Колумна на Младен Јаневски: Идентитетот бетон, образот ѓон!

0
349

Национална ли е, Македонска ли е? Мислам на филхармонијата, опера и балет, телевизијата и ред други државни институции кои го изгубија својот идентитет. А го изгубија како резултат на приватен договор помеѓу Ципрас и Коѕијас од грчката и Заев и Димитров од втората страна. Не знам дали смеам да напишам Македонската. Колку што разбрав, секој ќе понесе прекршочна или кривична одговорност ако не го почитува тој приватен договор, а како резултат на ширење иредентизам. Но бидете сигурни дека мене тоа не ме плаши. За мене ова е Македонија, ние сме Македонци и говориме македонски јазик. Израснати сме со македонските народни песни и ора, македонските приказни кои секое утро се емитуваа на МРТВ. Израснати сме со македонската историја за која најмногу сме научиле од нашите предци.

Дојдовме до дереџе да не смееме државните иснтитуции да ги нарекуваме „Македонски“. И не само институциите- за Македонци, македонски јазик и македонска историја ќе си одлежиш исто така. Бетонот како повеќе на вода да е, па смесата е кашеста. Или што би рекле мајсторите, не е врзан убаво. Ама затоа нас нѐ врзаа за век и веков. Нѐ врзаа за ова парче земја, како надвор од неа да не постојат Македонци. Како да нема Македонски малцинства и Македонска дијаспора.

И додека идентитетот ни се одзема од секоја сфера, ние мирно седиме и набљудуваме. Бевме ли свесни дека ова ќе ни се случи? Го одобруваме ли ова? Има ли воопшто некој идеја како да се вратиме после сето ова? Како ќе го вратиме културолошкиот, институционалниот и националниот идентитет? Искрено ми се гади од оние ликови кои си се фалат и се гордеат со „северната“. Чувствата на националност и припадност им се
далеку под нулата. Дури и многу пониски од нулата на германците за развој на економијата и капиталните инвестиции. Ама затоа ме радува фактот што се плашат од Македонското национално обединување. Тоа му недостига на Македонецот. Многу поголемо и помоќно национално обединување. А низ историјата ние Македонците сме се обединувале порано или подоцна со цел да си го зачуваме она што е наше и нам ни припаѓа.

Ете тоа се случува и денес. Македонците се обединуваат! Обединувањето се случува и покрај сите закани, притисоци, монтирани судски случаеви, затвори, тепања. Децении по распадот на Југославија и нејзините служби УДБА и КОС, методите сѐ уште се применуваат. Како што УДБА и КОС ги тепале, мачеле, измачувале и затварале тогашните борци за самостојна и независна Македонија, така Спасовски и Заев ги тепаат, малтретираат и затвараат денешните борци за зачувување на Македонија. Не е ни чудно што најголемите поддржувачи на СДС, меѓу кои и претседателот на нивниот подмладок Каевски, Заев го споредуваат со Тито. Сѐ што е антимакедонско за нив е добро и треба да се почитува и поддржува.

Свесно или не, го билдаат гневот кај народот. Помагаат за воздигнување на македонштината кај Македонците. И најдоброто од сѐ е тоа што сите потези ги влечат пред избори. Паниката од изборно фијаско владее и им го мати умот во нивните редови. Свесни од поразот кој им следува, се обидуваат на сите можни начини да внесат страв меѓу народот, да го заплашат и да се обидат да му наметнат пропаганда за некаква си антизападна политика, осиромашување и несигурност која што фактички они ја спроведуваат наместо да се борат против неа.

Вистината сепак е тоа дека Македонија се движеше на подобро сѐ до нивното доаѓање на власт. Немаше потреба од уништување на националниот идентитет, полнење кутии на референдумот, тепање и затварање на уставобранителите и осиромашување на народот. За ова ќе следи одговорност! Секој предавник на Македонија и Македонците завршил на маргините на историјските записи како ништовник кој пробал да ги
упропасти македонската држава и нација за да си ги исполни своите цели. А ништо поинаку нема да завршат Заев и компанија. Предавствата према својот народ ниту се оправдуваат, ниту се простуваат. Македонците никогаш нема да ви простат за злото што им го направивте.

Ние сме генерацијата која што ќе направи сѐ, за на светот да му докаже за неправдата која ни се случува. Ќе се избориме за нашиот чист образ и за цврститот бетон. Ќе работиме секојдневно со полна пареа за да го вратиме достоинството и честа на Македонецот. Ако ништо повеќе, барем да не останеме обесчестени. А сега нашиот идентитет е лошо врзан бетон во кој што брзо може да потонеме, ама нивниот образот дефинитивно е ѓон кој што „гордо“ ќе си го носат насекаде со себе!

Пишува: Младен Јаневски за Свест.мк

Коментирај