Колумна на Џејсон Мико: Лизгавото скалило на градуализмо

0
374

Минатата недела пишував за тоа како идентитетот претставува прашање поврзано со македонската национална безбедност и како слабеењето и нападите врз македонскиот идентитет го загрозуваат постоењето на македонската држава. Во идните текстови подлабоко ќе се позанимавам со ова прашање бидејќи мислам дека е клучно за натамошниот опстанок на Македонија и Македонците, каде и да живеат.

Неделава, да почнеме со идентификување на изворот на нападите врз идентитетот на Македонија и Македонците. Сите соседи на Македонија – Грција, Бугарија, Србија и Албанија – имаат причини зошто би сакале да го видат македонскиот идентитет ослабнат. Причините се крајно очигледни и не би навлегувал подлабоко во нив тука. Нивните напади и причините за нив досега би требало да им бидат очигледни на сите.

И други страни го напаѓаат македонскиот идентитет, и би сакал да се посветам малку повеќе на нив. Тука главно припаѓаат транснационалните елити кои не се многу поврзани со своите сопствени идентитети, и се прогласуваат себеси за граѓани на светот, „космополити“ или за некој друг опис чија цел е да се претстават себеси како дел носители на одредени вредности кои ги нарекуваме транснационални или елитистички. Оваа група е составена од политичари, бирократи, новинари, аналитичари, професори, НВО активисти, лица од културолошките институции, големиот бизнис, технолошките компании – повеќето од нив се граѓани на западните земји, но не сакаат да се сметаат себеси за лојални на само една држава.

Лесно е да се отпочне вербален конфликт со првата група, со македонските соседи – тие се отворени и директни во нивните намери да го негираат македонскиот идентитет. Но, доста потешко е да се борите со втората група.

Припадниците на оваа група се почесто користат изрази како „Северномакедонци“ и „граѓани на Северна Македонија“ за да ги опишат Македонците и сите нешта што би требало да се нарекуваат едноставно македонски. Зошто го прават тоа е одделно прашање. На некои од нив тоа веројатно им доаѓа природно. Честопати користиме изрази како Севернокореанци и Јужнокореанци иако сите Кореанци се припадници на ист народ – кореанскиот. На некои им доаѓа нормално да напишат „Северномакедонци“. Но дел од нив, претпоставувам, имаат задни намери и свесно работат на ослабнување на македонскиот идентитет како дел од нивните постојани обиди – во секоја држава, а особено во Европа и на Западот – да го поткопуваат идентитетот и културолошките институции кои ги сочинуваат националните држави бидејќи на крајот на краиштата, нивниот противник се токму националните држави. Некои држави можеби ќе бидат поуспешни во борбата против овие притисоци, и некои држави веројатно имаат граѓани кои се поблиску поврзани со нивниот идентитет, што ќе ги направи поотпорни.

Што можеме да сториме на овој план во Македонија? Нападите мора да бидат јавно посочени. Неодамна, Обединетата Македонска Дијаспора го прозва Њујорк Тајмс затоа што го употреби изразот „северномакедонски“ во текст за наградуваниот македонски филм Медена Земја. Да бидеме фер кон Тајмс, весникот бргу го корегираше текстот и напиша македонски. Има и други примери, новинарот Тим Џуда од Економист (и други списанија) пред неколку месеци рече дека ургирал со цел правилникот на Економист да се смени и да се користи точната придавка македонски.

Точно е дека овие медиуми и поединци не се виновни за ништо друго освен што го користат името кое Владата на Македонија и премиерот во заминување Зоран Заев им рекоа дека треба да да го користат, независно од фактот што името беше сменето без согласност на граѓаните, и со употреба на поткупи, закани, притисоци и апсења за измената да се протурка низ Собранието. Но, откако името на државата беше сменето, сега се менува идентитетот – дали намерно или по инерција.

Низ сето ова, Владата на Зоран Заев, неговите министри, неговата партија СДСМ, неговиот коалициски партнер ДУИ и другите вмешани мора да ја преземат целосната вина за состојбата во која ги доведоа Македонија и Македонците. Заев и неговата Влада не само што им предизвикаа голема штета на Македонија и на македонскиот идентитет со своите постапки, туку и продолжуваат да предизвикуваат штета: Заев сега зборува за „мулти-етничкиот карактер“ на МАкедонија, што е точно, но тоа го прави на начин на кој изнесува презир кон мнозинството Македонци во Македонија. Верувам дека ова го прави по порачка од тие транснационални елити кои ги презираат националните држави и националниот идентитет. Но, бидејќи Заев веќе им даде се што можеа да посакаат, тие веруваат, и како што изгледа не се грешка, дека можат да продолжат да му испорачуваат разни барања. Ова веќе наликува на односот меѓу дилер на дрога и наркоман: откако ги искуси пофалбите и честитките од транснационалната елита која очигледно ја обожува (дрогата), продавачот на дрогата сега може да продолжи да поставува нови и нови барања од корисникот за да му обезбеди да продолжи да ги добива овие пофалби. Накусо кажано, Заев стана зависник. Се разбира, Македонците имаат шанса следната година да се изјаснат дали ќе му овозможат да продолжи со своето малигно владеење и со нанесувањето штета на македонскиот идентитет.

Ова ме води до насловот на колумната: што ако не се спротиставите? Што ако едноставно прифатите дека овие луѓе можат да ве нарекуваат, да ви ја лепат ознаката „Северномакедонци“ и се што е поврзано со Македонија или произлегува од Македонија да го викат „северномакедонско“? Дали ќе му дозволите на Заев, на неговата партија, влада, на помалиот коалициски партнер да продолжат да го разградуваат македонскиот идентитет? Што ако се предадете на лизгавото скалило на градуализмот?

Во тој случај, еден ден вашите деца ќе почнат самите себеси да се нарекуваат „Северномакедонци“. А вашите внуци ќе си побараат друга земја за себе.

Изборот е ваш.

Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк

Коментирај