Котлар: Сандански, Мисирков и Мирасчиев со книги и весници на чист македонски јазик се бореле за национална и јазична автономија на Македонија

0
672

„Македонија не треба да бара помош надвор од себе, туку во себе“ – Јане Сандански (1905)

По повод Јаневото погибие на 22 април 1915 г.( по новиот календар) кратко навраќање кон еден помалку познат момент од неговата револуционерна дејност и животната повест. Имено, малку е позната (во јавноста) активноста на Ј.Сандански за подигањето на културно–просветното ниво на неписменото население во Серскиот револуционерен округ, во времето по Илинденското востание (1903–1905).

Тој препорачувал да се отвораат дневни и неделни училишта, да се организираат курсеви за описменување на селаните, да се оспособат училишни простории со учебни помагала и да се создаде библиотечен фонд. Во врска со ова, индиректните информации говорат за обиди на Сандански и на другите серски раководители за практично вклучување на македонскиот јазик во нивното политичко дејствување.

Така, прилепскиот деец (подоцна свештеник) Јордан Ангелов, современик на спомнативе случувања, во своите спомени вели дека есента на 1903 г., кога во Софија се водела дебата за последиците од Востанието и за иднината на револуционерното движење, кај поединци била присутна мислата – движењето да истакне и пошироки културни барања. „На помош на нашата идеја, пишува Ангелов, дојде Мисирков, со него се беше зближил Д(имитар) Мирасчиев (истакнат активист на левицата, б. н.) и се беа согласиле кон политичкиот принцип за слободата на Македонија да се прибави националната и јазична автономија на Македонија, почнувајќи со создавањето на книги и весници на чист македонски јазик“.

Оваа информација, дава можност да се претпостави дека извесен број од членовите на левото течение во Организацијата, меѓу нив и Јане Сандански (кој пак бил близок со Мирасчиев), во основа биле запознаени со идеите на Мисирков.

Намерата за практично вклучување на македонскиот јазик во политичкото дејствување на Јане Сандански и на сречани по Илинденското востание, нашла одглас и во англискиот печат. Имено, на 5 јули 1905 г., во весникот „Pall Mall Gazette“ се појавила статијата на д–р Карло Блинд под наслов „Бугарските злосторства против Бугарите“, во која, покрај другото, пишува:

„…единствено ʼМакедонскиот комитетʻ се обидува, да создаде јазик единствен за сите. Учените од Комитетот на Сандански создаваат граматика на македонски јазик како јазик на целата област. Дијалектот на Битолскиот вилает се земал за основа на тој нов македонски ʼexperantoʻ. Новиот македонски јазик требало да ги истисне српскиот и бугарскиот јазик од Македонија, бидејќи тие биле различни од јазикот кој се зборувал во Бугарија и Србија“.

Конечно, ова имало основа во Јаневата определба искажана пред само три месеци претходно (април 1905 г.), односно: „Македонија не треба да бара помош надвор од себе, туку во себе. Нејзината слобода нема да биде дар, туку крвав откуп од илјадите жртви, кои ги дадовме и продолжуваме да ги даваме“.

Фејсбук објава на Проф. д-р Наташа Котлар

ВИДЕО: Семакедонски собор во чест на Јане Сандански во Мелник – Македонците пак им удираат гласна шлаканица на сите свои негатори

Котлар за убиството на Јане Сандански: Во заседа бил погоден, но ја запрел борбата дури кога во неговото тело биле нанижани 11 куршуми

ЕВЕ ШТО ПИШУВАЛО ВО НЕКРОЛОЗИТЕ ЗА ЈАНЕ САНДАНСКИ: Вие неуморни војници за слободата на потиснатиот македонски народ…

Коментирај