Колумна на Џејсон Мико: Лажните аргументи на западните елитисти и на нивната влада во Македонија

0
1166

„Големи општествени промени не можат да му бидат наметнати на едно општество против него волја, ако претходно не бидат претставени низа јавни аргументи кои ќе отворат пат за промената. Овие аргументи можат да бидат морални или технократски, и се измеѓу. Тие се менуваат зависно од потребите и од политичките ветришта“. Вака пишува британскиот новинар, писател и општествен коментатор Даглас Мари по прашањето на имиграцијата (легалната и илегалната) во неговата популарна книга „Чудната смрт на Европа“ објавена во 2017 година. Но овој пасус содржи поуки и за Македонија, во ситуацијата во која земјата се наоѓа сега: огромни општествени промени им се наметнуваат на Македонците спротивно на нивната волја, со помош на аргументи чија цел е да се поткрепат ставовите на тие кои ја наметнуваат промената. Ќе се обидам да разгледам неколку од нивните аргументи, покрај нивните отворени и безобразни лаги.

Западните елитисти сега ви велат дека „морате да го зачувате новото име, бидејќи немате никаква друга алтернатива“. Тука ќе ви понудам контра-аргументи како да одговорите на две од нивните тврдења. Ако сте Македонец или пријател на Македонија, на вистината и на правдината, ќе ви бидат потребни овие аргументи.

Како прво, ви велат ддека „никој не го сака новото име, но тоа е сега законското име“. Точно е дека никој не го сака името – а клучен доказ за ова е неуспешниот референдум на 30 септември 2018 година. Но, за вториот дел од нивниот аргумент, дека тоа е сега „законското име“, мора да се наведе дека законот беше прекршен многупати и на разни, да речеме, шарени начини, за да се дојде до ова ново „законско име“. Согласно Уставот и законите на Македонија, мора да биде можно да се поништи ова име, преку разни судски постапки како и преку Собранието или со нов референдум доколку судовите одбијат да го сторат тоа. Ако тоа не е возможно, тогаш Македонија не е веќе суверена земја. Точка.

Второ, кога западните елитисти го поддржуваат отворањето на преговори за членство во ЕУ, честопати велат дека „Македонија дури си го смени и името и му додаде ‘Северна’“. Ова е точно, но само делумно точно. Атланскиот Океан може да се наполни со нештата кои Македонија ги стори и од кои се откажува со Преспанскиот договор. Да набројам некои од нив: идентитетот на Македонците мора да се смени; македонската историја ќе биде подложена на ревизија и промени (особено во клучните сфери на учебниците, мапите, атласите и наставните материјали); изводите од матичните книги, посмртниците и венчаниците ќе се сменат; личните документи ќе се сменат; парите, поштенските марки, сите можни знаци, сето тоа мора да се смени; приватните компании ќе бидат „охрабрени“ (читај: принудени) да ги сменат ознаките на нивните производи; на Македонците им се забранува да ги бранат, културолошки и јазично, своите сонародници во соседните држави; Македонците – приватни граѓани – нема да смеат да користат одредени зборови и изрази кои може да бидат опишани како „говор на омраза“, и многу многу други промени. Не се работи само за додавање на „Северна“ на името. Ефектите се многу поголеми.

Што ме води до безобразните лаги на западните елитисти и нивната влада во Македонија.

Минатата недела американскиот заменик помошник државен секретар Метју Палмер (кој воедно е автор на трилер романчиња) им рече на бугарските медиуми дека „руските обиди да се поткопа поддршката за Преспанскиот договор меѓу Скопје и Атина се уште еден пример за малигното руско влијание во овој дел од светот“. Тоа е бесмислица. И лага. Како што рековме погоре, таканаречениот „Преспански договор“ никогаш немаше некаква поддршка меѓу македонскиот народ, а таа поддршка што ја имаше беше вештачки креирана. Палмер го игнорира фактот дека референдумот на 30 септември 2018 година пропадна, и тоа пропадна со голема разлика, а го игнорира и фактот дека во демократските земји одлуките се носат со консензус. Зоран Заев и неговата Влада не дојдоа ни блиску до постигнување консензус за македонското име и идентитет.

Но лагите на Палмер растат и се шират. Погледнете го следното тврдење објавено од Радио Слободна Европа – медиум кој е финансиран од американските даночни обврзници: „Рашела Мизрахи е дел од конзервативната и се по-проруската партија ВМРО-ДПМНЕ“. Ова е лага, и тоа лага напишана од америикански новинар платен со американски јавни пари (во овој случај авторот е Енди Хеил). Во друг медиум, Еуразија Тајмс, се тврдеше дека „Министерката за труд Рашела Мизрахи е член на про-руската партија со чудно име ВМРО-ДПМНЕ“. Дали е ова случајност? Два медиуми излегуваат со тврдење дека ВМРО-ДПМНЕ или „се по-проруска“ или пак отворено „про-руска“ опција, што претставува целосна лага. Зошто се случува ова? Затоа што елитистите во Стејт Департментот и на Западот се загрижени дека ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт Македонците ќе го сменат името на државата и ќе го вратат нејзиното вистинско име: Република Македонија.

Конечно, самото отпуштање на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи затоа што застанала пред табла со името кое, со полно право вели: Република Македонија. Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров имаше образ да ја критикува Мизрахи и да бара нејзина смена велејќи дека без почитување на принципот на законитост и уставност нема ништо да остане од државата, и без ронка иронија го игнорираше фактот дека неговата Влада го гази македонскиот Устав и користеше незаконски начини за да го смени името. Згора на тоа Владата на СДСМ и ДУИ издаде соопштение дека „Мизрахи директно го загрозува Договорот од Преспа, кој ја гарантира иднината на нашата држава“. Размислете за тоа: ако Мизрахи е обвинета дека ја загрозила евро-атланската иднина на Македонија со тоа што застанала пред табла на која пишува „Република Македонија“ тогаш и Македонија и ЕУ имаат сериозен проблем. Ова е позицијата што Владата на Македонија, и нејзините шефови меѓу западните елитистички кругови, ја користат се повеќе: дека се што ќе кажете или сторите со што ја „загрозувате евро-атланската иднина на земјата“, е забрането и ќе бидете казнети за тоа.

Има само еден израз за ова: тоталитаризам.

Ќе ја завршам колумната цитирајќи го Мари уште еднаш. Тој вели: „Ако мнозинство од јавноста е загрижено поради нешто со години и години, и ништо не се прави во врска со тоа, тогаш сигурно ќе се генерира гнев и огорченост. А ако на тоа одговорите со тврдење дека гневот не е важен, и дека ништо не може да се стори во врска со причината за огорченост, тогаш ќе почнат да се јавуваат радикални алтернативи. Во најдобар случај, овој гнев ќе се прелее на гласачките места. Во најлош случај – ќе се прелее на улиците.

Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк

Коментирај