Колумна на Никола Србов: Не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам

0
85

Јужна Африка, Буркина Фасо, Сенегал, Боцвана, Намибија, Бенин, Гана, Мароко, Тунис, Руанда, Свазиленд, Лесото. Овие држави се наоѓаат пред Македонија на листата содржана во извештајот на Транспаренси Интернешенл кој се однесува на степенот на корупција во државите. Овие држави од третиот свет се помалку корумпирани од Македонија.

Македонија од лидер во регионот за привлекување на странски инвестиции се претвори во територија која сите се обидуваат да ја заобиколат. Македонија е земја која речиси и да нема свои производствени капацитети, тука никој не размислува на создавање, размислува само на препродавање. Тука нема услови да бидеш успешен, а доколку се одвоиш од просекот ќе добиеш рекет од власта. Во Македонија секој човек размислува како да се исели, правиме статистика за младите но веќе и средовечните размислуваат како младите.

Во Македонија не тераат да се занимаваме со името додека тие крадат, корумпираат, рекетираат и осиромашуваат народ. Не тераат да се докажуваме кој повеќе ја сака Македонија и нејзините национални интереси, а со кого да се докажуваме, како да се докажуваш со некој кој воопшто не го допира губењето на националниот интерес? Тогаш, ние се занимаваме самите со себе. Додека ние се занимаваме со себе тие крадат, безочно крадат.

Зошто да им докажувам на властите во Македонија дека промената на името е нешто катастрофално кога нив тоа воопшто не ги интересира? Противникот се удира онаму каде најмногу го боли, криминалец најмногу го боли кога го удираш по криминалот и корупцијата, него не го боли името.

Во нашево изместено општество и во целиот хаос кој владее обидете се да се фокусирате на владиниот криминал и корупција, тие ќе ни ги дадат сите одговори за состојбите во државата. Нашата економија е толку потоната и народот е толку осиромашен што земјата не личи ни дека е дел од европскиот континент а камо ли дека ќе биде дел од Европската унија. Македонија личи на некоја недефинирана територија од третиот свет во која народот мизерува и добива ќотек и врзани раце доколку се спротистави на владетелот. А тој, владетелот, има одврзани раце да прави што сака додека се дефинира теритоијата. Затоа и Буркина Фасо, Сенегал, Боцвана, Намибија, Бенин, Гана… се наоѓаат пред нас, бидејќи сме пониско и од третиот свет.

Криминалец се мава за за криминалот. Државата, иднината, името, итн, ги боли патриотите, а не криминалците.

Пишува: Никола Србов за Република.мк

Коментирај