Колумна на Страшо Ангеловски: Референдумот е завршен, резултатите се познати, Македонија е вечна!

0
1303

Бидејќи многумина, познати и непознати, ме прашуваат за мојот став околу најавениот референдум за промена на името на мојата држава Република Македонија, распишан од нелегитимен претседател на македонското собрание, чувствувам потреба токму денес, на денот на македонската трагедија, на денот на распарчувањето на Македонија со потпишувањето на Букурештанскиот договор пред 105 години, да го објавам мојот и, ставот на МААК како политички субјект.

Зошто токму денес?

  • Затоа што на денешен ден во 1998 – та, на плоштадот Македонија во Скопје организиравме голем митинг со барање за ревизија на договорот од Букурешт
  • Затоа што на 27 мај 1998 – та, во Обединетите Нации во Женева, поднесов Меморандум за ревизија на договорот од Букурешт
  • Затоа што на денешен ден во 2010 – та, поднесов Меморандум за ревизија на договорот од Букурешт до канцеларијата на ЕУ,со дополнително барање за отштета за стогодишното користење на македонската земја и море од страна на земјите окупатори,членки на ЕУ
  • Затоа што во 2009 – та организиравме “Караван за името“ на кој порачавме “Строго и просто македонско НЕ; НЕ за промена на името; НЕ за промена на идентитетот; НЕ за референдум“

И затоа, токму денес, сакам да објавам дека за мене и за МААК референдумот е завршен, а резултатите се познати.

Имено, на референдумот веќе гласаа загинатите македонски војници на првиот Илинден во битката кај Херонеја

  • На референдумот веќе гласаа илјадниците ослепени Самоилови војници
  • На референдумот веќе гласаа светите Кирил и Методија кога ја создадоа македонската азбука
  • На референдумот гласаше и светиот Климент,патронот на Охридската архиепископија и Македонската Православна Црква
  • На референдумот гласаше и поп Стојан кој го продаде својот имот за да купи оружје со кое се крена Разловечкото востание
  • На референдумот гласаа и Гоце и Даме и Тодор Александров и Андон Ќосето
  • На референдумот гласаа и Питу и Карев и сите илинденци
  • На референдумот гласаа и оние на “Ножот“ и дванаесетмината во Ваташа
  • На референдумот гласаа и Коста Солев Рацин и Никола Јонков Вапцаров
  • На референдумот гласаа сите  знајни и незнајни загинати комити и знајни и  незнајни загинати партизани
  • На референдумот гласаше во секој ден од деветте години поминати во удбашките карцери првиот претседател на македонската држава, Методија Андонов Ченто и сите АСНОМ – ци
  • На референдумот гласаа и Павел Шатев и Панко Брашнаров , но и петмината стрелани струмички студенти
  • На референдумот гласавме и сите ние кои во 1991 – та изгласавме суверена,самостојна и независна Република Македонија
  • На референдумот гласаа сите загинати бранители од 2001 – та, но и оние во кумановската дива населба

Токму затоа, нашиот,македонскиот референдум е запечатен со нивната крв и жртва. Нашиот,македонскиот референдум е запечатен со желбата и верата, со љубовта и саможртвата на генерациите македонци пред нас. Но, нашиот,македонскиот референдум е запечатен и со раѓањето на моите внуци Јован и Лена и вашите деца и внуци како идно македонско поколение.

Ете затоа, за мене и за МААК референдумот е завршен и резултатите се познати. Затоа,им се поклонувам на сите оние кои самосвесно,чесно и искрено знаат дека 30 – ти септември не е ден за референдум, на сите оние кои нема да излезат да гласаат затоа што референдумот е веќе завршен,а овој септемврискиот е објавен од нелегитимно Собрание.

Но истовремено, сакам да укажам дека сите оние, кои за малку политички поени , потпишуваат Меморандуми и организираат кризни штабови за бојкот на референдумот,со тој чин го легитимираат референдумот и му даваат легитимитет на нелегитимниот Талат Џафери кој го распиша таквиот референдум. Еден ден, во историјата ќе пишува дека референдумот бил прифатен од сите,дека сите се согласиле со потребата за негово одржување, само што едните гласале ЗА, другите Против, а третите со организиран  БОЈКОТ.

Ете затоа, јас и МААК, извикнуваме гордо :

РЕФЕРЕНДУМОТ Е ЗАВРШЕН!
РЕЗУЛТАТОТ Е ПОЗНАТ!
МАКЕДОНИЈА Е ВЕЧНА!!!

Пишува: Страшо Ангеловски за Денешен.мк
Авторот е претседател на МААК

Коментирај