Колумна на Љупчо Цветановски: Македонија пред и по короната, пред и по Северна…

0
235

Додека светот се бори со короната, Македонците се најдоа во незавидна ситуација. Ништо ново, нели. Имаме дупла, асли двојна задача. На две полиња. Башка КОРОНА, башка насилна и неуспешна СЕВЕРИЗАЦИЈА…

Велат, не е лесно да се избориш со еден вирус, а кога пак еден од нив е корона, работата дополнително се усложнува. Да имаш два вируса во исто време, а вториот да ти бил антинационален па и ГМО, ееее, тогаш треба да си јунак за да ги пребродиш, преживееш и да останеш нормален. Ко нација пак, уште појунак и пофраер.

Проблем била и една бизнис-кооперација, СДССС се пишувала, која секогаш, исто ко вирус егзистирала најубо по криза, кога организмот и неговиот имунитет се најслаби, најистоштени, најуморни…

Арно ама, Македонецот со векови да ти бил истрениран со разни кијамети и ѓурултии паралелни и синхонизирани да се справува. Фер, никогаш по своја волја, но пустите грдотии навасувале, една по друга, од најразлични насоки.

Грците од една страна, Србите од друга, Албанците од трета, бугарските „браќа“ од четврта. Филувано со разно-разни додатоци од „страна“. Нон-стоп, без дерман. И замисли, сме опстојале век и веков…

Па сега, ако сме бар пола од предците, соочувајќи се и со два вируса, макар биле корона и антинационален  во едно те исто време, тоа за нас би бил „мачји кашаљ“, што би рекле северните соседи на една номенклатура која самоволно и без одобрение на народот се самопрогласила за нечија севернонасочена провинција, која е дел од Западен Балкан, оној кој припаѓа на Југоисточна Европа, цццццц, нели.

Туууу, премногу географски, на страна логички и национални парадокси на едно место, исто ко направијата наша на Илинденска бр.2 насилно насадена – на едно место збрани актери, фејкери, оксиморонски невладини во влада, хејтери и кој од кој министер, кој од кој поНина, поМила, поРада, а толку нинанајли, немили, неради…

Е сега, реално гледано, ај да не си ги срамиме корените пирејски и оставштината ни дедовска, сега работата и задачата за опстанокот насушен ни е многу, многууу поедноставна од онаа тешката на нашите предци и прадедовци.

Ќе мине и злово коронско, ќе излеземе посилни и од него, тоа е факт, дај Боже само со најмалку можни жртви. Ама после него, не чека една поконкретна битка, одложена токму поради првиот вирус кој несакајќи за сите, освен за владејачките аспирации на чедата од екс Бихаќка, го пролонгираше дејствувањето на оној антинационалниот. Ајде, да не се радуваме што Ковидов-19 ќе ја доразголи неспособноста на „владејачите“ ни непрокопсани, и така одамна и самите знаеме дека царот не е ни цар, туку дилјала, а дека е гол, башка бос, тоа е неприкосновен факт.

Да, знаеме дека се дилајли и блефери, оптоварени со неоснован комплекс на виша вредност, знаеме  и дека се алергични на работа и на совети од мозочно немиените, ама ај да мине таксиратов светски и ќе се справиме и со нив. На избори, кога и да се, кога короната која и ги држи на власт ќе ни дозволи.

Отииии, овие нашиве „владејачи“ имаат минат рок на траење, им заврши на 12-ти април, пред неколку дена. Сега се една, политички гледано – зомби влада, ех, толку трендовски светски омилен поим на мртовци кои одат (walking dead) пред и по коронава.

Нашиве политички зомбиња, пак, и владејат, башка. Т’канди, би рекле… Колдвел вели дека владата е пандан на дигестивниот систем. Кога работи како што треба, тој систем никој не го чувстува или т.н. осеќа дека работи. Се’ си тече, ама без проблем. Со нашава „влада“, пак, знаете и самите, труе, корне и копа на сите страни, ама многу одамна. Оксиморонски толку мрачно блескаат што не може да ги изгледате мижејќи, нели…

Прва задача по коронава, со лесно да минеме, ќе биде да го прочистиме воздухов, да излеземе од трулежов и тињава во која не навасаа самобендисаниве дилајли, и буквално и колдвеловски, скроз…

Основно, ни треба нешто за да не држи во овие времиња, дефинитивно. Гол факт. Епа, аман, дајте да го смениме времето во кое библискиот муабетот – не лажи, не кради и не мами беше гола фарса, само и само поради тоа што владата на Зокија мразеше соперници. И за промена, за ова време-невреме, или башка корона-башка СДССС владење, во иднина да зборуваме во минато свршено време.

Да, убо би било да се потсетуваме и да зборуваме за едно време-невреме, кога Македонците истовремено, паралелно и симултано победија два вируса, и КОВИД-19 и СЕВЕРИД-19 (оти е востановен во црната 2019-та година). Реално, и двата направени илјадници километри одовде, и двата со многу поглобалистичка намена.

П.С. И повторно, полокално… Арамии, НЕ КРАДЕТЕ! Не дека е корона. Оти владата чија сива еминеција е чедото црпнато,  мрази конкуренција…

Пишува: Љупчо Цветановски

Коментирај