Колумна на Ацо Станковски: СОНУВАЧОТ (3)

0
711

И така, пребарувајќи по лаптопот и пиејќи го своето кафе, тој одеднаш го здогледува мејлот на претседателот Сатирус во електронското поштенско сандаче. Chris се вкочанува за миг. Почнува да го чита на глас ова неочекувано писмо.

„Не би Ти се обратил во нормални околности, но оваа Твоја опскурна молба, на која позитивно одговорив, се плашам дека води кон сосема погрешни заклучоци. Исто така, сето ова доби голема гласност на мрежата и доведе до дебати, кои често пати завршуваат со насилство. Затоа решив да се појаснам:  кога би ми побарал да бидеш стрелан или егзекутиран на електрична столица, и во тој случај би Ти удоволил. Но, за жал, по Тебе, во нашата држава смртната казна е отфрлена од хуманистички причини и тој факт нѐ става во оној поцивилизираниот дел од човештвото како општество.

Злосторството – тероризам, за кое си осуден, заслужува многу построга казна од таа, која ја доби, а е 25 години строг затвор и сега самиот си побара доживотна казна.

Тоа, што позитивно одговорив на Твојата молба, не е поради емпатијата за Твојата ужасна психолошка состојба, туку еден вид задоволување на правдата со уште построга казна.

Гледаш, иако имаме сосема различни идеали и резон, сепак нашите тенденции во овој случај се поклопуваат, та, оваа интеракција помеѓу нас двајца, делува сојузнички, иако во реалноста сме сосема спротивставени по овие прашања. Патем, го прочитав Твоето доси и најдов многу потврди за мојата позиција. Имај долг затвроски живот.“

Chris ја подига главата нагоре кон плафонот. Рацете ги пружа како пророк.

  • Зар е можно, овој човек ништо да не сфатил, Господе?! Зар забегал?!

Chris повторно се враќа кон екранот на лаптопот и пребарува по мрежата.

  • Аха, еве го ова, од Гондолина Шварц – аха, „…дали претседателот Сатирус Силен Пан е, всушност, револуционерниот таен другар на затвореникот Chris Johanson и сега му возвраќа за услугата, што осуденикот за тероризам сите овие години молчел за инволвираноста на претседателот во насилствата, што се случија пред 25 години и во кои загинаа 979 лица?“

Chris застанува, полека станува од столчето и кружи околу масата. Тажно и со наведната глава. Полека просторијата се затемнува и темницата трае не повеќе од пет секунди. Потоа полека почнува проекцијата на заднинскиот екран. Бавно, со постепено интензивирање на сликата и тонот. Chris застанува пред екранот.  Неговата темна силуета како да гледа во себе. Главата висната надолу, како и рацете, навестуваат тажни сеќавања.

На екранот се појавуваат сцени од масовни судири помеѓу демонстранти и полиција. Застрашувачки хаос со прикладна тонска подлога полека го придвижува Chris кон креветот. Тој уморно паѓа таму и лежи така на стомак, а главата му виси надолу.

  • Аах!!! Кога ќе прекине овој кошмар! Колку ли само мршојадци излегоа од скучниот стомак на револуцијрата!? И кого, воопшто, го интересира вистината? Дека сум расцепил неколку глави со бејзбол палка?! Беа кодоши. Изгинаа луѓе поради нив. Револуцијата пропадна, а толку луѓе ги дадоа своите животи, верувајќи дека сепак ќе ја извојуваме слободата. Ааааах!!!

Тоа чувство беше силно. Чувството, дека треба нештата да се земат во свои раце. Да се исполни волјата на народот. Тоа беше една правична и, чиста како солза, револуција, додека не се вмешаа експертите.

Тие ги испомешаа работите, го затапија острецот на револуцијата, почнаа безмерно да серат, да си придаваат важност и авторитет, потискајќи ги оние, кои што гинеа по улиците во името на слоботдата. Потоа создадоа голема какофонија и хаос, притоа силно издигајќи се во хиерархијата на Политбирото на револуцијата.  Кон тоа, открив и дека кодошеле, и мрак ми падна на очи. Ааааах!!!

… (продолжува) …

Пишува: Ацо Станковски за Свест.мк

Коментирај