Концерт на „Танец“ и изложба на Венко Цветков на „Скопско лето“

0
653

Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ вечер од 21 часот на плоштад „Карпошово востание“ (алтернативно во Музејот на македонската борба) во рамки на „Скопско лето“ ќе изведе концерт со вокални и инструментални композиции.

Ова е седмо учество на „Танец“ на скопскиот летен фестивал, а редовно настапува и на Есенските музички свечености, кои исто така се организирани од Дирекцијата за култура и уметност-Скопје.

– Старите, скоро заборавени вокални и инструментални композиции ги ставаме на цедињата „Незаборав“, а нив ги враќаме и на сцената. Враќаме нешто што е исконско и што вреди да го слушнат не само постарите, туку и помладата генерација, истакна директорот на „Танец“ Зоран Џорлев во пресрет на концертот.

Претходно во Музеј на Град Скопје од 20.30 часот ќе биде отворена изложба на Венко Цветков со наслов „Резонантна фреквенција“, за кој авторот посочува дека е интригантен и ги поврзува сите живи организми. – На некој начин, сликарската опсервација на тие содржини е резултатот на оваа изложба, вели Цветков кој во 1984 дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Љубљана.

На „Скопско лето“ вечер е и Шекспировиот „Отело“ во режија на Дејан Пројковски во изведба на Турскиот театар (Театар Комедија од 20 часот).

Претставата викендов доби награда за најоригинално истражување на еден сегмент од театарскиот јазик на 44. Интернационален фестивал на алтернативен и нов театар „Инфант“ во Нови Сад.

Коментирај