Колумна на Јордан Пачков: ОПАСНИ ТЕЗИ ЗА РАЗНЕБИТУВАЊЕ

0
93

Македонија се наоѓа пред уште еден предизвик, испит на полнолетност или крстопат со патишта коишто завршуваат со “ќорсокаци“ на меѓународната и домашна политичка сцена. Бомбардирана со се понагласените опасни тези, Македонија е во пресрет на недефинираната и во обланди конференција, на прагот на почетокот на крајот! Морбидно сценарио кое што не сакаме и нема да дозволиме да се реализира, но коешто заслужува сеопш народен одговор, отпор, одважност и решителност категорично да се застане на бедемот и браникот на демократијата, слободата и името.

Македонија не е, ниту наликува на протекторат како што сака домашниот и уфрлениот стран непријател да ја детектира. Македонија има патриоти, родољуби, синови и внуци на славни предци, кои уште пред повеќе од сто години го трасираа патот по кој треба да се движиме кон успехот.

Незнам кога ќе биде објавена целосната нарачана анализа. Анализа која, во “најлоша рака“ само целосно ќе ја отвори и онака подотворената Пандорина кутија. Да бидам појасен, ќе биде објавена содржината на бараната анализа од страна на албанскиот фактор во државата во која (дај Боже да грешам) ќе биде јасно декларирана “судбината“ на Рамковниот договор, измените на Уставот на Република Македонија, воведување на албанскиот како втор државен јазик, антидискриминацијата на останатите етнички заедници во државава, децентрализацијата, правичната застапеност во институциите, образовниот процес, со еден збор мноштво од навидум “најзначајните“ проблеми коишто го тиштат плуралистичкото македонско општеството, а кои се понагласено ги турка лидерот на позицијата на своите јавни настапи. Човекот кој стана Премиер на Македонија!!??. Кога би играле “асоцијации“, сето ова со еден збор пподразбира, завршниот чекор кон федерализација.

Поранешната опозицијата, јасно ќе рече, ќе потенцира и ќе констатира – “па зошто конечно да не зборуваме за федерализација“. Онаа “зошто“ има вистинско значение на “принципиелното“ прашање само ако пред себе ги имавме резултатите од пописот, да можеме да се преброиме, колку сме, колку не има и кому сето ова, навистина му оди во корист, т.е. кој сака да профитира?

Па тогаш, зошто и со кое право се обидува некој на нарачана анализа да спроведува нечии си “желботеки“ вознемирувајќи ги граѓаните со овие “антидржавни“ активности. Веднаш ќе ви кажам, ниту сум расист, ниту симпатизер, а камо ли член на некоја дискриминаторска ацоцијација, едноставно само размислувам мошне трезвено, со доза на страв, и се плашам дека Вториот Рамковен договор, кон кој се тежнее од одредени групации и поединци, само ќе го наруши кревкиот “соживот“ во Македонија и безусловно води кон федерализација. Некои тоа го посакуваат, ама не` има многу повеќе оние кои не сакаат повторно да дојдеме во ситуација да се впуштаме во авантури и конфликти од кои штета ќе имаат сите.

Та зарем не се деклариравме дека создаваме и градиме општество во кое “традициите, вредностите и културните различности се богатство“ на возбурканата балканска почва. Го потенциравме основното начело дека не треба и “недопустливо е политичките и партиските агенди да бидат позначајни од верата.“ Тоа подразбира дека во мир и спокојство живееме и твориме со Македонци муслимани, православни, католици, евреи, протестанти и припадници на други религии.Тие се составен дел на македонскиот народ, дел од неговата вековна култура, јазик и традиција!

И, по незнам веќе кој пат, разумот мора да надвладее. Анализата на Охридскиот рамковен договор која ја изготвил Европскиот институт за мир, предводен од посредникот во конфликтот од 2001 г. Питер Фејт, по барање на Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор чекор почекор се реализира, но, прашање е какви ќе бидат реакциите?

Обичниот граѓанин, вознемирениот наш човек си го поставува прашањето, што после тоа? Каде оди општеството? Кој ќе ја крои и брани судбината на Македонија, алудирајќи пред се на изрежирано изнудените вонредни парламентарни избори чиј епилог го почувствувавме сите ние.

Впрочем, стравувањата за можна федерализација ги “воскреснаа“ пораките на некои “дужегрижници“ за судбината на Македонија и нивните медиумски мегафони и подржувачи. Сите се свесни и на едно високо разумно ниво размислуваат дека “запалениот фитил“ има една и единствена цел – да догори! И што тогаш, конечно ќе профитираат ли, вечните лузери, тие што бараат мојата и твојот внук Македонецу да учат и говорат втор јазик во градинките, училиштата, институциите? Небаре странци сме, туѓинци сме, луѓе од друга планета, па ни се потребни вакви авантури ! Каде изчезна тронката и чувството за национално единство? Зарем морбидните катастрофални идеи дојдоа на ред за реализација? Се прашал ли за тоа нешто лидерот на парламентарното мнозинство!!??

Какво е оваа сценарио кое некој го спроведува со помош на СОРОС и неговите платеници, потикнувачите и подржувачите на “обоени“ револуции, партиципиенти на “улична демократија“ кои ја туркаат Македонија во бездна? Одговорот е познат и е составен дел на добитната комбинација на која се игра – подгревање на меѓуетничките односи.

За самиот крај, само едно нешто ми е кристално јасно. Што и да се изроди, не потценувајте го народот. Македонецот и Македонија биле на многу вакви слични искушенија во својата развојна историја. Епилог: секогаш излегувале како победници!

Да живее, да е благословена и да е вечна нашата единствена Република Македонија!

Пишува: Прим. Д-р Јордан Пачков

Коментирај