Колумна на Џејсон Мико: Прогресивците грабат власт

0
261

Полициски часови, сметките на компаниите и валутата на Македонија

Пред да навлезам подлабоко во оваа колумна, сакам да забележам дека неделава унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто дојде во Македонија со авион натоварен со медицинска опрема за да им помогне на Македонците кои се на првите борбени линии на епидемијата во нивната борба против корона вирусот. Ова беше втората авионска пратка со помош од пријателска држава и влада, откако премиерот на Словенија Јанез Јанша испрати помош минатата недела, во двата случаи на барање на лидерот на македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

За време на посетата, министерот Сијарто беше прашан за обвинувањата од страна на македонската левица, вклучително од партијата СДСМ на Зоран Заев, против Унгарија и унгарскиот премиер Виктор Орбан кој според нив се однесува како диктатор. Сијарто одговори без влакно на јазикот: „Воопшто не ни е важно што господинот Заев мисли за внатрешните прашања на Унгарија бидејќи тој не е Унгарец. Тоа што е важно за нас е што Унгарците мислат за работите во Унгарија. Ние победивме на трите последни избори со двотретинско мнозинство што јасно ви кажува што Унгарците мислат за нашите достигнувања. Тоа е тоа што е важно за нас, и не ни е важно што надворешни актери мислат за нас. Не ни е гајле“.

Ова ме води до односот на нашите пријатели од левицата, прогресивците, во Македонија и низ светот, кон оваа криза. Имам чувство дека многумина од нив ја гледаат епидемијата и оценуваат дека сега имаат многу нови можности да ја наметнат својата агенда на социјалистички економски политики, намалување на личните права и слободи, и драстично зголемување на државата.

Рам Емануел, поранешниот шеф на кабинетот на претседателот Барак Обама, милуваше да каже дека „не треба да се остави ниту една криза да пропадне“. Со други зборови, кризата е време кога можеш да ја наметнеш својата политичка агенда, не само додека трае кризата туку и за во идни времиња. Точно, за време на криза – во војна или пандемија – ние разбирливо сме подготвени да жртвуваме некои од нашите лични права и слободи, и да прифатиме поголемо мешање на државата во нашите приватни работи, како и масовно зголемување на долгот. Но кога ќе заврши кризата, мораме да се вратиме во нормала што се однесува до владиното мешање и долгот. Сепак, тоа се почесто не е случај. Прогресивната левица бара да прифатиме трајни промени во секој дел од нашите животи.

Да погледнеме од глобална перспектива:

– Шпанската Влада сака да воведе универзален основен приход (УБИ) кој нема да биде привремен и врзан со кризата. Според министерката за финансии Надиа Калвно, УБИ ќе биде инструмент кој „ќе остане на сила засекогаш, ќе биде структурна инвестиција, постојан инструмент“. Идејата за УБИ е лоша не само од економски причини (бидејќи е неодржлив) туку е ужасен и од социолошки причини.

– Поранешниот британски премиер Гордон Браун смета дека сега му се укажува можност да се создаде „глобална Влада“. Весникот Гардијан пишува дека „Браун ги повика светските лидери да направат привремена глобална Влада која ќе се соочи со медицинската и економската криза“. Освен што, на сите ни е јасно дека ништо не е толку вечно и трајно како „привремен“ владин проект.

– Германската канцеларка Ангела Меркел го обнови својот повик за „повеќе Европа“ и на прес конференција рече дека „Единствениот можен одговор е Повеќе Европа, посилна Европа и по-функционална Европа“ (никој не се сети да ја праша дали има момент во кој ќе имаме доволно Европа, или секогаш мора повеќе и повеќе?)

– Хенри Кисинџер, во колумна објавена во Вол Стрит Журнал, вели дека „е нужно неопходните мерки во овој момент да бидат поврзани со глобална визија на соработка и глобални програми“ и дека „напорите за борба со кризата не смеат да ја попречат итната задача паралелно да се прејде во пост-коронавирусниот поредок“. Оставам на вас самите да процените што значи „пост-коронавирусен поредок“.

Ништо од ова не би требало да не шокира. Напротив, би требало да бидеме благодарни дека прогресивците отворено ни кажуваат што планираат.

Да се вратиме на Македонија. Таму гледаме дека Зоран Заев и неговиот Социјал-Демокраски Сојуз на Македонија (Сојузот на комунистите пред 1991 година) нема да дозволат да ја пропуштат можноста која им ја пружа кризата. Само во текот на оваа недела (а го пишувам ова во понеделник) тие го сторија следното:

– Ги ставија Македонците под скоро целосен полициски час, за период од 4 попладне до 5 наутро и преку целиот викенд, кога Македонците мора да останат во своите домови од 4 попладне во петок, до 5 наутро во понеделник. Дополнително, не дозволуваат излегување надвор во групи поголеми од две лица (за среќа ова не важи за семејствата со деца).

– Наредија печатење на нови банкноти со наметнатото име „Северна Македонија“. Прво и основно, ова не е приоритет. Како второ, ова не е ни предвидено со таканаречениот „Преспански договор“ во овој момент. Но, тоа одговара на агендата на Заев.

– Заев, во класичен мафијашки стил, им се закани на македонските компании. Наместо да упати сосем нормален повик за донирање во овој тежок миг, Заев ја откри својата вистинска природа. Откако побара од нив да донираат во фондот кој е создаден и управуван од Владата, Заев ги потсети дека „Владата им ги знае сметките“. Владата е соочена со огромна дупка во буџетот од над милијарда евра и поради тоа, претпоставуваме, не може да ги покрие легитимните потреби на граѓаните во текот на кризата. Затоа Заев користи закани и уцени. Тој е експерт за такви тактики.

Конечно, да потенцирам дека сфаќам дека сме во криза, и дека има потреба Владата да дејствува. Една од главните, но малубројни задачи на Владата треба да биде да врши „големи проекти“ во ограничен временски период. Војни и пандемии спаѓаат во тие ситуации кога Владата треба да интервенира. Се работи за сериозна криза, и вирусот е вистинска закана. Но, прогресивците ќе се обидат – и ни кажуваат дека ќе се обидат – да ја искористат кризата за да ги наметнат нивните политики. И ќе се обидат да ги направат трајни.

Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк

Коментирај