Котлар за убиството на Јане Сандански: Во заседа бил погоден, но ја запрел борбата дури кога во неговото тело биле нанижани 11 куршуми

0
3657

Во историјата постојат два вида личности – едни што ја создаваат и други што ја следат. Јане Сандански е од првите, а денес се навршуваат 104 години од неговото убиство. Тој е револуционер, војвода, организатор, идејник и агитатор на Тајната македонско–одринска револуционерна организација (ТМОРО), општественик.

На 10 април (стар стил или на 23 април по новиот стил) кај месноста наречена Блатата на Пирин Планина било извршено неговото убивање. Блиските луѓе и оние што го сакале, отткако го пронашле, го однеле телото на Јане во неговиот дом во Роженскиот манастир и го погребале на едно прекрасно и соодветно место – планинска полјанка на исток од малата црква „Св. Кирил и Методиј“, што тој ја подигнал во 1914 г.

На поставената надгробна мермерна плоча испишани се неговите зборови: „Да живееш, значи да се бориш. Робот – за слобода, а слободниот – за совршенство“.

Jane-Sandanski-natpis

Јане Сандански (1872–1915) е значајна личност на македонското ослободително дeло од крајот на XIX и почетокот на XX век. Главни одредници во неговата револуционерна активност се настојувањето за духовнa и образовнa преродба на македонскиот народ, за неминовна длабока општествена преобразба, доследна борбата за самостојност и за независна македонска република и, секако, високите вредности на човечката личност.

Биографијата на Јане Сандански е пример за еден посветен народен мобилизатор. Тој се покажал како мошне способен агитатор меѓу народот и успешен организатор во привлекувањето на народот и во ширењето и зацврстувањето на организациската мрежа во селата. Сандански е идејникот и главен водач на грабнувањето на американската протестантска мисионерка мис Елен Стон, заради добивање на парични средстава за револуционерната организација (ТМОРО). Оваа афера е клучниот настан што го афирмирал понашироко името на Јане Сандански. Секако, неговиот влог во македонското револуционерно движење е со пошироки димензии и значење. Верен на револуционерниот концепт за ослободување на Македонија, тој од Пиринскиот крај направил тврдина на антиврховистичката борба.

Сандански е најнепосредниот следбеник на Делчев, по чија смрт не постоела друга личност во движењето која можела да се претстави како негов предводник и во организациска и во принципиелна смисла. Како таков, Сандански се истакнал не со зборови и не по заповед, туку и со борбите по улиците на Цариград за соборување на султанот и со сето она што го создал во младотурскиот период (Сандан-паша), во и по балканските војни.

Меѓу бројните пишувања за убиството на Јане Сандански, како покарактеристично е она на непоколебливиот врховист и Јанев непријател, Михаил Дубалаков. Во неговите спомени, пишува: „Една вест во првите денови на април долета со страшен шум од Пирин, соопштувајќи за убиството на Јане Сандански. На 10 април во месноста ʼПапаз–чаирʻ, сред цветните пазуви на Пирин, недалеку од неговиот сакан Мелник, беше најден убиен од ʼнепознатиʼ лица еден од големите водачи на македонската револуција – Сандански… Некои негови блиски раскажуваа како било извршено убиството. Сандански бил нападнат од една чета, којашто поставила неколку заседи по патот, за да не излезе жива жртвата од рацете на злосторниците. Наидувајќи на првата заседа, врз изненадениот Сандански бил истурен дожд од куршуми. Погоден уште во првиот налет, Јане не ја загубил присебноста на својот дух, скокнал од својот коњ, легнал, започнувајќи престрелка, којашто продолжила речиси еден час. Сандански ја запрел борбата дури тогаш кога во неговото тело биле нанижани единаесет куршуми, што биле испукани од манлихерите на прикриените назад стрелачи. За да ја затемни славата на мртвиот и за да го намали ефектот на убиството, една позната клика пушти верзија дека Сандански бил нападнат, убиен и ограбен од апаши (?!), и тоа не на друго место, туку апаши во Пирин… Светата земја на Роженскиот манастир го прибра простреланото тело на бележитиот македонски водач. Но неговиот немирен и моќен дух ќе талка долго над родните земји, слушан во ајдучка песна… печатот на главниот град ги полнеше своите колони, соопштувајќи ја со крупни и дебели букви сензационалната вест за убиството на Сандански…“

Фејсбук објава на Проф. д-р Наташа Котлар

Во коментар под објавата професорката Котлар додава:

„Михаил Думбалаков иако идеен непријател на Ј.Сандански, околу вистинските виновници за убиството, во сеќавањата запишал: „Неколку дена подоцна (од убиството на Јане, б.н.), еден од првите негови соработници, Чудомир Кантарџиев, го телеграфираше следново: ʼСандански е првата жртва на широк заговорʼ… Чудомир ја зборуваше вистината. Еден широк заговор ползеше од родната земја, спуштајќи се од кабинетот на тогашниот министер–претседател, минувајќи низ конспиративниот мозок на некои професионални македонски заговорници и беше насочен против сè кое се одликуваше со волја, ум и лично мислење. Очигледно, Бугарија беше пред одредени настани (влегување во Првата светска војна од страна на Централните сили, б.н.). Мрачни сили демнеа врз нејзината неутралност… Конкубинатот или поправилно сродните души од скриената комбинација Радославов–Александров–Протугеров се беше родил како резултат на едногодишна заемна работа на црно со Австро– германците, еден интересен екстракт, продукт на најмрачната лабараторија во Бугарија…“ [Михаилъ Думбалаковъ, Презъ пламъцитѣ на живота и революцията, томъ ІІІ, София, 1933, 98; 115.]“

Во друг коментар Гоце Панговски додава: „Од времето кога „добрите“ соседи на северо-исток од Македонија признаваа дека македонските револуционери си се Македонци“.

Bugarite-za-Jane-Sandanski

Исто така и Драги Трајков објавува фотографија од некрологот на Јане Сандански и пишува: „И на некрологот по загинувањето на „Пиринскиот цар”, објавен од неговите Серчани и соборци ( во Џумаја), се кажува оти Сандански загина за МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, и со ЗАВЕТ кон тие што останаа по него, да се борат уште пожестоко од кога и да е за нашата мисла!“

Nekrolog-Jane-Sandanski

И Проф. д-р Димитар Апасиев на својот Фејсбук профил објави статус посветен на револуционерот Јане Сандански: „Јане САНДАНСКИ, заедно со Делчев, стана опасен за Бугарија и бугарските шовинисти решија да го ликвидираат, оти неговата агитација не одеше во прилог на присоединувањето на Македонија кон Бугарија“ (Елефтериос Ставридис) #ДолуВрховизмот #ДаЖивеатСанданистите #ЛевотоКрилоНаОрганизацијата

Коментирај