Колумна на Џејсон Мико: ЕРОЗИЈА!

0
352

„Не сакам да кажам дека сцените на револуцијата ќе бидат било кога заборавени; но како и сите други нешта, и тие сигурно почнаа да бледнеат во спомените на светот, и ќе станат се подалечни како што изминува времето… На крајот на борбата, скоро секој возрасен маж можеше да каже дека учествувал во некоја од нејзините сцени, како маж, татко, син или брат, и во секое семејство имаше жива историја на тие мигови. Но тие истории сега се минато. Тие веќе не може да се прочитаат. Тие беа тврдина на нашата сила, но тоа што не можеше да го стори ниту еден агресорски војник, го направи тивката артилерија на времето. Таа ги срамни ѕидовите и нив веќе ги нема“ Абрахам Линколн (Обраќање пред гимназијата на младинци од Спрингфилд, Илиноис – 27 јануари 1838)

Ако сакаме да ги ставиме овие зборови на Линколн во вистински контекст за Македонија, само заменете го зборот „револуција“ со зборот „Илинден“ во првата реченица. Или било која друга борба за слободата на Македонија до 1991 година.

Да почнеме со колумната: Во средината на март, гувернерот на мојата држава Аризона, како и гувернерите на скоро сите други држави низ САД, донесе наредба дека привремено мора да се затворат сите вежбални и фитнес сали, во обид да се спречи ширењето на корона вирусот. Како физички здрав човек кој што сака да вежба секој ден, ова ми претставуваше проблем. За среќа, на 15 минути од мојот дом е патеката Линда Виста, која води низ дивината на гребенот Пуч, кој е дел од планините Каталина. Патеката нуди низа кратки прошетки, со различни стрмни, и е добра за вежбање. Во изминатите два месеци тоа беше мојата вежбална под отворено небо.

Истото очигледно го сфатија и сите мои соседи.

Секое утро, дури и во шест часот, се случуваше да се разминам со луѓе кои тргнале да планинарат доста пред мене. А како што мноштвото нозе газеа по патеката, набргу забележав дека оставиле последици – насекаде имаше траги од ерозија. Патеките Линда Виста денес изгледаат како да се растргнати, изџвакани и исплукани.

Кога имате земја измешана со камења со разна големина – од камчиња до парчиња колеми колку човечка рака, до карпи големи како лубеница, имате опасна ситуација. Може да се случи да згазнете на погрешно место на патеката, на дел кој мислите дека е релативно стабилен, и ногата да ви летне на страна и да морате да се борите да ја задржите рамнотежата за да не настрадате.

Оваа состојба ве принудува постојано да гледате пред себе, да внимавате каде газите, и не можете да уживате во прекрасната природа околу вас – со многубројните различни видови кактуси и други пустински растенија, птиците, зајаците, па дури и по некој елен. Но, кога мора да гледате в земја, пред себе, не смеете да гледате нагоре.

Патеката еродира поради прекумерната употреба и негрижата (секако и климата игра своја улога). Со постојана грижа и одржување, ваквите патеки може да се зачуваат.

И ако ерозијата на мојата патека е забележителна по само неколку месеци, други ерозии не се забележуваат толку лесно, бидејќи се случуваат постепено, низ подолг период на време. Нашите слободи, нашите права, нашиот идентитет, сите овие нешта исто така се подложни на ерозија, дали поради наша негрижа или поради намерни дејства на злонамерни актери.

Тоа се случува и со македонскиот идентитет, нели? Го гледаме раскинат, изџвакан и исплукан и тоа се прави со полна согласност на македонската Влада.

Британскиот писател и поранешен евро-пратеник Даниел Ханан пишуваше за лудилото кое ги зафати САД и Британија во весникот Телеграф. Ханан ја опиша јакобинската толпа која ги урива спомениците на претседателите и на ослободителите на робовите, и вели дека „Луѓето се определени од нивните спомени, а нациите се определени од нивната историја. Што е себе-спознавањето ако не збир на нашите минати чувства? Филозофот Џон Лок, за кој може со полно право да се каже дека го измислил нашето модерно општество, разбираше дека чувството за себе-спознавање е збир на сите наши поранешни мисли и постапки и дека – само во нив е збран нашиот личен идентитет“.

„Нешто слично се случува и со созданијата кои ги нарекуваме нации. Тие не се само случаен збир на поединци. Тие се обликувани од се што луѓето го сториле или претрпеле. Бидејќи нивните заеднички доживувања честопати се издлабени во камен или во бронза, приказната на нацијата честопати добива материјална форма во нејзините споменици“.

„Црвеногардејците беа опасни бидејќи го претставуваа духот на нивното време. Кинеските власти им дозволија да дејствуваат слободно, исто како што денешните политичари, компании и јавни тела им дозволуваат на нашите толпи да прават што сакаат. Но целта е иста: да се избрише секој спомен на минатото. А нацијата која што го загубила минатото е како човек кој боледува од Алцхамерова болест – беспомошен и загубен“.

Ерозијата која денес и се случува на Македонија доаѓа од две страни и се врши пред нашите очи. Прво, се случува низ постапките на актуелната Влада на Зоран Заев и неговата партија СДС, заедно со помалиот коалициски партнер, македонско-албанската партија ДУИ. Со неговото прифаќање на таканаречената Тиранска платформа, со илегалното менување на името на Македонија преку таканаречениот Преспански договор, и со неговата капитулација пред Бугарија содржава во таканаречениот Договор за добрососедство, Заев и тие околу него го еродираат македонскиот идентитет, традиција, култура, јазик, историја. Второ, оваа ерозија се случува така што и на други во Македонија им се дозволува да се однесуваат на сличен начин – таканаречените „шарени револуционери“, граѓанското општество, професорите, голем дел од медиумите и од аналитичките центри, меѓународната заедница во Македонија претставена преку западните амбасади, ЕУ и другите. Овие гореспомнати институции и личности работеа рака под рака со Зоран Заев да го еродираат и избришат македонското колективно минато и споделеното паметење за минатото.

Да се вратиме на зборовите на Линколн, кој подоцна стана 16-иот претседател на Америка. Тој напиша дека спомените на создавањето на Америка се тврдина на нашата сила, но дека со текот на времето овие спомени еродирале. Познато ни е што времето може да стори. Ако ја споиме неговата сила со свесните и намерните обиди да се еродира и избрише сеќавањето, тогаш само го забрзуваме процесот преку кој ќе ја снема тврдината на силата која ги чува спомените на Македонија.

Прашањето е, дали ќе дозволите ова да продолжи?

Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк

Коментирај