Лавров: Не смее да се дозволи вооружен судир на Балканот

0
652

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека тензиите на Балканот драстично се зголемени и додаде оти се надева дека сите ќе сфатат дека не смее да се дозволи избивање на нов вооружен судир.

Тој истакна дека и косовските сили не треба да бидат присутни во областите на северно Косово, кои се населени со Срби.

– Европска унија е должна да ја смири ситуацијата и да овозможи примена на договорот што е постигнат меѓу Белград и Приштина. Се надевам дека овој пат сите ја разбираат неопходноста за избегнувцање на вооружен судир, посочи Лавров годишната прес-конференција за резултатите на Министерството за надворешни работи во 2016 година.

Тој прес-конференцијата ја почна со прашањето за заканата од меѓународниот тероризам, истакнувајќи дека Москва е загрижена и оти жали поради фактот дека меѓународната заедница „и понатаму не може да формира заеднички фронт против тероризмот“.

Лавров додаде дека Русија е подготвена да соработува во борбата против тероризмот со која било држава, како и со САД, Европска унија и НАТО врз основа на взамено почитување.

– Таквата соработка мора да биде постигната без наметнување на странски вредности на партнерите и сојузниците, истакна Лавров.

Тој  оцени дека новата американска администрација ќе има поинаков пристап.

– Тие не планираат да користат двојни стандарди. Тие немаат намера да ја користат борбата против тероризмот за покривање на сопствените интереси, посочи Лавров.

Зборувајќи за руско-американските односи со администрацијата на Трамп и за перспективите на развој на односите со САД, Лавров наведе дека руските власти се реалисти и набљудуваат како новата американска администрација се подготвува за својот мандат.

– Дури кога новата администрација ќе почне да работи, ќе можеме да зборуваме за некои перспективи, посочи Лавров.

Тој изрази надеж дека Русија и Трамп ќе можат поефикасно да соработуваат за Сирија отколку со администрацијата на Барак Обама.

Коментирај