Колумна на Оливер Андонов: Виновни ли сме?

0
155

Како и вообичаено во моите колумни поставувам реторички прашања на кои секако не очекувам одговор. Не затоа што не постои одговор, бидејќи на секое прашање постои одговор кој пак ние можеби во моментот не го знаеме, туку затоа што тие кои се најповикани да одговорат, а тоа е власта, во никој случај нема да сакаат да дадат одговор. Не сакаат и тоа е разбирливо за нивниот демократски и интелектуален капацитет за да разберат што во континуитет последниве три години како власт му направија на сопствениот народ. Но, не е разбирливо зошто ние како народ молчиме или можеби „мудро молчиме“ чекајќи ја нашата шанса на 12-ти април?

Токму како одговор на оваа реторичко прашање „кој е виновен?“, ви го претставувам делот од делото на Темко Попов, Македонец кој ова го напишал во далечната 1889 година. Се прашувам јавно: „Дали тоа историјата ни се повторува и дали ништо не научивме од минатотот како колективно искуство“?

Кој е крив?  

„… сега од три години навамо нема ни еден помеѓу нас, што да верује, оти се може да се дозволи Екзарху некој пат да пушти владици во Македонија, и секого ако го прашаш: кога ќе ни пушти Екзархот владици, ти одго’ара: на кукловден! Тоа се вели-никогаш. Кога се вељам, уверени, кој знајејки причините, кој од просто очајајне, гледајки годините да си течат без фајде, оти ода нешто не ќе биде: дали сме се подумали некогаш што требе да се праји? Не, никојпат! Туку сме ти скрстиле раце, и сме остајиле работата на Бога, без да гледаме како од ден на ден гаснеме духом, и оти ако ја тераме вака работава, као што сме ја терале досега, ќе дојдеме до ништо, и тогај ќе имаат право светон да вељат, оти помеѓу нас Македонциве нема интелигенција, шоролопчијии готоачи, како што рекол во Солун пред неколку години еден чоек, да не му го кладеме името, оти во нашата солунска општина нема нито еден интелигентен. Ами ако во едно општество, во еден народ нема интелигенција, тогај тоа општество не се вели општество, тој народ не се вели народ, туку збирштина.Денеска, кога светов се печали не да има интелигенција во својот народ а сијот народ да је таков, није сиромаси си одиме као ракот! Не за фалење ќе кажа, оти није Македонциве од натурата не сме дарцјани да валиме, и не валиме кон назад, кон мрак, а напротив, наш отличен белег бил и је: бистрина на умот, љубов кон науката и кон друзи трговски завзимања. А пак сега што не зеде матната и сме олку ништи духом! Да речеш оти Господ дојде и ни го крена разумов, та не напраји некадри да мислиме здраво! Да речеш оти некој маѓесник ни го размати со се’, умов! Ами за верујење ли је Господ да ни напрајил вакво зло, као сиве знајеме, оти тој никој пат не праји лошо чоеку? За верујење ли је, оти ѓаолот или маѓесникот ни напрајиле оваа пакост, кога знајеме није оти тија, по волјата на Всеможнијот Бог не се веке кадри да праат пакост на Негојите созданија? Ами као је така која је причината на оваа нашанараствена мртвост, на ова голема наша заспаност. Која је причината на ова умствена тромост? Коа знајеме, оти секо лошо или арно, сторено на еден чоек или на еден народ, си има своји причини, тогај нека ја побараме оваа пакосна причина, нека ја најдеме и нека ја искорениме.

Мене ми се чини, оти причина на оваа наша умствена парализија је-ама ѓе кажа голем збор, и мољам, никој да не се тревожи и да не ме криви пред да ме ислуша, -је вељам, Екзархијата и екзархијиските милости. Таа Екзархија и тие нејзини милости не напраија готоачи, Тија учители што ни ји пушта дарум, и тија училишта што ји крепи таа напраија ова умствена дембељаана во нашаа таткојна….Тешко и горко на оној народ, што, чека својата душевна храна од туѓи раце и ја поверил на такви…“ (болд О.А.)

Темко Попов,
Софија, 1889г.

Темко Попов е член на „Таен Македонски комитет“, брошурата „Кој е крив“, Темко Попов ја објавува во контекст на заложбите на „Тајниот Македонски комитет“ за реализација на нивнате програма – издавање брошура на Македонски јазик, ова е првиот обид за кодификација на Македонскиот јазик, речиси шеесет години пред официјалната кодификација.

Колку не ја познаваме нашата историја, „фрлајќи ги бисерите пред свињите“ дозволуваме некои неграмотни, анационални вагабонти да тргуваат со нашиот идентитет, го продадоа за 3 (фејк) сребреници, а според логиката на нивната „кванташка“ политика за стокова размена или според онаа народната вулгарна „кој превари тој товари“. Не разбирајќи повторно дека со држави со традиција и дипломатии со долга меморија неможе и несмее да се води „кванташка“ политика и дека во меѓународните односи идентитетот е обележје на државите кои се меѓународно правен субјект во меѓународните односи на билатерално или мултилатерално ниво.

Доколку, кон крајот на 19-от век, можеме да го оправдаме пишувањето на Темко Попов во однос на забелешките за интелектуалниот капацитет на Македонецот. Повторно се прашувам, како можевме во 21-от век, по 30 години самостојна држава и 80 години целосно оформен (оксиморонски наречен „бетониран“) Македонски национален идентитет, да дозволиме „умствената дембељана“ која се добра до власт поради нашата грешка, како кула од карти да го разруши сето она што нашите „апостоли“, неимари на Македонската самобитност го градеа со векови, притоа вложувајќи ги сопствените животи во темелите на таа самобитност.

Парадокс: „апостолите“ на умствената дебељана го „УБИЈА“нашиот АПОСТОЛ Гоце Делчев.

Од детски нозе гледајќи ја сликата на Делчев во клубот на Карпош во Крива Паланка и столетната временска дистанца од неговото раѓање до денес, маѓепсан од неговата грамадност и епохално национално дело, бев убеден дека не постои таа сила која ќе го сруши неговото величие. Но… тоа секогаш им успева на малите, ситни, невидливи, небитни човечиња кои само преку почитта кон делото на Маркиз де Сад, можат да предизвикаат внимание на околината – дека битисуваат.

Повторно да се вратам на почетокот на колумната и исчекувањето на 12-ти април кога искрено се надевам ќе ставиме крај на „умствената дебељаана“. Само така ќе покажеме дека сме народ достоен за почит и подготвени да ја обновиме нашата нација и држава.

Жалам поради тоа што сум принуден да пишувам и да се повикувам на историски факти кои не се пријатни за слушање-читање, наместо да пишувам за некои други стручни собитија во областа на сигурноста, но актуелните случувања налагаат повремено да се пишува во оваа насока.

Затоа да се запрашаме: „Виновни ли сме за сето ова кое денес ни се случува со државата Македонија, нацијата Македонска, јазикот, економијата, сигурноста, образованието, здравството“? Потоа да размислиме најсериозно како да ја исправиме грешката која ја направивме пред три години и да пристапиме кон исправање на грешките и обнова на Македонија.

Пишува: Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Коментирај