Колумна на Џејсон Мико: Противотров за анти-македонските ставови кои преовладуваат кај западните елити

0
548

Куса забелешка: Пишувам колумни во македонски весници, неделници и интернет страници од 2001 година. Ова е мојата колумна број 700. А колумната број 700 ја почнувам со следната најава: сите кои ја сакаат Македонија ќе работат неуморно и конечно ќе го поништат ова што и се прави на Македонија. Ќе успееме, на крајот на краиштата, да го испратиме таканаречениот Преспански договор на буништето на историјата.

Денес Македонија се наоѓа во ситуација каде силите на империјализмот и авторитаризмот надвладејуваат со Западот и денес, барем засега, успеваат во тоа да ја турнат Македонија поблиску до нивната цел (ова не е целта на Македонија туку нивната цел – но повеќе за тоа подолу). Да бидеме јасни, под „силите на империјализмот и авторитаризмот кои надвладејуваат со Западот“ ги подразбирам елитите во САД, ЕУ и НАТО, избраните политичари и именуваните бирократи, медиумите, организациите од цивилниот сектор (повеќе и за нив подолу), аналитичките центри, академските институции и многу други. Во некои случаи овие сили вклучуваат и Македонци (си ги знаете кои се), но во други случаи се работи за луѓе од најблиските соседи на Македонија: Грција, Бугарија, Албанија и други.

Што е нивната цел? Ќе се повикам на еврејскиот аналитичар и автор Јорам Хазони, кој добро ги опишува во својата книга „Доблеста на национализмот“: овие елити имаат „една империјалистичка визија: сакаат да видат свет во кој либералните принципи се кодификувани во универзален законик и им се наметнати на нациите, со сила ако мора. Тие велат дека на овој начин ќе обезбедат вечен мир и просперитет… Ова се догматици и утописти кои веруваат дека конечните вистини за судбината на човештвото одамна биле откриени и дека останува само да им се наметнат на сите“. Овие елити, како што и други пишувале, се гледаат себеси како класа на првосвештеници на овој култ на глобалната Влада – ќе бидат нашите нови владетели, ако им дозволиме.

Македонија се наоѓа во положба елитите се уште да работат да им го негираат на Македонците правото да се нарекуваат себеси Македонци, а својата земја да ја нарекуваат Македонија.

Што можеме да сториме во врска со ова? Има ли лек? Има ли барем противотров? Верувам дека има.

Бидејќи актуелната Влада на Македонија работи против Македонија, ќе мораме да се вратиме на почеток. А почетокотпочнувасозајакнување на институциите. Хазони пишува дека „силни и отпорни институции се тие кои се изградени пред врз взаемната верност“ и дека „семејството е најсилната и најотпорната од сите мали институции кои и се познати на човечката политика“. Тој објаснува како оваа институција е најважна од сите, биејќи семејството е создадено „за да им го пренесе на идните генерации наследството кое што им било оставено од родителите и нивните претци. Ова наследство го вклучува и самиот живот… но го подразбира и начинот на живот, религијата, јазикот, вештините и навиките, одредените идеали и начини на разбирање на нештата што треба да се цени и да се смета за уникатно кај секое семејство… еден начин да го разбереме овој напор е ако кон семејството гледаме како на нешто формирано со цел да се отплати долг кон родителите и претците за наследството што сме го примиле од нив, долг кој може да се отплати со израснување на нови генерации кои ќе го примат, и ако е можно, ќе го усовршат применото“.

Доколку сакаме да ги зајакнеме овие институции во Македонија, со цел да ги спасиме, мораме да почнеме од најосновната институција: од традиционалното семејство (семејствата, секако, се нападнати од страна на елитите во секоја држава која што тие досега ја здогледале). Можеме да го зајакнеме семејството како институција со поттикнување на растот она семејствата преку бракови, раѓање и посвојување деца, добро воспитување на децата што ќе подразбира градење дисциплина, карактер и 1.000 други нешта. Со зајакнување на оваа прва и најосновна институција, на семејството, ќе успееме да ги зацврстиме нашите заедници, градови и нашата нација.

Понатаму, мора да се зајакнат и верските институции. Ја разбирам историската врска меѓу Македонската православна црква и држвата, но во суштина верските институции е најдобро да се зајакнат внатрешно, кога нејзините водачи гледаат извор на сила и верба во Господ, и кога верниците го прават истото.

Понатаму, засилувањето на институциите продолжува во населбите каде што соседите и здруженијата кои тие ги создаваат се грижат едни за други, работат на подобрување на населбата физички (колку што е можно повеќе со сопствени сили и без Владата, дури и без локалната власт) и вршат општествена интеракција.

Понатаму, ќе мора да се зајакне и граѓанското општество (тука не мислам на граѓанското општество наметнато од горе, преку групи создадени со надворешно влијание и пари –тука мислам пред се на Фондацијата Отворено Општество на Џорџ Сорос, и на сите организации создадени со пари од УСАИД и од ЕУ. Сите знаеме дека многу од овие групи се формирани единствено со цел да се приграбат пари, моќ и престиж од страна на тие што ги „создале“, како што се Сорос, УСАИД и ЕУ.Овие групи и нивните водачи и членови се само продолжетоци и алатки на погоре наведените елити). Место нив, јас зборувам за вистинското граѓанско општество, за организации создадени од доле нагоре, од самите локални заедници и локалните Македонци кои сакаат да си ги решаваат локалните потреби кои не можат или не треба да бидат решени од страна на Владата, на било која Влада. Вистинското граѓанско општество треба да одигра важна улога во Македонија, како и во секое друго општество.

Образованието исто така ќе мора да се зајакне, по потреба и надвор од училиштата. Гледајќи ја актуелната Влада на Македонија како во обид да им се додвори на Бугарија и на Грција се согласува да се избрише македонската историја од македонските училишта, можеби ќе биде потребно да се создадат здруженија на учители и на родители кои, по часовите, или преку викенд, ќе им ја учат вистинската историја на Македонија на своите деца. Ова ќе биде одличен пример на вистински организации на граѓанското општество кои израснуваат од доле нагоре.

Мислам дека ме разбирате кон што целам. Секоја македонска институција ќе мора да се зајакне и поттикне за Македонија да преживее и да напредува, дури и додека е под напад. Размислете кои се институции ќе можат да ја продолжат борбата, во културата, спортот, заштитата на наследството, уметноста и така натаму.

Овие погоре наведени чекори се однесуваат конкретно на Македонија и на Македонците кои живеат во Републиката, но тие мора да ги вклучат и Македонците и нивните заедници во соседните Грција, Бугарија и Албанија. Мислам дека ова ќе биде особено важно за нив, бидејќи тие се под уште посилен напад и под притисоци од нивните влади. Оттаму, ќе биде суштински важно институциите на семејството и на соседството во овие држави да бидат постојано зајакнувани.

Сето ова погоре треба да биде постојана цел, без оглед кој е на власт. Не е работа на Владата да ги поттикнува и да ги води овие процеси (иако Владата може да биде вклучена во градење на институциите со мерки како што се семејните политики). Но, зависи од самите поединци, од семејствата, соседствата заедниците и така натаму да ги водат овие политики, ако сакаме да имаме здрава и долговечна Македонија и Македонци.

Уште две нешта. Прво, витално важно е да се признае дека сите успешни човечки заедници препознале низ вековите дека за да имаат што е можно помирно и поуспешно живеење, мораат да живеат доблесно и морално, да имаат доблесен и морален народ. Без доблесно и морално граѓанство, ништо нема да функционира – ни владата, ни општество, ни економијата, ништо.

Второ, за крај, никогаш не заборавајте ја македонската историја, и секогаш помнете го минатото, за да можете да го пренесете во спомените на своите деца, внуци и на генерациите кои допрва ќе се родат. Храбрете се едни со други со приказните од минатото и влејте си надеж за иднината. Големтие автори од минатиот век ни кажуваат што се случува кога ќе го заборавиме или кога ќе им дозволиме на други да го уништат нашето помнење и нашето наследство. Џорџ Орвел вели дека „најефикасниот начин да се уништи еден народ е да им го негираш и избришеш нивното сопствено разбирање на нивната историја“, а рускиот дисидент Александар Солжењицин додаде дека „за да  уништиш еден народ првин мораш да му ги пресечеш корените“. Од Милан Кундера научивме деак првиот чекор кон ликвидирањето на еден народ е бришењето на неговото сеќавање. Уништете ги книгите, културата и историјата… Набргу нацијата ќе почне да заборава што е и што била“. Мораме да го помниме минатото и да ги славиме многу добри нешта кои ни биле дадени, вклучително и тоа дека сме извојувале слобода и суверенитет, и да ги помниме сите кои се жртвувале за таа цел.

Направете го ова, Македонци, и ќе биде се во ред.

Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк

Коментирај