Кој владее со своите мисли, владее и со својот живот…

0
150

Животот е навистина величествен во својата енергија и јачина, силината на чувствата кои сме ги почувствувале, од среќа, ентузијзам, воодушевување, милост, спокој, гордост до страв, срам, вина, тага, итн.

Но, што е она што ги држи сите наши чувства на едно место?

Тоа се нашите мисли и затоа многу е важно да ги освестиме и повеќе да се фокусираме на сегашниот момент. Кога велам освестиме, мислам на тоа дека е потребно да бидеме свесни и за позитивните и за негативните мисли кои секојдневно влијаат на нашето расположение.

Нашиот ум непрестајно се занимава со секакви работи, доволен е да фрлиме еден поглед на нешто и тоа да предизвика чувства во нас.

Дали тој предмет сам по себе има моќ да предизвика такви чувства во нас? Секако дека не. Таа моќ ја имаат нашите мисли. Од нашите мисли зависат многу работи, а ние не сме ни свесни за тоа. Кога човек ќе научи да владее со своите мисли, тој ја добил најважната битка во својот живот, битката со самиот себе. Затоа често се вели дека кога човек ќе се победи себеси тогаш го победил и целиот свет.

А сега да видиме што сѐ зависи од нас и нашите мисли: пред сѐ нашето здравје, нашите здрави мисли влијаат да имаме и здраво тело, секако од нашите мисли зависат и меѓучовечките односи, нашите љубовни и пријателски врски, работата, семејството, материјалниот просперитет, духовното богатство, интелектуалниот напредок и многу други работи.

Листата е навистина долга, а јас набројав само дел од сегментите од нашите животи кои се во директна врска со нашите мисли. За да ги подобриме сите овие животни полиња и да оствариме благосостојба и просперитет, важно е пред сѐ да се позанимаваме самите со себе.

Колку време е потребно за тоа зависи само од нас. Само наша е одлуката да почнеме со промени, а кога еднаш ќе стапнете на тој пат и ќе ги почувствувате сите благодети, тогаш никогаш повторно нема да посакате ништо помалку, ќе сфатите дека вие заслужувате сѐ и дека сте вредни за секое добро. Едно од клучните зборови тука е промената.

Патот кон промените е единствениот вистински пат, а можеме да го наречеме и пат кон оздравување на душата, пат кон пронаоѓање на нашето исконско битие, барање на самиот себеси, исцелување на душата, зацврстување на внатрешното битие, патот кон ослободување на вистинската автентичност.

Нашиот внатрешен свет и нашето внатрешно духовно богатство го привлекува секое друго богатство, тајната на успехот се наоѓа во нас, а наша е должноста секојдневно да го откриваме тоа.

Коментирај