Колумна на Љупчо Цветановски: Време на искреност – По Катица, Боки 13, кој е на ред да пропее? Ах, кијамет Зокиев…

0
979

Кијамет пуст наваса во јануари. Т’канди. Кијамет селективен, „врло“ прецизно насочен кон една група елитистички и национално перверзни надобудници.

Отииии, нема снег, па глупоштините и фекалиите на една цела плејада општествени подлизурковци и коленичарчиња, останаа нескриени. Разголени. Греота, голема за чедата кои се најдоа во провалија, ама така аланфордовски си чезнеат да биде обратно.

Го знаете епитафот: Тука лежам јас, а стоиш ти. Би било подобро да лежиш ти, а да стојам јас.

Пуста желба…

И така, среде зима, на крајот на првиот месец во летото Господово 2020-то, Македонија доживува време на „отворање“. А по ваков отвор следствено е чистење на застојаното, помалку и мувлосано општествено. Или, сепак, повеќе, не помалку.

Не проветрување, драги мои, тоа е млак збор, потребна е  генералка, ултра-хемиско, ремонт, тотална перестројка. Поинаку не бива, односно поинаку – нема да не’ биде.

А, да, и од следната година редовно да си прскаме против експерти, нво-а и шарени дееволуционери…

Да, деновиве наваса чудна и за една групација таксират констелација, период во кој кај едни дворски скројевиќки шутови дојде до наплив на искреност и признанија. А по палјачата, редно е да се отворат и посериозните играчи. Логика, нели…

Арно ама, што го предизвика ова „будење“ на непрокопсаниците?

Пролетта ли ги измолкна од дупките во кои ги криеја своите тајни, „мистерии“ кои ги знаеше секој нормален граѓанин на државата, ама докази ачик за тоа немаше?

Се освестија ли пустите, наеднаш скрупули добија и со човештина се благословија? Тешко…

Или, можеби, стравот од затворски казни ги отвори чедата лукративни во парата возљубени?

Најверојатно, сепак, ги „отворија“ изборите кои доаѓаат. Она парадоксалното – кога поради избори немаш друг избор… Сознанието дека нешто се менува. Да – на подобро за сите, освен за една мала групација на молзачи и паразити, корисни идиоти кои направија кариери благодарение на фабричка грешка – „мањак“ на пршлени и кичма, т.з. безрбетници…

Е, сега ќе пропејале, во најава се тажалки и сијасет балади за многу владино-судско-обвинителски ликови и нивните злодела. Инспирацијата на „пејачите“ е јасна, ќе пејат за да си го спасат сопствениот задник. Многу веројатно, а?  „Скроз посибл“, и на бапчорките лебот ќе им го земеле…

Нервозата и стравот од минувањето на дните кои така неминовно го доближуваат 12.април за овие ликови дејствува како серум на вистината цијашки да испиле. Па и Зоки нови гласови преку предузимачот командант Баци да купи, па дури и друг поевтин да најде, не им е сигурно, бездната стоооо….

Па сега, некој си се ценка, друг покажува вистинско, грдо лице, трет ќе бега, четврт веќе избегал итн… А многу грешници на едно место се збрани, кој знае дали ќе се најде азил за сите, или барем земја со која немаме договор за екстрадиција де. Башка, сега има и натпревар – кој прв ќе пропее, ќе ќари, вториот џабе ќе пее, т.е. поверојатно ќе свири. Клавир…

Најверојатно поведен од понеделничното шоу на неговата соучесничка во Рекет, Какица, кое претходеше, средочно се отвори и Боки 13. Добар пример му даде другарката, па му мина и мешето, бабулето и прстето нежничко…

Да, Боки да ти имал докази за 4 милиони евра криминал на Вилма Рускоска? Си кажа рекетарчето, си призна, се отвори чудесно. -Ваууууу, немогуќе – зинаа на екс Бихаќка…

-Малку се, гарант стопила бар 8 комада, за таа „сиќа“ ли толку гревови направи? – прокоментираа нормалните граѓани.

И си побара Боки да ја му изземат Вилмица, уценувајќи си, т.е. пак рекетирајќи. Ко што си знае пустиот тој Боки, па нема сега на стари години нови трикови да учи, нели? А очебијно, знае уште многу работи. Прашајте го Зокија ако се сомневате.

Кој знае колку мака и’ паднало на Какица што доказите останале кај соучесникот и работодавач на сина и’, ама таа си се отвори на друг начин. Кој како си знае де. Па спука понеделнички – гомнарке, ороспијо, маче, ово-оно. Оти учена, културна, образована жена е де, идолка на цела дееволуција шарена беше нели, абе светица правда што ќе донесе насушна.

Како и да е, никој нормален не помисли дека не и прилега, нели. Дури и разоШараните кои маичките си ги скрија онаму каде сонцето никогаш не сјае. Абе ко „саливено“ и легна муабетот, сроченото и стои одлично, боље од вокабуларот богат ме можеше да измкне довчерашниот Чарлиев ангел. Отварање, „до коске“, тоталка разголување со силен удел во демистификацијата на целото Зокиево устројство.

А сето ова отворање и искреност се случува на цели два ипол месеци пред изборите?! Замислете само, со ваква динамика на скандалите на власта, кога како на филмска лента се лепат мега до гига афера, а рејтингот паѓа ли паѓа, уште колку души напатени и уплашени од ќорка ќе се отворат, ќе си кажат што си имаат, а имаат многу да „пејат“, премногу. Башка, со музичка подлога на некрофилијата на издерувањето на Дерала и терањето на се’ у Тричку материну. Јес, некому лебедова нумера за политичката кариера ќе му биде, па колку и фамилијарни лиценци за марихуана во меѓувреме да додели, џабе е…

А по крешчендото, логично е да следува катарза, прочистување од насобраните фекалии и гревови…

Да, влезот е бесплатен. Излезот се наплаќа. Скапо…

Пишува: Љупчо Цветановски за Курир.мк

Коментирај