Колумна на Оливер Андонов: Што е позначајно за Македонија, безбедноста или сигурноста?

0
131

Колумната која е пред вас има за цел да отвори една дилема која би требало да иницира јавна расправа во однос на едно суштествено прашање кое може да го формулираме како: „Што е позначајно за Македонија, безбедноста или сигурноста“?

Токму пред (не) извесноста на предвремените избори најавени за 12-ти април 2020 година, отворањето на една ваква стручна дебата и тоа со поддршка на јавноста, ќе даде одговор на многу прашања во контекст на тоа каде треба да се движи Македонија и што очекуваат нејзините граѓани.

Немам тенденција во оваа колумна да започнам научна и стручна дебата со стручна терминологија и научни цитати, а чие читање би било товар за почитуваните читатели, особено за оние кои не се занимаваат со прашањата од областа на одбраната и безбедноста. Токму спротивно, сакам низ еден едноставен модел на презентирање на поимите безбедност и сигурност, а низ призмата на нашето секојдневие да ги споредам или спротивставам овие два термини кои во основа се суштински различни и по своето значење, но уште повеќе по своето општествено пројавување.

Поимот безбедност најчесто е насочен кон безбедноста на државата иако мнозина од академската и научната фела се обидуваат да ја поделат безбедноста во области на национална, меѓународна, внатрешна, надворешна, човекова безбедност, економска, социјална, социетелна, еколошка, воена, политичка и уште многу нивоа и рамки на безбедноста. Сепак, во сите овие перцепции или врамувања на безбедноста, централен интерес на безбедноста е токму безбедноста на државата – дефинирано како државна или национална безбедност. Од тука, поимот меѓународна безбедност (овде ја подразбираме и регионалната безбедност), е исклучиво поврзана со националната безбедност и при тоа меѓународната безбедност претставува само синоним. Едноставно треба да разбереме дека на меѓународната сцена државите (мали или големи, бројни или не, богати или сиромашни) се меѓународно правни субјекти кои меѓу себе влегуваат во билатерални или мултилатерални односи, а се со цел остварување на своите национални интереси.

Затоа националните интереси се во центарот на националната безбедност и таа е исклучиво насочена кон два правци:

1.Зачувување на државата како социолошко-општествено организирано уредување кое суштетствува во меѓународниот поредок и

2.Зачувување на внатрешната безбедност, односно државното уредување во буквална смисла.

Токму затоа што државата самата се грижи во своите меѓународни релации да има добри односи со сите други држави и при тоа да ја зачува својата внатрешна безбедност, синонимот „меѓународна безбедност“ функционира како да е вистински, односно како државите меѓу себе да си помагаат во остварувањето на националните интереси што не е вистина. Напротив, секоја држава се грижи за внатрешната сигурност, создавајќи стабилно општество кое зрачи безбедност на регионално и глобално ниво.

Поаѓајќи од овие ставови, сигурноста која во прв ред се однесува на внатрешната сигурност или поточно детерминирано се однесува на сигурноста на граѓаните во секојдневното живеење, има пресудно влијание врз позицијата на државата во таканаречената меѓународна безбедност. Овде можеме да го препознаеме првиот факт кој се однесува на одговорот на прашањето: „Зошто толку многу, нашите сојузници од ЕУ и НАТО инсистираат на реформи“? Од едноставна причина што системот за заедничка одбрана во рамките на НАТО може да се активира согласно членот 5 од договорот само во случај на напад на трета земја врз земја членка на НАТО, останатото е оставено на одговорност на самите земји за уредување на внатрешната безбедност или градење на капацитетите за сигурност. Тие капацитети не секогаш или поточно кажано, во најголем дел не се војни капацитети, туку цивилни капацитети. Во рамките на тие цивилни капацитети покрај полу војните подсистеми на системот за одбрана и безбедност, како што се заштитата и спасувањето од несреќи и катастрофи, клучна улога има правната држава или функционирањето на судството и обвинителството, економската и финансиската стабилност на државата, нивото на богатство на граѓаните, образованието, здравството и други области кои многу лаконски ги забораваме кога зборуваме за сигурноста-безбедноста.

Сигурноста како поим во нашето секојдневно живеење претставува чувство. Тоа е чувство на секого од нас за сегашната состојба на личен и семеен план, како и рефлексија од општествените случувања, но со силно изразена перцепција за иднината и развојот на собитијата кои директно или индиректно ќе влијаат врз нашиот квалитет на живеење. Тој квалитет на живеење претставува основа за чувството на граѓаните дали живеат во сигурна или несигурна држава-општетство. Квалитетот на живеење зависи од сите аспекти на општествен живот, секако од некој повеќе, а од други помалку, но добро е да покрај рангирањето на скалата на приоритети која е пред се антрополошка призма, имаме чувство за комплетирање на квалитетот на живеење во една целина.

Тука доаѓаме до онаа што е клучно во оваа колумна, а тоа е прагмата. Колку и да се обидуваат нашите влстодржци да не убедуваат во тоа дека имаме „напредок“, односно дека „блескаме“, токму се случува спротивното. Не постои ниту еден сегмент во општеството во кој не се чувствува или гледа не сигурноста. Тоа е психолошко влијание врз граѓаните, врз сите нас, кое помалку или повеќе се обидуваме во секојдневниот живот да го игнорираме. Сепак, таа несигурност постои. На секој агол се гледа и сите ние (освен веројатно оние за кои дојде животот), се чувствуваме несигурни. Несигурни сме за својата работа и финансии, што значи егзистенција, несигурни сме во правдата и правдината на судовите, несигурни сме во изместениот и девалвиран образовен систем, несигурни сме во здравството и дури и исплашени, несигурни сме за нашата лична сигурност и сигурноста на нашите деца, го гледаме порастот на криминал, и уште многу аспекти и појави кои во пракса ни прават чувство на реална несигурност. Живеејќи во така несигурна држава, постојано сме подложни на стрес, или ние живееме во стресна состојба, а за тоа да не сме ниту свесни, а што повторно ја загрозува нашата сигурност, како преку личното здравје, така и во нашите меѓусебни комуникации и растење на конфликтноста и нетрпението.

Ете го одговорот и на прашањето: „Зошто младите масовно си заминуваат од Македонија“? Не е тоа само поради егзистенцијални причини или барање подобар (полагоден) живот. Основната причина е општото чувство на несигурност. Затоа се бараат сигурни држави во кои и како странец ќе можеш да функционираш во рамките на уреден систем и во исто време да добиеш заштита и сигурност од тој систем, а со што нема да бидеш во постојан стрес.
И повторно доаѓаме на почетокот дека дебатата во предизборието ќе треба да се води во насока на СИГУРНОСТА на граѓаните, а таа и таква силна, гарантирана и уредена сигурност ќе влијае врз стабилноста на националната безбедност на државата и ќе ја засили.

За да ја реализираме сигурноста на граѓаните потребно е да го вратиме системот на функционирање на државата во сите сегменти, утврден со строги правила, вредносен систем втемелен на традиционалните конзервативни ставови и отворен кон демократски развој на општеството, со посебен осврт кон младите генерации, нивно квалитетно образование и здравствена заштита во секој аспект (ментално и физички), за да можеме да ги зачуваме тука давајќи им сигурност. На тој начин ќе ја обновиме нацијата. За мене сигурноста е позначајна од тривијалната безбедност. Искрено се надевам дека ќе поттикнам јавна дебата и нов поглед на нашата стварност, а особено на тоа во кој правец ќе одиме во иднина, бидејќи претстојните избори се судбински за опстанокот на државата и нацијата дури и во однос на биолошкиот супстрат за опстанок на еден народ. Од тука, сигурноста на граѓаните е од суштествено значење, изразено во нивна доверба во системот на функционирање на државата во сите услови и состојби.

На сите кои го носат името на Св.Димитриј и оние кои го слават денот на поменот на овој голем Православен светител им го честитам именденот и славата и им посакувам Св.Димитриј Солунски да ги заштитува и застапува пред Христа Бога засекогаш.

На денот на Св.великомаченик Димитриј
Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Коментирај