Колумна на Џејсон Мико: БОЈКОТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ!

0
571

И така дознавме што е планот.

Референдумското прашање што е потавено пред граѓаните на Република Македонија ќе гласи: „дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ Ова е измамничко, нечесно и манипулативно прашање. Ова е исто како да ве прашаат „дали сакате чист воздух и чиста вода?“ без дополнително да објаснат што стои зад прашањето. Но, ова не е неочекувано: и Владата на Македонија е измамничка, нечесна и манипулативна.

Владата на Зоран Заев се плаши. Заев и неговите владини претставници, кои се соучесници во оваа измама, се плашат дека, доколку постават чесно прашање, кое ќе ги претстави фактите, и прашањето биде едноставно, за или против, референдумот ќе пропадне. Чесно прашање би било: „дали сте за менување на името на Република Македонија во Република Северна Македонија и дали сте за менување на Уставот на Република Македонија за да се одрази оваа промена?“ Ова би било чесно прашање, а одговорот би бил недвосмислено „не“.

Но, бидејќи Владата го преговараше таканаречениот договор со Грција без да ги праша за мислење опозицијата или претседателот (а не пак јавноста), Владата знае дека граѓаните со ништо не придонеле кон договорот и дека оттаму прашањето не ја отсликува реалната состојба. Напротив, тоа е манипулација во обид да се победи на референдумот. Анкетите навистина покажуваат дека мнозинството граѓани на Република Македонија сакаат прием во НАТО и ЕУ. Но, има една клучна забелешка – сакаат прием, но не по секоја цена.  Поставување на прашањето на начин на кој Владата го постави, „дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, е целосно манипулативно и нечесно.

Ако Владата навистина верува, како што тврди, дека мнозинството граѓани ќе го поддржат договорот, тогаш зошто не го постави прашањето така да граѓаните можат да се изјаснат за централните тези на договорот, конкретно, за менувањето на името и Уставот? И вие и јас го знаеме одговорот зошто не го стори тоа.

Уште една поента: слушнавме, и ќе продолжиме да слушаме повици кои на овој или на оној начин ни велат дека, доколку Македонија го отфрли овој договор, нема да добие уште една можност за влез во ЕУ и НАТО. Ова е целосна лага и тие што го кажуваат ова се лажговци, и се свесни за тоа. Ова е истата лага како тврдењето дека „нема друга алтернатива“. Навистина? Немало друга алтернатива? Никогаш повеќе нема да има друга можност за влез во ЕУ и НАТО? Лаги, лаги, обични лаги.

Секогаш ќе има алтернатива и секогаш ќе има нова можност. Тоа е факт.

Тоа што со овој таканаречен договор се бара од Македонија не е цена која вреди да се плати. Премногу е висок ризикот за Македонија, и затоа гледаме дека се работи за катастрофален договор кој ќе отвори повеќе нови проблеми отколку што ќе реши, договор кој ќе создаде повеќе гнев, анимозитет и омраза, не само меѓу Македонците, туку и меѓу Македонците и Грците (за примери зошто е ова катастрофален договор, видете тукатукатука и тука).

За сите минати генерации Македонци кои се бореле за Македонија, и кои сега почиваат во мир, и за сите сегашни генерации Македонци кои ја продолжуваат нивната борба за слобода и суверенитет, како и за сите идни генерации Македонци кои допрва ќе се родат, овој референдум мора да пропадне.

Затоа, бојкотирајте го референдумот.

Пишува: Џејсон Мико за Свест.мк

Коментирај