Кога Ибра играше во Ѓорче! (ВИДЕО)

0
808

Во 2001 – та година, на стадионот во Ѓорче Петров, силите ги одмерија великаните на македонскиот и шведскиот фудбал. По скоро 16 години, еден од нив ја нема освоено лигата на шампионите :).

Скоро и никој да не се секава на квалификацискиот натпревар помеѓу фудбалската репрезентација на Република Македонија и репрезантацијата на Шведска за пласман на европското првенство за млади до 21 година. И немаше да биде ништо спектакуларно, доколку не ги погледнеме составите на двете репрезантации.

Боите на македонската репрезентација на овој квалификациски натпревар ги бранеа Горан Пандев, Ацо Стојков, Величе Шумуликоски, Роберт Попов, Александар Васоски додека од другата страна за противници ги имаа Златан Ибрахимовиќ, Андреа Исаксон, Мартин Ериксон и Ким Калстром, играчи кои оставија белег во европскиот клупски фудбал а особено нашиот Горан Пандев и фудбалската легенда Златан Ибрахимовиќ.

Во текот на целиот натпревар доминираше репрезентацијата на Шведска, која го отвори резултатот во 25-тата минута со голот на Златан Ибрахимовиќ, додека репрезентацијата на Македонија успеа да изедначи на петнаесет минути пред крајот на натпреварот со голот на Горан Пандев по ударот од 11 метри.

Токму овие стрелци на натпреварот гледајќи од денешен аспект, по натпреварот во Ѓорче Петров, речиси го достигнаа врвот во фудбалската кариера играјќи за најголемите клубови во Европа. Златан Ибрахимовиќ го носеше дресот на Ајакс, Барселона, Интер, Јувентус, Милан, Парис Сен Жермен и Манчестер Јунајтед додека Горан Пандев својата блескава кариера ја помина во Италија играјќи за Лацио, Наполи и секако Интер со кој го освои трофејот во лигата на шампионите. Интересно, Златан Ибрахимовиќ кој важи за фудбалер од светска класа сеуште се нема израдувано на трофејот во елитното клупско натпреварување – лигата на шампионите.

Во продолжение погледнете ги најитересните моменти од натпреварот помеѓу Македонија и Шведска како и изјавите на Горан Пандев и Златан Ибрахимовиќ кој збори на својот мајчин јазик – Босански јазик.

Избор: МакПрес
loading...

Коментирај