Ламбе Арнаудов до Заев: Ако не го послушаш гласот на народот ќе станеш негов најголем насилник

0
2084

Чемерот и Љубовта се брат и сестра близни, осудени на неразделно патување низ вечноста. Колку е поголем чемерот толку повеќе ја оснажува љубовта.

Отворено писмо до Премиерот:

Во пресрет на големиот Илинденски празник го пишувам ова писмо за да ве убедам во мојата искрена намера дека немам за цел дополнително радиоактивно да го озрачам својот народ и да го контаминирам општеството, туку напротив, правилно да бидам сфатен за благородноста и привилегијата што произлегува од караницата, а тоа е општото помирување, со кое целосно ќе ги разоружаме гневот, омразата и особено одмаздата.

Текстов го пишувам во прво и второ лице еднина, јас и ти, а ќе се однесува на нас и вас строго поделени вдолж проклетата македонска дваесетта паралела.

Знам, дежурните моралисти веднаш ќе реагираат со тоа кој сум јас, со кое право и како се осмелувам да му пишувам на Премиерот.

Љубовта кон својот народ и татковината е неотуѓиво за навек патентирано авторско право на секој поединец кое се стекнува со неговото рожденство и трае ćе до преминувањето, а за некои и потоа.

Имам право да пишувам и затоа што никогаш не сум бил политичар во заседа, а мојата политичка хигиена е чиста како моминска солза, а брадава што ја носам половина век не е фасада за мојот вистински лик.

Пишувам и затоа што чувствувам обврска и одговорност за мојата суверена, независна и самостојна Македонија во која како и многу други имам вградено можеби само еден камен или камче, макар и зрно песок, ама е вградено несомнено во темелот на државата. Со тоа, со право сум дел од приказната за луѓето кои ја создаваа самостојна Македонија.

Пишувам и затоа што ми здодеа да ја слушам жестоката маркетиншка пропаганда за најновиот производ наменет исклучиво само за извоз произведен во лаборатории на странски држави (патем најсовремениот одбрамбен систем од една велесила се вика Патриот), со што се промовира новиот вид на патриотизам, преименуван во реформи за подобар живот. Никогаш досега и никаде не сум слушнал да се купуваат реформи а да се платат со патриотизам. Тешко ќе ме убеди некој дека силните жртви што мојот народ ги дал во ајдуштвата, востанијата, балканските и светските војни ги даде за реформите на Прибе и Ван Хојте.

Секогаш сум за реформи, ама сум сигурен дека без патриотизам тие нема каде да можат да се спроведат, затоа никогаш не мешајте патриотизам и реформи.

Ова се дел од причините. Но, најнепосреден повод за моето обраќање е повторното огласување на твоите советници, колумнисти, пишувачи на рецепти и формули како да го сотреш до корен ВМРО. Имено, деновиве во печатот се појави формулата која гласи 10-100-1000-10.000-174.000 вкупно 185.110 вмровци твој народ ќе биле репресирани и подложни на одмазда од новата власт.

Каде им е паметот? Со 100.000 репресирани граѓани од 100 милиони колку има жители Турција од Ердоган правите диктатор. Ами ние со помалу од 2 милиони население 10% ли ќе го репресирате. Срамота невидена! Советничиња – бубрежиња во лој, кои никогаш не биле навредени, повредени или раскрваени те советуваат да бараш крвнина од својот народ. Се надевам дека нема да ги послушаш затоа што нивната ваквата намера може да те втурне во длабок амбис и од лидер да те претвори во автонационалист. Автонационалист е познат термин во социополитичките науки за луѓе кои се претставуваат демократи и либерали и во мултинационалните држави со кои раководат навидум сите се среќни и задоволни, на сметка на поголем дел од нивните мнозински народи кои не се согласува со нивните политики за што подложени на жестоки репресии.

Оние, малкумина кои редовно ме читаат сигурно ја препознаваат мојата вљубеност во брилијантното LACONICA BREVITAC изразување на Хемингвеј и затоа и сега ќе се обидам да го прилагодам воведот од романот „За кого бијат камбаните“ за содржината на овој текст:

Ако некогаш навредиш некој свој близок не се прашувај кого си навредил. Ако некогаш си навредил твој сограѓанин повторно не се прашувај кого си навредил. Ако некогаш си навредил било кој од твојот народ, немој да се прашуваш кого си навредил. Ако некогаш си навредил непознат некаде на крајот на светот, и тогаш не се прашувај кого си навредил. Си го навредил човештвото.

Затоа, никогаш не се прашувај кого си навредил. Си се навредил самиот себе.

Секако ова важи за луѓето, бидејќи не секој што однадвор се облекол во човечко руво е и човек. За ваквите подолу и ќе стане збор.

Денес, господине Премиер, најдоминантна наука во светот е кибернетиката која ги приближува или ги изедначува природните и физичките закони со општествените. Третиот Њутнов закон за акција и реакција можеби е и најважен за сегашните трендови во Р Македонија. Затоа одсега натаму во овој мини расказ главни ликови ќе бидете твојот народ, ти и Законот за акција и реакција.

Мојата стопроцентна пацифистичка визура воопшто не е дискутабилна и е препознатлива од далеку. Светот може да ги има сите убави работи на куп и достапни за секого, но нема да биде среќен ако и понатаму има насилство. Свет без насилство е мојата животна опсесија и секогаш упорно ќе се борам за тоа. Но уште пожестоко и непомирливо ќе работам на одстранување на причините и мотивите што доведуваат до насилство и затоа нема преиспитување на мојата совест во врска со настаните од 27 Април. Дај Боже никогаш и никаде да не се повторат. Често сум бил жртва на насилство. Ме тепале мене сам. Го тепале мојот покоен татко. Го тепале татко ми пред мене, но и мене пред татко ми. Нé тепале и двајцата заедно. Нас и многумина нé тепаа професионалци, нé тепаа и дивјаци. Но, најкрволочно нé тепаа хонорарните тепачи кои дење работеа на своите редовни работни места, а ноќе се претвараа во вистински чудовишта жедни за крвта и коските на своите сограѓани. Еден од нив дури беше почитуван народен даскал.

Нé тепаа за уривање на уставниот поредок нарекувајќи не терористи, анархисти, иредентисти, ванчовисти … мене тинејџер средношколец, татко ми рибар полуписмен човек. Не се налутивме.

Им простивме и на оние што побараа прошка и на тие тврдокорните кои остана на своето, за кои изразувам далеку повеќе почит. Им простивме затоа што беа во право. Го бранеа тоа во што единствено веруваа. Им простив и затоа што сум воспитан – кога ќе бидам најсилен да бидам најмилосрден. А бев. И, кога видов дека можам да се одмаздам погледав околу себе. Сé беше исто. Ѕвездите ноќе беа на своето место, сонцето изгреваше, заоѓаше, исти беа планините, реките… Луѓето и понатака работеа, се дружеа, се радуваа и тагуваа. Си реков кој си ти ова сé да го менуваш и да си поигруваш со човечки судбини. Неможеш и несмееш…

Но најмногу им простив затоа што и тие беа дел од мојот народ од кој и јас произлегувам и на кого припаѓам. Денес, нивните синови, ќерки, внуци се мои другари, пријатели, честити луѓе, хранители на своите семејства, воспитувачи на нивните деца, демократски определени луѓе и врвни професионалци на своите работни места. Милина и радост го исполнува моето срце,презадоволен од самиот себе што не паднав во стапицата на најлошиот човечки порок – одмаздата. Ова е твојот народ.

Сега нешто и за контраверзноста за настаните од пред 27 Април и неколку денови подоцна.

Разни провокатори и саркастичари навредливо ги прашуваа учесниците на протестите демек зошто скитале? Од што сте опседнати? Која сила сте та нешто да направите?

Бидејќи што и да ви одговорам нема да ми поверувате, па ќе ве упатам одговорот да го добиете од оние на кои безгранично им верувате. Им верувате и кога ве обработуваат, кога ве доработуваат и кога ве преобратуваат. Во ветената земја, во градот на Ангелите, во филмското азно Холивуд се наоѓа Академијата на филмската уметност. Во категоријата на 100 највпечатливи ликови без рангирање и редослед на обичен човек-борец е и ликот на „Манданата“ од филмот Мис Стон. На прашањето на преобратувачката по вера упатено кон Манданата, цитирам: „Како не ти е срам и зошто си оставил дома 5 дробни, голи, боси, изгладнети дечиња и нејака жена, а ти си зел пушка во рака и скиташ по планините.“ Погледајте го одговорот на Манданата што започнува вака: „Што мислиш мајче, јас сакам ?… …“ И ќе ви биде јасен одговорот.

И на второто прашање од што се опседнати, повторно одговорот ќе го најдете на истото место. Сега, во 100 највпечатливи сцени од истиот жарн е и сцената кога Г-ѓа Цилка се породува и бара четата да го крсти бебето, сите во еден глас повикаа, нека се вика, нека се вика Автономија. Ете, тие нашите предци скитаа опседнати да направат своја сопствена држава во која ќе живееат слободни и среќни како другите народи. Денес 115 години подоцна луѓето скитаат опседнати да ја сочуваат својата држава. Без разлика што злобниците им припишуваат разни фобии, филии, идеолошка припадности и им оспоруваа автентичност на идентитетот. Тоа е, твојот питом но истраен народ.

А, за силата, енергијата и решителноста може секој добронамерен човек да ви го даде вистинскиот одговор. Беше тоа најбројната, најхрабрата, најдобро технички и технолошки опремена, непобедлива војска до заби наоружана со најмодерното оружје досега произведено од конструкторот Махатма Ганди, а тоа е љубов, мир, толеранција, солидарност, слога, но и нескршлив дух. Беше тоа војска која не убиваше, туку создаваше живот. Каде и да се завртеше ќе забележеше млади родители со бебенце во рацете. Таа војска и не рануваше, ами залекуваше и лечеше.

Војска која не разорува туку гради, која не разделува блиски туку зближува далечни. Оваа војска не продуцира бегалски кампови туку обезбедува топли домови.

Војска која место војници имаше миротворци, а место куршуми топли пораки, дури немаше ни фарба за да ги сквернави нашите паметници и институции, но затоа имаше доволно црвена боја да ги вапца Велигденските јајца кои симболизираат Воскресение.

Оваа војска немаше команданти, офицери, чинови, немаше поручници, мајори, полковници, генерали, наспроти тоа имаше татковци и мајки, синови и ќерки, дедовци и баби, внуки и внуци.

Тоа беше војска која немаше родови единици и формации, ескадрили, чети, баталјони, бригади, полкови, дивизии… Но, затоа имаше семејства, маалски другари, квартови, села, градови.

Немаше ни борбена тактика, ниту воена стратегија, ама имаше безгранична љубов кон татковината и својот народ. Ете затоа оваа војска е непобедлива. Непобедлива е и затоа што во своите редови ги имаше најголемите јунаци што дотогаш ги имам видено, вистински светци на маршот. Тие луѓе секогаш сум ги сметал еднакви со мене, но тогаш кога ги гледав како храбро рамо до рамо со сите гордо маршираат подпомогнати од своите медицински помагала, инвалидски колички, дрвени бастуни, алумински патерици и бели стапови се почуствував многу мал споредено со нивната големина, димензии и пропорции достојни за почит и длабоко поклонение. Тие јуначишта на сите нас ни залепија по една жешка шлаканица. На тие што имаат образ, нема долго да им се познаваат нивните пет прсти, ама додека сме живи ќе ја печат нагризуваат нашата совест, а на оние кои место образ имаат ѓон уште на живот пеколски ќе им ја измачуваат нивната душа. Ех, луѓето од оваа војска, од едни бедници кои се никој и ништо, кои се никој и ништо од кога се родени, тикви зелени кои по цел ден се греат на топлото македонско сонце, а никако да созреат… беа срамно навредувани дека се будали, пијандури, бандити, фашисти, за на крај и да им биде речено дека во нивните глави место мозок имаат фекалии (да ми простите измет). Нечуено ! Луѓе, домаќини, родители, столбови на семејствата, чувари на фамилијарните вредности, самохрани мајки, деца без родители, но и комплетни семејства кои според бројноста забележана во одредени денови низ улиците на македонските градови го остваруваат половина од бруто домашниот производ, така да ги навредуваш е грев.

Сите знаеме дека единствениот кој досега го имаше изедначено човечкиот мозок со фекалии е најперверзниот фашистички злосторник кој клонираше фирерчиња за големиот водач. Беше тоа проколнатиот монструм, срамот за медицината, доктор Менгеле. Денес 80 години подоцна внучињата на Менгеле во Македонија, твојот народ го нарекуваат фашисти. Вие мали менгелчиња, вие имате мозок ама вијугите ви се наопаку поставени како и кај вашиот дедо и затоа немате фекалии само во главата туку сте фекалии од глава до петици. Фекалиите, оние надежните, денес се прочистуваат во пречистителни станици. Ама вас сите пречистителни станици на светот заедно не можат да ве прочистат, и затоа сте оставени да се удавите во сопствените фекалии. Вас и на сите останати мршојадци ви порачувам: Зајакнете ги цврсто своите крилја за вечно кружење. Никогаш нема да се насладувате на гозбата чекајќи да угине жртвата. Таа не умира.

Таа е твојот народ господине Премиер.

Тоа беа денови кога македонските граѓани го насликаа највредното уметничко дело кое ги надмина мајсторствата на генијалните уметници Микеланѓело, Да Винчи, Караваџо, Ел Греко, Пикасо и други, слика која не може да се смести ни во Лувр, ни Прадо Ермитаж, Лондонската и Њујоршката галерија и за која нема доволно богат колекционер што може да ја плати. Таа е уметничка композиција на која истовремено се претставени епопеја, срам и предавство. Од тоа каде, кој е насликан – или ќе се прослави или ќе се посрами.

Тоа што твојот народ тогаш го правеше одекнува во вечноста.

Тоа што тие го правеа тогаш докажува дека знаат зошто се родиле, дека уште сега ги дофатиле ѕвездата на славата и заработиле безсмртност во очите на нивните деца и внуци. Со тоа што тие го правеа тогаш потврдија дека се украс на човечкиот род. Гласот што се слуша и при најголема бука, гласот што громко одзвонува и на најголема оддалеченост, гласот кој силно одекнува и кога нема никаков глас, тоа е гласот на народот.

Народот никогаш не се обесхрабрува од лошото што привремено го снашло.

Народот знае дека непостои штета што човекот може да ја направи, а раката на Господ да не ја поправи. Тој што ја сака татковината, тој што се бори за татковината, тој што ја брани татковината, тој го послушал Господ. Господ него го благословил и го наградил со негнилежен венец.

Сега нешто и за оние поблагите критичари, катастофичари, подбуцнувачи и подизведувачи, но ништо помалку опасни…

Се додека вие измислувате лаги за нас, ние ќе ја кажуваме вистината за вас. А, вистината е таа ! Ако е охридскиот рамковен договор донесен за да се стави крај на едно крвопролевање тогаш е сосема оправдан. Во ред е затоа што унапредувањето на човечките права не е на штета на никого, а потписот на сите политички партии на рамковниот договор му даде печат на референдумско изјаснување, со што се потврдува конечноста на овој документ.

Меѓутоа нецели две години подоцна конечноста на Охридскиот рамковен договор беше грубо прекршена со донесување на Законот за територијално разграничување на општините со кој пак радикално се промени географската и демографска анатомија на РМакедонија. Ако на ова ја додадеме Тиранската платформа од 7 Јануари Божиќ 2017, за која ти тврдеше дека не постои а на македонскиот народ истовремено му даваше гаранција дека нема да ја спроведеш Македонија од суверена, самостојна и независна држава автоматски се рециклира во остаток од остатоците или остатоци од остатокот.

Зошто се лутиш на твојот народ кој низ своето историско минато научил да препознае опасност, навреме да реагира и да се заштити. Во мојот роден град Охрид во старата чаршијата, за состојби кои беа очигледни имаат една изрека: Волкот го гледаш, трагата не ти треба.

Ова е твојот народ и Закон за акција и реакција.

Во тоа време некако се совпаднаа и датумот кога планетата Земја го славеше Денот на Спиењето. Седнав и напишав еден текст и имав намера да го објавам точно на пладне за да не им го расипам мирниот, спокоен и длабок сон на сите оние кои со широко затворени очи спијат по цел ден и ноќ. Бидејќи тој ден беше само неколку дена пред Денот на пролетта го одложив објавувањето надевајќи се дека со доаѓањето на пролетта кога сé се живо разбудува ќе се разбудат и овие тешки хиберничари. Попусто, нив ништо не ги буди. Овие, Смаил Ага Ченгичиите заедно со ласкавците се најбројни. Ама и тие се твој народ. Сепак ако ти помогнале исплати ги и испрати ги, што подалеку и нека си ги живееат нивните бескорисни животи. Тие се час со мене, час со тебе, никогаш не се против некого, секогаш се со секого, но затоа цел живот се сами со себе.

Господине Премиер! Искина многу рала чевли додека те поставија за премиер. Сега двете нозе ти се во еден чевел. Решението на формулата за успех е невозможна мисија додека не ги решиш сите непознати… на една отворена врата те чекаат 10 затворени, на 10 отворени 1000 затворени.

Затоа, повикај ги сите политички партии, победете ја сопствената суета, смело направете по неколку чекори наназад за Македонија силно за зачекори напред. Го оставаш надвор од игра ВМРО и повеќе од половина од твојот народ, без нивно учество им ја кроиш судбината на сите.

Немој да ја правиш истата грешка што ние ја направивме 1990 год. кога без учество на Албанците ги донесовме највисоките државни акти, изјаснување на Референдум за независност и Уставот на Р Македонија, акти кои оставија трајни последици по непречено функционирање на државата. Овде упатувам апел и до албанските политички лидери за целосно разбирање на проблемот. Заради сето ова, според Законот за акција и реакција не се знае кога повторно ќе се родат нови, млади лавови со силни заби непополнети со месо, а сосема оправдано од друга страна ќе полетаат млади орли кои повисоко ќе се вивнат и подалеку ќе гледаат. Гледаш, за среќа мегдан меѓу нив нема, а лавовите никогаш не стануваат мрши а и орлите не јадат пцовисано. Така било, така и нека остане меѓу Македонците и Албанците. Тука се и реформите

3-6-9 и Договорот за добрососедство со Бугарија. И за два проекти ти е неопходно целосно национално помирување. Среќен сум, јас кој што никогаш не сум бил скаран со Бугарија да ме мириш ти со кого пак сум скаран ради различните чувства кон Бугарија. Затоа немам никакви суети и предрасуди ако тоа го направиш на задоволство на целиот македонски народ.

Влегуваш во игра и сакаш да се натпреваруваш во најсилната лига во Европа – Европската Лига на шампиони, а на терен изведуваш само половина тим и го имаш заборавено притоа голманот.

Како мислиш да играш, а камо ли да победиш? Екипирај се! Конечно и прибери ги сите расположиви сили и сигурно само така ќе можеш да ги постигнеш зацртаните цели предвидени со реформите.

Советниците и повторно те насочуваат против ВМРО. Остави ја Дон Кихотовската мисија.

Залудно е. Се обиде на телото на ВМРО да ставиш комунистичка глава. За калемот да биде успешен се потребни 80 години и тоа ако фати од прва. Ако пак не фати, потребни се нови 80 години. Како што прочитавме сега на ред е стеблото на ВМРО. А, стеблото на ВМРО е како маслиновото. Неговите гранчиња се симбол на мирот, плодовите хранат изгладнати, лекуваат болни, заздравуваат ранети и повредени и неговата светлина ја растерува темнината и затоплува смрзнати?

Стеблото е толку цврсто ако се обидеш да удриш по него рацете трнат до парализа, рачката се крши, челикот распукува. Во Охрид има маслина за која се верува дека ја засадил Св.Климент Охридски, заштитникот на нашиот народ. Легендата кажува дека некој си насилник за инает од населението кое дрвото го чествувало за свето, зел секира и по првиот удар таа одскокнала и го усмртила удирајќи го сред глава.

Сега читам партиски капиталци ќе биле заштитени сведоци против своите. Од аспект на бомбите г.Премиер ти си досега најголемиот и најнаградениот заштитен сведок. Критериумите кои ти ги постави се високи. Да не случајно некој за сведочењето побара она што ни во сон не очекуваш.

На крај г.Премиер ова можеби шокантно ќе се протолкува, ама тоа е единствената вистина.

Насилството еднаш во Собрание го победи. Не го послушаш ли гласот на народот и повторно победиш, сигурно ти ќе бидеш најголемиот насилник врз твојот народ. Тогаш отиде и народот и твојата татковина „нашата мила убава Република Македонија“ како што педантните статистичари утврдиле дека ја имаш повторено повеќе од 1000 пати.

Г-дин Премиер! Иднината на Македонија што надоаѓа не е судбински предодредена од Господ, таа е плод на твоите одлуки што ти ги носиш денес. Затоа: „Мисли се сабота, да не се срамиш недела“.

Во твоите партиски архиви а сега и владини можеш да запишеш сé и сешто, ама колективната меморија на народот е единствен вистински архив. Додека постои ВМРО ќе има и Македонија. Додека има ВМРО камбаните ќе бијат. Запомни го и ова додека е ВМРО ќе има и СДСМ.

Сосема за крај како и секогаш за себе:
Јас сум Ламбе Арнаудов непроменливата постојана константа од координативниот систем. Таков сум од третата вечер кога ми прорекувале наречниците.

Првата: Пријателите ми велат некогаш сум бил некој и нешто. Сум и сега. Со народот сум.

Втората: Душманите се радуваат дека сум болен. Тешко и неизлечиво сум болен. Утврдена ми е и дијагнозата: “Опседнат скитник“. Ова е единствената болест посакувана од секого. Камо среќа да беше вродена, наследна, хронична, заразна и неизлечива.

Третата: Пакосниците ме прашуваат кои желби имаш та што вака правиш. Немам желби. Имам само една – Да им се исполнат сите желби на мојот народ.

Коментирај