Kоѕијас: Прво смена на уставното име, а потоа влез во НАТО и ЕУ

0
528

ГРЧKИОТ МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ ГИ СKРШИ ИЛУЗИИТЕ НА НОВАТА МАKЕДОНСKА ВЛАДА

Да запрат со иредентизмот и да ги прифатат неопходните измени во уставното име, категорична е порака што завчера до македонските власти ја испрати актуелниот шеф на грчката дипломатија, Никос Kоѕијас. Тој во обраќањето пред приврзаниците на неговото политичко движење „Прато“ во градот Kожани, на два дена пред средбата со македонскиот колега Никола Димитров, потенцира дека грчката влада не отстапува од своите ставови и нема да потклекне под притисоци за прием на Македонија во НАТО под привремената референца, како што интензивно периодов се слуша од разни политички и медиумски извори и во двете држави. Ваквиот став, како што додаде Kоѕијас, ќе му биде пренесен на Димитров со кој, освен за проблемот за името, ќе разговара и за процесот на воспоставувањето на мерките за доверба меѓу двете земји.

– Сакаме решение на проблемите и решение на прашањето за името. Но, нашите пријатели Европејци ги галеа и им велеа – не правете компромиси. Сега кога работите се стабилизираа, повторно ќе дојдат некои (европски политичари) и ќе кажат: „За да ја стабилизираме дополнително државата, да ја внесеме во НАТО и ЕУ?“ Ние немаме ништо против, но тие треба да ги исполнат своите обврски, што значи дека треба да престанат со иредентизам и да направат компромис во спорот за името – изјави Kоѕијас во Kожани додавајќи дека македонските политичари мора да ги прифатат европските вредности и да покажат култура на компромис.

Според него, с` уште е рано да се зборува дали двете држави се поблиску до решение за името.

– В среда доаѓа министерот за надворешни работи на БЈРМ за да дискутираме за тоа како можеме да ги развиеме нашите врски, имаме предлози за дополнителни мерки за градење доверба и да дискутираме за тоа како може да разговараме за спорот за името. Нема да зборуваме за името, туку ќе зборуваме за методот – кажа Kоѕијас.

Според грчкиот министер Kоѕијас, новите изјави на македонската влада кон Грција имаат пријателски тон, но од разговорите ќе се процени дали тој е суштински или е само обид да се олеснат работите бидејќи македонската влада смета дека без промена на името може да влезе во меѓународните организации.

Kоѕијас вели дека Грција сака Македонија да биде стабилна и поради тоа и работи на мерките за градење доверба со неа.

– Доколку не е стабилна, некои други соседни држави би можеле да предизвикаат дополнителни проблеми и дестабилизација во регионот – потенцира тој.

До средбата Kоѕијас – Димитров, која ќе биде прва официјална посета на новоизбраниот македонски министер, доаѓа по претходна покана на грчки колега. Никола Димитров во неодамнешното интервју за „Блумберг“ рече дека ќе ги заживее разговорите со Грција и дека за секое решение ќе се гласа на референдум. Министерот, кој беше и преговарач во спорот за името, рече:

– Важно е да се постигне решение што граѓаните ќе го прифатат и со кое нема да се чувствуваат понижено.

Претходно, во други јавни настапи по изборот за шеф на дипломатијата, Никола Димитров рече дека работа на дипломатијата е да гради мостови, да прави пријателства и да отвора врати и перспективи.

– Бидејќи нашиот најголем предизвик за евро-атлантските интеграции се токму односите со Атина, сакам прво во Грција да го претставам новото лице на Република Македонија. Убеден сум дека имаме многу заеднички интереси. Убеден сум дека и Грција има интерес за европска Република Македонија.

Од друга страна, македонскиот премиер Зоран Заев во интервјуто за Македонска телевизија рече дека се надева оти ќе ја убедат Грција да не ја блокира Македонија во нејзините евро-атлантски интеграции.

– Се надевам дека Грција ќе дозволи во НАТО да влеземе под референцата – рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ: Изјавите на Kоѕијас не одат во прилог на добрососедството

Изјавите на шефот на грчката дипломатија Никос Kоѕијас во кои се повторуваат црвените линии на Република Грција не одат во прилог на добрососедските односи, реагира вчера ВМРО-ДПМНЕ.

– Со изјавата дека Република Македонија ќе може да стане членка на НАТО дури кога ќе се реши проблемот што Грција го има со нашето име Kоѕијас не придонесува за надминување на проблемот. Напомнувањето дека Грција нема да потклекне под притисоците за зачленување на Република Македонија во НАТО под привремената референца може да доведе до дополнително закопување на двете страни во сопствените ровови. Зоран Заев и новата влада им ветија на граѓаните дека многу бргу ќе ја внесат Република Македонија во НАТО и ЕУ. Зоран Заев и СДС мора да ги исполнат ветувањата токму како што беа дадени. Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО што побргу, но притоа да не се задира во идентитетските прашања и да не се склучуваат договори на штета на македонскиот народ и држава – се потенцира во партиското соопштение.

Од оваа партија потсетуваат дека Република Македонија ги исполни сите услови за членство во НАТО уште во 2008 година на самитот во Букурешт.

– Само поради непринципиелната блокада од страна на Република Грција во моментот Македонија не е членка на НАТО. – се наведува во соопштението.

Извор: Дневник

Коментирај