што беше една од првите реформи кои ги донесе владата на СДСМ, отвори токму можност за вакви активности. Сека повторно, како некогаш, се доделуваат милионски суми без тендерска постапка.

Листата на склучени договори и сумите за истите со веледрогеријата „д-р. Пановски“:

Договор за набавка на лекови RITUXIMAB склучен со ЈЗУ Клиника за Реуматологија на ден 24.04.2018 година во вкупен износ од 5.250.000,00 денари;

Договор за набавка на кеси за земање на крв склучен со ЈЗУ ИНСТИТУТ ЗА ТРАНСФУЗИОНА МЕДИЦИНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СКОПЈЕ на ден 15.05.2018 година во вкупен износ од 4.859.712,00 денари;

Договор за набавка на Вемурафениб таблети 240 мг склучен со ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија на ден 19.03.2018 година во вкупен износ од 5.700.000,00 денари;

Договор за набавка на Вемурафениб таблети 240 мг склучен со ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија на ден 16.03.2018 година во вкупен износ од 2.100.000,00 денари;

Договор за набавка на ВЕМУРАФЕНИБ таблети 240 мг склучен со ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија на ден 11.01.2018 година во вкупен износ од 4.095.000,00 денари;

Договор за набавка на лекови склучен со ЈЗУ Клиничка болница Битола на ден 13.02.2018 година во вкупен износ од 151.200,00 денари;

Договор за набавка на инсулин склучен со Министерство за здравство на ден 27.12.2017 година во вкупен износ од 2.500.000,00 денари;

Договори во четири очи, истиот лек, со три различни цени!

Нашето истражување за набавките во четири очи со веледрогеријата „д-р Пановски“ покажува дека најсомнителните договори ги потпишувал директорот на Универзитетската клиника за радиологија и онкологија д-р Никола Васев.

Васев склучил 3 договори во четири очи во само 3 месеци за набавка на лекот Вемурафениб а во сите три договори единечната цена на бараните таблети е различна и единствена причина за спроведување на ваков вид на постапка е причини од крајна итност.

др. Никола Васев, директор на Универзитетската клиника за радиологија и онкологија
Ова наведува на заклучок дека користењето на овој вид постапка не е оправдување бидејќи станува збор за очигледен пропуст на Институтот, кој бил должен да го планира, како количеството, така и очекуваниот почеток на јавната набавка, за да не се доведе во ситуација да има недостаток на потребната количина на лекови и како последица на тоа да користи нестандардни постапки коишто треба да бидат исклучок, а не правило.Договорите се склучувани без преговори, односно, веледрогеријата „д-р. Пановски“, дава цена која клиниката ја прифаќа. Не постои аукција, ниту пак прибирање на понуди од други компании.

Сомнителни се и самите единечни цени коишто се постигнати, односно „наметнати“ од „д-р Пановски“, а кои варираат во секоја од спроведените постапки иако се работи за ист вид на стока (Вемурафениб таблети 240 мг).

Согласно првиот договор, цената за едно пакување, без ДДВ изнесува 696,4 денари.

Во вториот договор, за следниот месец, цената расте и едно пакување на Вемурафениб чини 728,86 денари.

Цената за едно пакување од истиот лек, еден месец подоцна станува 885 денари.

Ова говори за евидентно оштетување на буџетот, ако се има в предвид дека цената за еден ист лек за само три месеци се зголемила за цели 200 денари. Пресметано во милиони, какви што се набавките, оваа разлика доведува во огромен профит за веледрогеријата д-р Пановски.

Во прилог трите сомнителни договори со „д-р Пановски“:

Договор 1 – https://drive.google.com/file/d/1vdsUYbUoPfx4_wyxAYRI_xDo-8uDIQWD/view?usp=sharing

Договор 2 – https://drive.google.com/file/d/13cAlOE8xXBFoCBu_30TZKudJA6keGcM9/view?usp=sharing

Договор 3 – https://drive.google.com/file/d/1m_uhuU5dvX_X1L2Ss7_OIqU56sWZfuhr/view?usp=sharing

Извор:Курир

Коментирај