Колумна на Џејсон Мико: Велигден, 2019 – Вечен живот и изобилен живот

0
346

И Исус рече: Јас сум Воскресението и Животот. Кој верува во мене – и да умре – ќе живее. Верувате ли во ова? ?Јован 11: 25-26.

Дали вие верувате во ова?

Библискиот цитат погоре се однесува воскресението на Лазар, кога Исус и говори на Марта, сестрата на Лазар.

В недела, 28 април, македонските православни верници низ светот го празнуваат Велигден, заедно со другите припадници на Православната црква. Јас сум член на Македонската православна црква, иако бев крстен во Лутеранската црква, израснав во Евангелската црква, а сега сум дел од Назаренската (исто така протестантска) црква во мојот град. Поради тоа, годинава Велигден го празнувам двапати, на 21 и на 28 април. А бидејќи православниот Велигден се паѓа на полпат меѓу двата круга претседателски избори во Македонија, мислам дека е добро да направиме пауза од изборите и да се посветиме малку на празникот.

Како прво, го имавме пожарот во Богородичната црква во Париз. Катедралата е симбол на КАтоличката црква, а исто така, во умовите на многумина, е и симбол на самата црквата како отелотворение на Христовите верници. Во една од првите фотографии што беа објавени од внатрешноста на црквата, откако огнот беше изгаснат, се гледа златен крст, блескав и неоштетен, над олтарот, додека пожарникарите се движат низ црквата. Беше тоа длабока, впечатлива фотографија – моќниот симбол на Христијанството во остатоците на изгорената катедрала: крстот, кој првично беше римски симбол на смртта, се видоизмени и на првиот Велигден стана симбол на животот, и тоа на вечниот живот.

Македонија има многу убави цркви и манастири, некои од нив многу постари и од Богородичната црква. Меѓу моите најсакани спомени се честите одбележувања на Велигден во Македонија. Пред неколку години, празникот го одбележав во манастирот Свети Пантелејмон (изграден во 1164 година) во селото Горно Нерези на Водно. Традиционалното одбележување на Велигден од страна на Македонската православна црква е убав потсетник зошто Исус умрел и воскресна, и што тоа значи за верниците низ бесконечноста.

Но, има уште еден аспект на Велигден кој сакам да го истакнам тука: покрај вербата во Господ, Исус Христос и Светот Дух – што на верниците им гарантира вечен живот и вечен живот со Господ на Небесата – не би требало ли да има нешто повеќе во „христијанскиот начин на живеење“ од самото чекање на Рајот? Нели би требало да се посветиме повеќе и ан животот, од оваа страна на Рајот? Мислам дека одговорот е гласно и силно „Да, амин“.

Покрај првичниот цитат од апостолот Јован, се сеќаваме и на зборовите на Исус, запишани од Јован 10:10, пред да го воскресне Лазар од мртвите: „Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат изобилно“.

Што точно мисли Исус кога вели „изобилен живот“? Драго ми е што прашавте!

Како прво, „изобилен живот“ не се однесува на материјални богатства, иако таквиот живот може да содржи материјално изобилие. Секој кој проповеда дека материјалното богатство (евангелието на просперитет) е дел од Христијанството едноставно кажано – греши. Исус и Библијата не не учат на материјално богатство. Напротив, правилното сфаќање на изразот „изобилен живот“ треба да значи да направиме споредба со животите на неверниците – тие кои се загубени за и одделени од Господ. Нивните животи, да бидеме искрени, се безнадежни. Но, животот на верникот – изобилниот живот – е нешто повеќе од безнадежен, празен живот. Тоа е живот кој што може – и треба! – да подразбира мир, радост и  задоволство, ако правилно го разбираме и практикуваме. Еве практичен совет од еден средовечен  верник кој целиот свој живот ја проучувал Библијата: може да помине долго време додека да научите како да имате изобилен живот: блажени се тие кои ќе го научат тоа додека уште се млади!

Од друга страна, мислам дека е важно да ги запомниме – и избегнуваме – нештата кои можат да ги лишат Верниците од изобилниот живот – грижата (како и стравот и вознемиреноста) се првото нешто што може да ве лиши од вашиот изобилен живот и вистинскиот мир. Исус вели дека грижата нема да ви додаде ниту еден ден во животите, а модерната наука покажува дека секирањето може да ви го скуси животот. Да бидеме искрени: повеќето нешта во животот за кои се грижиме се нешта околу кои немаме никаква контрола.

Иако на Верниците им е ветен вечен живот и изобилен живот на земјата, важно е, како Верници, да запомниме по која цена е дадено тоа ветување. Христијаните се уште се една од најпрогонуваните вери на светот, ако не и најпрогонуваната. На ова се присетивме на 21 април, Велигден, кога во Шри Ланка беа извршени бомбашки напади чија цел беа токму Христијаните. Над 350 луѓе беа убиени, а 450 ранети од исламистичките терористи. Иако повеќето Верници нема да бидат повикани да ги дадат своите животи за Исус, но Христијаните, низ целиот свет се прогонувани и на други начини – дали се работи за Западната цивилизација каде на Христијаните се почесто им се вели дека не смеат јавно да ја применуваат својата вера, или пак мора да платат цена за тоа, со губење на работните места или на некој друг начин.

Исус ова јасно ни го претставува кога, во Јован 16:33 вели дека „ова ви го реков за да имате мир преку мене. Во светот имате неволја, но бидете храбри, јас го победив светот!“

Додека Македонците и другите православни Верници го слават Велигден 2019 година, моите молитви се со вас и со Верниците низ светот кои спомнуваат што Господ сторил за нив во овој живот, и во следниот живот, за што можеме да бидеме благодарни и да го споделуваме со другите.

Христос воскресе!

Навистина воскресе!

Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк

Коментирај