Колумна на Героски: Другарчиња, никој не ве руши, сами се рушите!

0
456

Бранко Героски, новинарот кој прв во јавноста го отвори случајот Рекет преку своите колумни, во најновата колумна пишува за обидот на власта да го релативизира значењето на оваа афера со цел да ја оспорат потребата од итна разврска на скандалот за кој пишува не смао регионот, туку и пошироко.

Героски напиша:

Редно е да се осврнам на тезите што паламудите туруци ги шират за аферата „Рекет“, во обид да го релативизираат нејзиното значење и да ја оспорат потребата од итна правна и политичка разврска на скандалот.

Првата туручка теза е дека аферата „Рекет“ е производ на „криминалното подземје“ и е смислена со цел да се уништи Специјалното јавно обвинителство, кое да ти било на трага на криминалните активности на поранешната владејачка вмровска елита и на бизнисмените блиски до неа. Тезава се развива до степен на тврдење дека Катица Јанева е намерно „егзекутирана“, поради нејзините успеси и цврстата решеност да се справи со „мафијата“.

Тезава е толку смешна сама по себе, што не вреди ни да се вложува многу труд да се побива. Затоа, ќе понудам само два аргумента, за кои е свесна целата јавност во Република Северна Македонија, ама некои луѓе можеби заборавиле како се случиле некои нешта и сега уживаат во паламудење.

Прво, изборот на СЈО е извршен со согласност на претходната владејачка елита, во Пржински формат (отаму сегашните проблеми во создавањето правна рамка за новата јавнообвинителска институција), со прецизен договор за употребата на „бомбите“ и со согласност на Никола Груевски за изборот на нејзиното височество Катица Јанева. Се заборава дека СЈО е институција со мандат (мандат и во смисла на сет на надлежности и во смисла на рок на траење), што ќе рече таа е механизам со вграден шраф кој кога ќе се извади, доведува до распад на целиот механизам.

Второ, самото СЈО, во својот отчет за сопствената работа, презентира уверливи податоци за својата доминантна неуспешност. Не е само Катица „гнила круша во гајбата“. Дури и да е, нејзината позиција е таква што по дефиниција ја прави гајбата адекватна за отпад. Не, во таа гајба одвај може да се најде по некоја здрава круша. Се гледа тоа од сработеното – клучните кејсови се водени невешто, неуредно, неамбициозно, а некои истраги, можеби намерно, се отворени по јасниот законски рок, за што никој од паламудиве сѐ уште не нуди логично објаснување оти било постапено така.

Втората теза треба да ја оправда првата: во случајот „Рекет“ немало рекетирање туку поткуп. Ако се сеќавате, имаше дури и комични обиди аферата да се именува како „Поткуп“.

За жал, никакво епско паламудење не може да помогне граѓаните на Република Северна Македонија да го заборават она што го видоа и што го слушнаа со сопствените очи и уши. Имнено, сите се осведочивме дека на дело е рекет и тоа не обичен, туку мега-рекет! И сите, не само поради снимките, туку и поради сомнителните активности на специјалната обвинителка Јанева, сфативме дека Катица не само што не е никаков борец против мафијата, туку со право е осомничена дека е дел од мафијата, дека е иста како Боки Тредичи, ако не и полоша, дека е мафија по себе. Повторувам, засега само осомничена.

Оние кои сѐ уште имаат дилеми околу скандалов и околу ролјата на Катица (луѓе сме, грешиме, плус прва љубав заборава нема), а особено оние со обврски да паламудат дека сево ова било некаков заговор, ги упатувам да го прочитаат вториот „ферман“ што мистериозно протече од Обвинителство за организиран криминал, записник од сведочење на личност од телекомуникацискиот бизнис. Јас досега не сум слушнал за тој крак на приказната, но се распрашав малку и можам да ви кажам дека сведокот „од телекомуникацискиот бизнис“ не е оној „на Ж“, ако сте мислеле на него. Станува збор за еден друг опскурен лик, кој се расприкажал пред обвинителката Вилма Русковска како нашите рекетари (сите заедно, туто комплето) се обиделе да го рекетираат дури и контроверзниот Кондоминас, користејќи ги своите позиции во владата. Не знам колку сето тоа е вистина (моите извори велат – речиси сѐ), но ова сведоштво несомнено покажува дека не само што станува збор за организирана рекетарска група, туку и за застрашувачки амбиции на групата.

Конечно, третата теза е настојчивото паламудење дека аферата „Рекет“ е креирана со пучистичка намера да се урне владата на Зоран Заев, за на власт пак да дојде ВМРО-ДПМНЕ, а можеби дури и Никола Груевски да ни се врати на бел коњ. Во овој дел, туруциве најчесто го спомнуваат и моето име. Можеби затоа што јас го пуштив Никола да избега во Будимпешта.

При тоа, се разбира, паламудиве се толку неспособни и јалови, што несакајќи ги откриваат слабостите на владејачката партија, која претседателските избори – пред аферата „Рекет“, пред аферата!!! – ги заврши со минус од 70.000 гласови зад партијата на Христијан Мицкоски. Се откриваат слабостите и паничниот страв на четата на Заев од губење на власта. Затоа кутриот Кирацовски од собраниската говорница плаче – аман луѓе, „Рекет“ па „Рекет“, дајте да зборуваме за други работи!

Другарки и другарчиња, турете си прст на чело, не ги слушајте туруциве и не наседнувајте на ова бескрајно паламудење. Никој не ве руши, самите си се рушите! Уште на самиот почеток ви реков дека аферава, без оглед на сите дефокусирања и разводнувања, има потенцијал да трае и да ја забавува јавноста во Република Северна Македонија до следните избори. Ќе има нови сведоци и нови осомничени, ќе проговорат осомничените, ќе има обвинение, ќе стасаат судските рочишта – каде ќе се криете? Кој ќе ве спасува, ова туруциве? Ама ајде, ви се молам, бидете еднаш сериозни! Како сте тргнале, па вие навистина ќе паднете како гнили круши, по ѓаволите! Ајде, соземете се побрзо, егзекутирајте ја политичката одговорност, зачистете во сопствениот двор, обидете се да се консолидирате и спремајте се за пресудната битка.

Немој после да кажете дека не ви било кажано. Ај сега чао, ве оставам да се забавувате со туруциве. Паламудењето не врши работа, но знае да биде забавно за луѓе во состојба на депресија во напредна фаза.

Целата колумна на следниот линк

Извор: република.мк

Коментирај