Колумна на Сотир Костов: Кога парите и профитот се поважни од здравјето и животот на луѓето

0
166

За солидарноста и хуманоста што и недостасуваат на ЕУ и светската заедница и како Зоран Заев, преку наводна солидарност, меѓусебно помагање и големо почитување не потрупа со нарцизам, неснаоѓање и незнаење, па спасувајќи не од корона вирусот ни донесе морална чума

Во моментот кога ја пишувам колумната на светско ниво со корона вирус се заразени 856 917 луѓе, а  42 107 се починати. Само во Кина е скротен подмолниот вирус, додека во Италија, Шпанија и Франција пандемијата зема се поголем замав. Истото важи и за САД, каде Вашингтон ди-си  и Њујорк веќе се градови на духови. Се чини дека ако тамошните експерти и надлежни политичари и државници не преземат соодветни и ефикасни мерки, САД ќе бидат проголтани од пандемијата.

Пред некој ден Урсула фон дер Лајен изјави дека мораме заеднички да ја направиме вистинската работа со едно големо срце, наместо со 27 мали. Не заборави да истакне дека историјата не гледа сите нас. За мене ова е изјава на месецот, ако сакате и на годината. Арно ама изгледа како да кога се работи за покажување на солидарност и сојузништво Ангела Меркел и останатите големи авторитети во ЕУ, од кога не нападна пандемијата со корона вирусот, се помалку слушаат и заушуваат. Како да не се свесни дека светската економија е разнишана до темел. Се е излезено од  својот зглоб и изместено. Безмалку сите индустрии застанаа, а на економиите им се заканува колапс. И наместо да се покаже моќно заедништво, и голема хуманост, за сите, ама најповеќе за другите, послабите, посиромашните, поранливите, ете Германија ја минираше елементарната солидарност во ЕУ. Да појаснам: Девет земји на ЕУ побараа воведување на „корона обврзница“, како одговор на кризата и помош на Италија, Шпанија и Француска, но Германија се спротивстави. Тоа е слика на себична и поделена ЕУ. Добро, треба ли овие лидери на „Солидарност“ мејд бај ЕУ да ги потсетуваме дека пандемијата на корона вирусот е најголем предизвик за светската економија до сега.

Сето ова го потврди и ОЕЦД – организацијата за економска соработка и развој. Врвни експерти на светските берзи и финансиските корпорации и фондови, одат чекор понапред и тврдат дека Ковид – 19 веќе е „Црниот лебед“ (теорија на финансискиот експерт Насим Николас Талеб од 2011г.) на светската макро економија – конкретно и во детали непредвидлив, но со големи штетни последици. Паѓаат сите параметри на реалната економија, како последица на блокада на економските активности, затворање на фирми, отпуштање работници од работа, изолација на милионски градови, региони и цели држави, укината транспортни линии на воздушниот, водениот и земскиот сообраќај. И сега, наместо, овие нашиве од власта, кои од из/вонредни, едвај дочекаа да станат само вонредни, никако да се опаметат, не успеваат барем еднаш да се одговорни, и да направат атмосфера на општа експертска мобилизација и експертиза. Тие се задоволуваат само со изјави и како да се палат на прес конференции, да ги гледаме, ама по можност да молчиме и не прашуваме, и да слушаме. Изјава бр. 1: „… Вработените во се она што се смета јавен сектор, јавна администрација на државно и локално ниво ќе земаат минимална нето плата од 14.500,оо денари за месеците, април и мај…“ (22 март 2020г.). Изјава на годината, која претендира да биде прогласена за „Дијамантска економска малина“ на векот. Сите даваат на работниците, ама Заев би да им земе, секако, ако се може.

Изјава бр2: “… Донесени се важни одлуки, државата ги спасува работните места на граѓаните. Драго ми е што денеска владата Северна Македонија прифати и усвои голем дел од економските мерки што ги предложивме ЈАС И ЕКОНОМСКИОТ ТИМ НА СДСМ, но и донесе дополнителни мерки…“, напиша лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на неговиот Фејсбук профил(31. 03. 2020г.). Заев сакајќи да и парира на Урсула фон дер Лајен, ја утна работата. Направи голема утка. Зошто? Па  имаме еден “мал“ проблем: Од сето ова фалбаџиство ала надуен паун, синдикатите, бизнис секторот, заедно со стопанските комори и опозицијата, ништо, ама ич, ич ништо не е прифатливо. Синдикатите и коморите се огласија со соопштение, а професорот Мицковски, на прес конференција, преку кроки експертиза и мини експликација, како во шах, на Спасовски и Заев, им ги одземаше фигурите(ја покажуваше неефикасноста, дури и нелогичноста на некои мерки) и на крајот со шах-мат им го обори и “кралот“.  И сега, џабе му на Заев стил и имиџ на Луј XIV – „Државата тоа сум јас“ („L’etat cest moi“), бааѓимити јаки играчи од стопанството, економијата, социјалата… ги има многу, му велат дека мерките не му чинат.

Не се тоа сериозни чекори бре Зоране Заев. Тоа се СИТНИ мерки, мерки на сиц!, недоволни, нецелосни и со слаб економски, финансиски и социјален потенцијал, а за силина и моќ, и да не зборуваме. Ова треба да го знае и техничкиот премиер. И сеа, шо праиме? Ајде да се потсетиме уште еднаш: опозицијата и професорот Христијан Мицковски, први, рано, многу рано, ве предупредија за сериозноста на состојбата и за можните штетни последици, од големи рамки.  Први понудија своја стручна експертиза и искрена соработка, први соопштија конкретен сет мерки, кои за жал до ден денес не само што не се прифатени (дури и сериозно не се разгледани), туку се обвинети за лаги(?), манипулации(??) и зла намера(???). Може ли да го прашам нешто Спасовски: Ајде, опозиција како опозиција, па си велиш кој ја шмиргла. Ама зошто бе друже игнорираш други два битни сегменти од општеството: синдикати, бизнис заедница и стопански комори? Зошто не седнеш со нив и не поразговараш? Не сакаш ли? Не смееш ли? Или и едното и другото, плус не ти дозволува Зоран Заев? Каква е оваа ситуација?

Сега добронамерен предлог: За да бидете вистински лидери, треба најпрвин да имате доблест секого да го сослушате, како би можеле да ја изберете најдобрата експертиза, која ќе ви даде легитимитет и капацитет да водите. А не вака, на секое јавување, едниот, Оливер Спасовски, зборува дека неговите тимови (правни, економски) во Владата постојано заседавале и неуморно работеле, а другиот, Зоран Заев, ни кажува дека тимот на експерти на СДСМ тој го координирал и водел (и само што не ја спасил економијата, работните места, и животите на сите нас). Ама, за жал, и навистина за жал,  резултатите и од едните и од другите – килави мерки, недоволни, и најчесто несоодветни и задоцнети. И да не заборавам: Техничкиот премиер, фатил лошо школо од Заев, па при неговите последни ТВ интервјуа, си дозволи да е дрзок, невоспитан, арогантен и дури да се заканува на новинарите, неговите домаќини, да внимаваат што зборуваат и какви прашања поставуваат.

Море технички Премиеру: работата на новинарите е да зборуваат, да известуваат, знам дека не милуваш, ама и да критикуваат. А вашата работа, и на сите владини тимови, како и на тимовите на вашиот двојник, Зоран Заев, со сите негови дузина тимови, особено сега, во овие кризни времиња, е да анализирате (тоа го пропуштивте), да проценувате (и тоа не ви оди баш најдобро), да донесувате одлуки (е тука сте јаки, дури и запаѓате во штанцерајска инфлација, па носите Уредби, за вработување, за менување на закони, кои не смеете да ги менувате, па одлуки за ненормално купување на цвеќе во Штип, па склучувате скапи договори за чартер летови, кои ги прикажувате за хуманитарни, а тие се профитерски) и секако, да работите, работите и работите, а не само да држите пресови без новинари, без поставени прашања, добро де, има по некое наместено, т.е. нарачано прашање.

Што да ви кажам: сакате да ја играте улогата на своите животи, ама не сте кадарни, немате демократски капацитет, а и харизмата ви е тенка. Добро, ајде, баба ми, Анастасија, Бог да ја прости, секогаш кога ќе ја оплескав, ми велеше: Внуче не се секирај, се учиме, цел живот – додека сме живи. Одамна знам дека баба ми имаше право, ама сега некако работата се згуснува, на сите ни е тесно, што од карантин, што од полициски час, а и пустата корона – 19, сака да нема живот, а тоа значи да го нема учењето, ама да не нема и нас. Туку, ајде додека се уште има време, да ве потсетам според онаа старата: Има два излеза: Првиот, да ја сфатете хуманитарната и морална есенција и порака на Урсула фон дер Лајен, и постапете одговорно како што вели таа. Па нели вие сте за ЕУ, а таа, сега е европски лидер. Послушајте ја!; Вториот, кога веќе синдикатите не ги фермате, кога бизнисот и неговите комори ги потценувате, а опозицијата и професорот Мицковски, ги игнорирате и не можете да ги смислете, еве ви го почитуваниот Петар Гошев.

Ем бивш политичар, бивш министер за финансии, бивш гувернер на народна Банка на Република Македонија, ем докажан економист, ем извонреден експерт, па прифатете му ја стручната експертиза што и ја понуди на македонската јавност, за која до сега не чув некој, нешто лошо да каже. А ем ваш е! Да бидам искрен до крај и позади двата излеза има замки: кога ја читав изјавата за големото срце на Урсула фон дер Лајен, како да го гледав црвеното срце на ЗАТОА ШТО ЈА САКАМ МАКЕДОНИЈА. А кога го исчитав интервјуто на Зоран Иванов (мој пријател од воздухопловството, со кого за многу работи не се согласувам, ама токму тоа ја јакне нашата соработка) со Петар Гошев, и откога длабоко го изанализирав, заедно со интервјуто што претходно го дал за НоваТВ (по вертикала и хоризонтала – по редови и меѓу нив) дојдов до едно сознание: неговата експертиза, е многу поблиска до тоа што го бараат синдикатите, бизнисот и коморите, а го предлага и професорот Мицковски со својот тим на експерти, отколку до „твиги“ економските мерки на Заев и Спасовски. Е, сега, мислете му ја вие!

И за крај, немој да мислите дека ова е некоја дилема, трилема или маѓепсан круг од кој нема излез. Напротив! Прифатете го црвеното срце, затоа што ја сакате Македонија и/или прифатете ја експертизата на Гошев и сте ја завршиле работата. Во спротивно, целосно ќе ја утнете работата, ќе направете голема утка, и ќе станете утки. Добро, има и трет излез: и понатаму да ги слушате советите на вашите пи-ар комесари, од типот на Роберт Поповски, Забрчанец, Џабир….. кои епохалното дело „Пропаганда“ на таткото на ПР-от Едвард Бернис, го читаат со а’клот на Јозеф Геринг.

Пишува: Сотир Костов

П.С. Колумната не е препорачлива за луѓе со суета и големо его

П.П.С. Рубриката „Прес-конференција“ топло им ја препорачувам на медиумските „Ротвајлери“ („кучиња од отпад“) од владата – има што да научат од неа и нејзиниот автор

Коментирај