Кој те сака – ќе ти се јави!

0
657

Има денови кога се чувствувам најосамено на свет. Си велам дека тоа е нормално, затоа што мораш да имаш и такви денови или барем моменти. Само така ги цениш оние денови кога си опкружен со луѓе кои ги сакаш и почитуваш.

Во последно време имам работа преку глава и не можам никаде да стигнам, колку и да се трудам да се организирам, преуредувам распореди и пишувам потсетници. Мораш да имаш и такви денови, затоа што тогаш ги цениш деновите кога си на одмор и моментите кога мозокот ти е целосно празен.

Околу мене секојдневно има сѐ повеќе луѓе и постојано пишувам потсетници да вратам некому на порака, се извинувам зошто веднаш не сум вратила, праќам полупразни пораки само за да се потсетам дека се тука и имам отворени табови – исто како потсетник. Заборавам затоа што имам премногу обврски. Пред неколку седмици стресот ќе ме дотолчеше, па секој ден пред спиење морав да се смирувам за да можам да заспијам. Сите мои задачи, горе-долу, ги завршив на време, напишав сѐ што требаше да напишам, се јавив онаму каде што морав да се јавам и се грижев за оние кои можеби и не го заслужуваат тоа.

Бев присутна за сѐ и сешто, за на крајот да забележам дека имам 30 години, а рацете ми се тресат и дека не можам повеќе. Сфатив дека сум исцрпена и дека не можам да спијам, ниту да плачам. Ништо.

Но, мене ми беше важно сите да бидат задоволно. Каков идиот. Дури и мислев да го откажам одморот, затоа што не се подготвив и не знаев каде, ниту со кого ќе одам. Толку ми беше сеедно што размислував да се исклучам на две недели и да останам дома и да не се јавувам никому.

За среќа не го направив тоа, отидов далеку и се одморив – барем психички. Наполнив батерии за следниот период кој веднаш бурно се појави. Работам 12-14 часа дневно, комуницирам со 50 луѓе секој ден, се обидувам да имам и свои работи кои ме прават среќна. И повторно не оди. Гледам дека не оди. Изгубив килограми, не спијам… не оди.

Но, повторно сѐ е задоволено и подмирено. И повторно јас сум таа која се извинува ако некому не сум се јавила, ако не сум отишла некаде, ако не сум честитала на време, одговорила на порака во истата секунда… и така во круг. Книгата која почнав да ја читам пред две недели стои наполу прочитана, еве 10 дена ја немам ни допрено.

Но, имам барем успех во кариерата. И среќна сум поради тоа. И еден ден сретнав еден познаник кој ми рече: „Јави се за кафе!“ и јас како од топ му реков: „Јави се ти!“

Ме погледна и сфатив дека сум во право. Не сум јас таа која не се јавува – тој е. И други како него.

Јас во животот сум се јавувала и сум се извинувала и кога требало и кога не требало. Јави ѝ се на другарката и покрај тоа што не знаеш каде ти е главатата, затоа што сакаш да ја видиш. И цело време така. Е не може повеќе. Јави се ти!

Ако јас сум толерантна (будала), биди малку и ти. Да ги распределиме „обврските“, затоа што ниту еден однос, ни приватен, ни професионален, ни пријателски или љубовен, не може вечно да функционира по принцип 90:10 или 70:30, мора да биде некаде околу 50:50, во спротивно неуспехот е загарантиран.

Го доживеав и тоа, тие моменти на кревање раце кога ќе сфатиш дека се трудиш и за двајцата. Кога ќе сфатиш дека работиш премногу, а тоа не го цени никој, ниту го плаќа како што треба. И тогаш ти доаѓа преку глава од давање бесплатни совети.

Порано или подоцна сфаќаш дека не можеш, но и дека не сакаш. Тука можеби и точно е она „Никогаш не е доцна.“

До следниот пат: Кој те сака – ќе се јави!

СкопјеИнфо

Коментирај