Колумна на Џејсон Мико: Време е за премиер Македонец

0
1921

Македонија оди на избори прогласени среде смртоносна пандемија, на 15 јули – ден среда, што е прилично чуден избор за Македонија или за било која европска земја каде обично се гласа в недела.

Сепак, Македонците ќе излезат, желни да го искажат своето мислење и преку гласачките ливчиња да кажат што мислат за Зоран Заев и за скоро четиригодишното владеење на партијата СДС – ја изоставам буквата „М“ бидејќи самиот Заев пред неколку месеци кажа дека тоа не е веќе македонска партија.

Да одиме понатаму.

Неодамна Али Ахмети, лидерот на партијата на македонските Албанци ДУИ (партија која произлезе од ОНА/УЧК, организација која во 2001 година се обиде да ја подели Македонија на две) повика во случај на победа на неговиот коалициски партнер СДС и Заев, идниот премиер на Македонија да биде етнички Албанец. Конкретно, Ахмети рече: „Бевме обединети во УЧК за време на војната, и бевме обединети кога го избравме првиот Албанец – Спикер на Собранието за да влеземе во НАТО и почнеме преговори со ЕУ. Време е да избереме Албанец за премиер“.

Заев на ова одговори дека е точно дека граѓаните во ова општество постојано ги надминуваат етничките бариери, но многу е поважно да бидеме водени од квалитетот на кандидатите и од нивниот пристап кон гласачите и личниот пример што го даваат. Заев рече дека, ако СДС победи, тој ќе биде кандидатот за премиер.

За мене најважни се политиките кои ги предлага кандидатот и кои ги застапува неговата партија. Би требало да се спроведуваат политики од кои полза ќе имаат сите Македонци, независно од нивната етничка припадност. Политики кои водат до економски раст и отвараат работни места, со кои се намалува загадувањето, се подобрува безбедноста, се обезбедува повисоко ниво на образование и здравствена заштита – би требало да се спроведуваат вакви политики, и Македонците би требало да гласаат за овие прашања (како и во зависност од нивото на корупција и скандали во кои е вмешана актуелната Влада – да го оставиме за миг настрана прашањето на името и идентитетот).

Да се вратиме на Ахмети: тој размислува како мал, племенски поглавар, што во суштина и е. Неговата куса биографија вели дека студирал марксизам и ленинизам, не успеал да стане големец на Косово по војната таму, се обиде и за малку ќе успееше да ја подели Македонија на два дела, создаде своја политичка партија која сега ја води како мафијаш и воен командант. Тоа е тоа.

Затоа не е некое големо изненадување да го видиме Ахмети како бара Албанец за премиер – тоа е се што тој знае да прави – да уценува, да се заканува, да предизвикува војни, да следи пропаднати идеологии. Ахмети не знае многу за демократијата, а уште помалку ја разбира. На крајот на краиштата, се работи за мал човек, кој мисли дека може да им наредува на другите (вклучително и на македонските Албанци) и кој верува дека светот треба да му ги исполнува желбите. Ахмети ќе биде заборавен набргу откако ќе го снема, особено од меѓународните елити чие одобрување толку многу го бара.

Ова ме враќа на Заев и на темата на оваа колумна. Време е за премиер Македонец. Македонија секако немаше Македонец премиер во изминатите три години. Заев можеби вели дека е Македонец, но неговите зборови и дела велат поинаку. Со зборовите и делата јасно покажа дека не е Македонец. Конкретно:

Заев се согласи да го смени македонското име, идентитет, култура, традиција, историја, го потпиша и промовираше таканаречениот „Преспански договор“, како и таканаречениот „договор за добрососедство“ со Бугарија.

Ги прифати сите барања од таканаречената „Тиранска платформа“ на етничките албански партии од Македонија (вреди да се потсетиме дека платформата беше промовирана од Тирана и беше потпишана на 7 јануари 2017 – на Божиќ)

Светот почна да ги нарекува Македонците и се што е македонско со изразот „Северномакедонци“, но на Заев не му е грижа. Ако тој и СДС бидат реизбрани, овој тренд ќе продолжи.

Не знам колку долго Македонија ќе го издржи ова.

Македонците секако, на прво место ќе гласаат за прашањата поврзани со економијата и работните места, како и за корупцијата и скандалите на актуелната власт. Луѓето мораат да јадат, да си ги нахранат и облечат децата, па можеби и да отидат на одмор еднаш или двапати во годината. Тоа е првиот приоритет. Како што реков погоре, следни се прашањата на здравството (особено сега), образованието, безбедноста, загадувањето. Сите анкети го велат тоа.

Да се вратиме на прашањето на името и на идентитетот – верувам дека овие прашања моментално се подолу на листата на предизборните приоритети на Македонците во Република Македонија и имам теорија зошто тоа е така – огромно мнозинство Македонци во Републиката си ги живеат животите како и обично, се нарекуваат себеси Македонци, гледаат како компаниите зборуваат за Македонија, и ретко се среќаваат со зборот на „С“. Оттаму, преименувањето не им е пред очи многу често и не им е главен приоритет. Тоа е разбирливо. Но остатокот на светот го користи зборот на „С“ и малку по малку го преименува се што е „македонско“ во „северномакедонско“ без повеќето Македонци да го забележат тоа. Важно е Македонците да гласаат за прашања од областа на економијата (и сите други погоре наведени прашањата), но во исто време да гласаат и за возобновување на македонското име, идентитет, достоинство и се друго што ја прави Македонија единствена и, секако, македонска. Ќе биде потребно време, но ќе биде.

Затоа што, ако не сте подготвени да се грижите за македонската градина, еден ден ќе ја снема.

Тоа ќе биде и темата на мојата следна колумна: ерозијата.

Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк

Коментирај