Колумна на Џејсон Мико: Зоран Заев вели „Е..му името“

0
2151

А воедно и бесрамно лаже

Две нешта се случија минатата недела: Зоран Заев призна дека не му е гајле за македонското име, и дека лаже во врска со тоа што може да се очекува од идната десно ориентирана на Владата на Македонија доколку таа го врати вистинското и единствено име на Македонија.

Зоран Заев самиот призна дека не му е гајле за името, а, преносно, ниту за достоинството на Македонците. Ако на овој таканаречен водач, кој беше и премиер, навистина не му е грижа за иемто на неговата земја или за достоинството на неговите сонародници Македонци, тешко е да замислиме дека му е грижа и за други прашања кои им се важни на Македонците – за економијата, работните места, корупцијата, здравството, образованието…

Повеќе медиуми ја пренесоа снимката од 2014 година во која Заев разговара со полициски соработник кој тајно го снима, и притоа вели дека работата била договорена со Американците и со Европејците, и дека за Македонија да оди напред и да влезе во ЕУ и НАТО името мора да се смени. „Ебаму името, ебаму“, Заев вели.

Срамно е што овој човек сака повторно да биде премиер, за уште четири години, и да продолжи на Македонија и на Македонците да им го прави тоа што го правеше во изминатите безмалку три години – активно да го поткопува македонското име, идентитет и достоинство додека ја игнорира економијата, заглавува во корупција и општо земено придонесува кон тонењето на Македонија. Ако неговата крајно левичарска, социјалистичка партија повторно дојде на власт по изборите на 12 април, тешко е да се замисли дека до 2024 година во земјата ќе остане некој Македонец. Државата ќе биде киднапирана до крај, а економијата нема да дојде до ветената Нирвана. Граѓаните, а особено младите, ќе продолжат да си заминуваат и идентитетот на Македонците во целина ќе биде доведен во прашање.

А потоа ја имаме и последната лага на Зоран Заев, која е навистина бесрамна, и се однесува на членството на Македонија во НАТО.

Во предизборието, водачот на македонските левичари вели дека ако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите и го врати вистинското и единствено име што Македонија го има, тогаш земјата ќе биде исфрлена од НАТО. Ова е целосна лага.

Во моментов Македонија треба да стане 30-тата членка на НАТО во следните шест месеци. Сите земји членки, освен Шпанија, се согласија на ова, а и застојот во Шпанија произлегува од внатрешно-политички причини. Шпанија конечно доби Влада и се очекува да го ратификува приемот на Македонија во следните неколку месеци. Потоа, а можеби и пред тоа, македонското Собрание исто така ќе го ратификува протоколот за прием и Македонија конечно ќе го заземе своето место во НАТО.

Но сега Зоран Заев се обидува да ги исплаши Македонците со своите лаги. Тој им вели на Македонците дека ако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите во април, тогаш тие ќе го вратат вистинското име на земјата, а како резултат НАТО ќе ја исфрли Македонија од своите редови.

Но ова не е возможно, бидејќи НАТО нема механизам со кој може да исфрли земја – членка. Точка.

Според  Република, Заев рекол дека „Укинувањето на договорот од Преспа би не вратило 25 години наназад. Дали ВМРО-ДПМНЕ се свесни што ќе се случи ако се уништи Преспанскиот договор? Тоа ќе значи укинување на членството во НАТО…“

Повторувам, не постои автоматско „укинување на членството“ во НАТО. Деновиве има многу слични повици во однос на Турција, која е членка на НАТО, да биде „исфрлена од НАТО“. Но, како што новинарот Џонатан Манторп покажа уште во 2016 година, „кога НАТО се формираше во 1949 година, во организацијата не беше воспоставен механизам за отстранување на непослушните членки“. Не би рекол Македонија и Македонците ќе бидат „непослушни“ доколку си го вратат своето вистинско и единствено име. Но дури и кога би биле непослушни, не постои начин да бидете избркани од НАТО. Оттаму, изјавата на Заев дека Македонија може да биде исфрлена од НАТО доколку на власт дојде десно ориентирана Влада која ќе го врати македонското име е целосна лага. Неодамна, во репортажа на германската новинска агенција Дојче Веле, за прашањето на членството на Турција во НАТО, беше утврдено дека „основачката повелба на НАТО дозволува земја членка самата да си замине, но нема механизам за исфрлување на земја членка од Алијансата“.

Конечно, да се потсетиме на тоа што самите членки на НАТО ви велеа со години, поточно децении: „Морате да си го смените името бидејќи Грција е членка на клубот, а вие не сте“. Со ова, ви велеа дека штом и вие ќе бидете дел од клубот, ќе можете да правите што ќе посакате. Грција со децении ги кршеше сите правила, и ниту една друга држава не и се спротистави по прашањето на Македонија. Сериозно се сомневам дека, штом Македонија ќе стане членка, другите земји ќе ве осудат ако си го вратите своето национално достоинство и своето име. Ако НАТО навистина ве осуди, тогаш значи дека НАТО има свои, сопствени, сериозни проблеми и дека крајот на оваа Алијанса е блиску, бидејќи се покажало дека таа не поседува основни вредности.

Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк

Коментирај