Колумна на Џејсон Мико: Претседателот Иванов е во право (и други вистини)

0
573

Браво за претседателот Ѓорге Иванов! Тој го кажа тоа што требаше да се  каже, кога на Македонија и на светот им порача дека неговата принципиелна позиција, конзистентна со ставовите на претходните претседатели на Република Македонија е дека „не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес“ (знам дека нашите пријатели на прогресивната левица го мразат Иванов, но мразачите слободно нека продолжат да мразат, и нека седат во нивната пизма, гнев и очај). На 18 декември 2003 година, (како и многупати претходно во својот мандат) вториот претседател на Македонија Борис Трајковски им порача на македонското Собрание и на јавноста дека „..ова прашање има големо историско и стратегиско значење за нашата нација и држава“ и го повика светот „да го почитува сувереното право на една независна држава да се нарекува себеси како што нејзините граѓани решат дека треба да се нарекуваат“.

Има и други вистини кои треба да ги споделиме тука. Една од нив е дека исходот на очекуваниот референдум ќе зависи од тоа како ќе биде формулирано прашањето. Како што напишав во „Република Македонија ерга омнес“, не знаеме какво прашање – или прашања – ќе ви бидат поставени при референдумот. Не знаеме дали владата ќе го смета референдумот за советодавен или за задолжителен. Не знаеме дали референдумот ќе содржи прашање поставено позитивно или негативно – на пример „ поддржувам промена на македонското име и Устав, за внатрешна и надворешна употерба, во ‘Република Нова/Северна Македонија’“ или “не поддржувам менување на македонското име и Устав за домашна и надворешна употреба во ‘Република Нова/Северна Македонија’“. Разликата меѓу овие две прашања е огромна, а Владата на Македонија ќе го формулира прашањето на начин за кој смета дека ќе и помогне да го исполни зацртаното – да го смени името, Уставот, идентитетот, и се останато.

Уште еден фактор кој треба да се држи предвид е грчката политика. Сега засега, многумина од меѓународното крило „интелектуалци, а сепак идиоти“ и реторички и буквално и се натопорија на Македонија и ја обвинуваат за проблем за кој таа не е виновна. Последниот меѓу нив е поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи Карл Билд, кој неодаман, на Твитер, го обвини претседателот Иванов велејќи дека „не е изненадување што македонскиот претседател Иванов не сака да помогне во решавање на спорот за името со Грција“. Билд е веројатно најдобриот егземплар на меѓународната дружина џет сетери кои летаат со прва класа од една до друга гозба, хотел и тинк-тенк собиранка, од каде на сите нас ни држат предавања. Половина од неговите објави на социјалните медиуми се за тоа како се подготвува да се качи на еден или на друг авион, да оди од овој до оној град, каде ќе им се обрати на широките народни маси.

Но, да се вратиме на грчката политичка сцена. Засега само мал број аналитичари земаат предвид што може да се случи во Грција. Набрзина нафрлано, има поделба во грчката владејачка коалиција за тоа дали во „новото име“ може да се содржи зборот „Македонија“; потоа тука е фактот дека партијата Нова Демократија, која е десно од центарот, води во анкетите пред СИРИЗА (партија чие име буквално гласи Коалиција на радикалната левица);  па ги имаме протестите што се одржат и многубројните протести што се најавуват од страна на обичните Грци, а тука е и противењето од страна на Грчката православна црква. Било кој од овие проблеми може (да се надеваме) да ги торпедира преговорите од грчка страна.

Конечно, тука е и цената на сите овие преименувања. Како што напомнав минатата недела, Владата како да не е свесна за паричната цена на се што ќе треба да се преименува: банкнотите, поштенските марки, личните карти, пасошите, дипломите, армиските униформи, приватните документи, знаците на зградите, мапите, книгите, списанијата, интернет страниците и домејните, и многу други нешта. Ова не е целосна листа, ова е само минимумот од тоа што се бара да се смени. Јасно е дека ова ќе повлече огромни трошоци, веројатно стотици милиони евра, ако не и повеќе. Колку долго би траел овој процес? Ако Владата не преименува се што Грција ќе побара во временскиот рок во кој Грција треба да го ратификува македонскиот прием во НАТО, што тогаш?

Уште една вистина е поврзана со тоа што треба да се направи за да му се помогне на македонскиот народ, како внатре така и надвор од Републиката, да го разберат грчкиот план за напаѓање и обидите за бришење на македонскиот идентитет во глобални рамки. Ова е тема за друга колумна, или за подолг труд, но факт е дека грчката Влада и грчките институции ќе работат со сета своја сила да го избришат македонскиот идентитет. Ова не е само тврдоглав, непроменлив факт, ова е многу непријатна вистина за Зоран Заев и за неговата влада, кои одбиваат да го признаат.

Конечно, тука е можноста од „црни лебеди“. Теоријата на црниот лебед, разработена од авторот, научникот и професорот Насим Николас Талеб не потсетува на можноста од настани кои доаѓаат како шок за сите. Двата клучни елементи на црните лебеди се дека тоа се настани кои се изненадувачки и имаат широк ефект. Треба да сфатиме дека било кој непредвидлив настан кој ќе се случи во следните неколку месеци би можел, на овој или оној начин, да влијае врз таканаречените преговори за името. Примери за ова би биле (размислувам општо) смрт на некој од политичките лидери на Македонија или Грција (од природни или неприродни причини – ова се случувало и порано), големи земјотреси (во Атина, Скопје или во други делови на земјите), катаклизмични природни настани надвор од земјите или од регионот, голем терористички напад во било која од земјите или во регионот, распад на ЕУ (забрзано се приближуваме до тој момент), конфликт меѓу две членки на НАТО и нуклеарна војна некаде во светот. Ова се само дел од можностите. Можеби ќе речете дека пишувам сенешто, но мислам дека сите научивме многу од настаните на 11 септември. Со малку фантазија ќе можете да смислите и други црн лебед настани.

Борбата секако продолжува.

Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк

Коментирај