Колумна на Џејсон Мико: Прикриени закани од Кале – и што може да направиме во врска со нив

0
3234

„САД успеаа да ја соборат Владата по двегодишна дипломатска битка и ја заменија со по-послушна Влада која како свој приоритет го постави зачленувањето во НАТО“. Вака минатиот ноември поранешниот британски дипломат во Македонија Тимоти Лес ги опиша напорите на Стејт Департментот на САД да ја смени десната Влада на Македонија и да ја замени со социјалистичката Влада на СДСМ, која се уште ја предводи Зоран Заев.

Дали е овој опис точен? Стејт Департментот – и амбасадата на Кале – би го негирале тврдењето дека ја урнале Владата. Но, погледнете како поранешниот американски потпретседател Џо Бајден се фалеше со смената на обвинител во Украина во 2015 година: „Им реков дека ние (САД) нема да им дадеме милијарди долари, нема да ги добиете милијардите… Ќе си одам за шест саати. Ги погледнав и им реков, си одам за шест саати, и ако обвинителот не е отпуштен до тогаш, нема да ги добиете парите. И знаете што? Го отпуштија“.

Претходната македонска Влада го поддржуваше членството во НАТО, но не по цената која се бараше од нив – македонското име, идентитет и достоинств. Но американскиот Стејт Департмент, кој долго време е бастион на „граѓаните на светот“ кои ги мразат своите сонародници Американците како заостанати и недоделкани, и е дувло на крајно-левичарска идеологија – овој Стејт Департмент не сакаше само да ја внесе Македонија во НАТО. Не, тие сакаа „послушна Влада“, како што вели Лес.

Американската амбасадорка во Македонија Кејт Брнс прејде во офанзива и со неуспешна суптилност се обидува да ги „предупреди“ Македонците за опасноста од поништување на таканаречениот „Преспански договор“. Во нејзиното неодамнешно интервју за ТВ Сител, Брнс постави личен рекорд во употреба на зборот на „С“, додека новинарката Славица Арсова постојано го употребуваше името кое Македонците отсекогаш го користеле – Македонија. Тоа сигурно беше непријатено. Претпоставувам дека Брнс е сепак човечко сушство, и не и беше лесно да го повторува зборот на „С“ (знаејќи дека нејзината кариера зависи од тоа) додека ја гледаат илјадници луѓе кои го презираат тоа име, и ја презираат улогата на Стејт Департментот.

Сепак, Брнс рече дека „Има сериозна причина за загриженост и граѓаните не треба да се излажат и треба да помислат што се ќе зависи од овој процес. Важно е да се запомни дека добрососедските односи се предуслов за членство во Евро-Атланските институции, за членство во НАТО и во ЕУ… а Преспа конечно го отвори патот за (земјата) да стане членка на НАТО, и да тргне по патот кон ЕУ… и помогна (земјата) да излезе од една стагнација во која не можеше да се развива политички или економски…“.

Во друго интервју амбасадорката го повтори овој став: „Загрижена сум од обидите да се збунат луѓето за ефектите на Преспа, што таа значи и што значеше за земјата и за ризиците кои произлегуваат од губењето на трансформативните ефекти на Преспа. Граѓаните може да се збунети за придобивките кои сега ги имаат, за странските инвестиции и за создавањето на позитивната иднина. Затоа кога слушам дека се зборува за повлекување од Преспа, за менување или за преиспитување на Преспа, мислам дека граѓаните треба навистина да се замислат и да ги препознаат позитивните ефекти кои дојдоа од неа“.

„Збунети“? Таа е одговорна за ширењето забуни. Американскиот претседател Хари Труман рече „ако не можете да ги победите, збунете ги“ и амбасадорката се обидува да го направи токмуѕ тоа. „Добрососедски односи“? Нели тоа треба да биде взаемно? Како тоа се смета дека е „добрососедски однос“ кога Грција бара да си го смените името или Бугарија бара да признаете дека вашите историски личности всушност биле бугарски? „Придобивките кои сега ги имате“? Ајде да ги наброиме: колапсот на Специјалната Обвинителка, бројни скандали на највисоко ниво во власта (Македонија сега е рангирана на исто ниво со Албанија во индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл), рангирана е како хибриден режим (според Економист), платите безмалку стагнираат и така натаму и така натаму…

Амбасадорката Брнс исто така навести дека е подготвена лично да влијае врз членовите на Собранието. На 3 февруари таа твитна фотографија од нејзината средба со шест од осуммината „независни“ пратеници кои гласаа за менување на Уставот и за менување на името и идентитетот, по низа на закани, апсења и разновидно заплашување против нив. Брнс напиша дека „имала продуктивна средба со групата независни пратеници за тоа колку е важно да се поддржат натамошните реформи, вклучително и законот за јавното обвинителство, во насока на владеење на правото, транспарентост, отчетност и добро владеење“. Сериозни сте со ова госпоѓо Амбасадорке? „Владеење на правото, транспарентост, отчетност и добро владеење“? Со кој образ го пишувате ова?

Госпоѓо Амбасадорке, Македонците – со полно право – си го бараат своето име назад. Вашиот шеф, претседателот Доналд Трамп, пред Обединетите Нации во септември 2019 порача дека „Ако сакате слобода, треба да бидете горди на својата земја. Ако сакате демократија – бранете го својот суверенитет. Ако сакате мир, сакајте си ја нацијата… Вистинското добро на нацијата може да го донесат само тие кои ја сакаат: само граѓаните кои се изнедрени од нејзината историја, кои се надоени со нејзината култура, посветени на нејзините вредности, поврзани со нејзиниот народ, и кои знаат дека иднината е нивна за да ја изградат или за да ја загубат. Патриотите гледаат на една нација и на нејзината судбина на начин на кој никој друг не може“. Амбасадорке, зошто не сакате да им дозволите на Македонците да го бранат својот суверенитет

Конечно, бидејќи овој текст се оддолжи, две поенти како можеме да се спротиставиме на овие напади.

Како прво, погрижете се членовите на Конгресот и други лица во САД (како на пример Херитиџ фондацијата и други групи кои се грижат за слободата и суверенитетот) да знаат за мешањето на американската амбасада и Стејт Департментот во македонските внатрешни политички прашања.

Второ, политичарите и другите лидери на Македонија треба да ја игнорираат Брнс и нејзината амбасада колку што е тоа можно, во сите внатрешно-политички прашања на Македонија. Среќавајте се со неа, и бидете ангажирани со амбасадата кога се во прашање легитимни билатерални односи; впрочем затоа и имаме амбасада (за да се грижи за американските граѓани, да издава визи и така натаму). Но, да трчате до амбасадата при секоја политичка кавга и да расправате со нив за вашите домашни прашања? Никако. Престанете со тоа.

Ќе пишувам поопширно за ова наскоро, но засега ќе ве оставам со неколку зборови од обраќањето пред ОН на претседателот Трамп: „Сакајте си ја културата. Негувајте ги своите традиции. Чувајте си ги граѓаните. Направете ги своите држави силни и просперитетни и правични. Славете го достоинството на својот народ и ништо нема да ви биде надвор од дофат“.

Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк

Коментирај