Карапетров: ДОБАР ДЕН + МИР ДИТА = ГУТЕН ТАГ !

0
784

Тетовчани деновиве ги испраќаат последните печалбари кои беа дојдени на одмор во својот роден крај. И повторно ги слушаме дуќанџиите како се жалат дека секоја година се се помалку печалбари. Оваа година, нивниот број е уште помал од претходната година, а многу помал е и прометот и се чудат како ќе ја истераат годината, бидејќи со парите од промет на печалбарите ги плаќаа кириите и ги покриваа трошоците за целата тековна година. Посетите на печалбарите во Тетово стануваат се поретки, бидејќи поголемиот дел од членовите на нивните семејства им се во странство. Ако порано остануваа родителите и по еден од синовите да ја чува куќата и имотот, денес сите се селат, се селат цели семејства без ни малку волја и желба да се вратат на своето огниште.

Жално, Тетово од град на печалбари полека станува град на иселеници !
Тие што заминуваат, заминуваат за навек оставајќи зад себе затворени куќи, необработени ниви, запоставени и напуштени имоти.
Во Тетово освен комарот, најдоходовен бизнис е отварање на училишта за изучување на странски јазици, а особено на германскиот јазик.
Печалбарскиот леб е тежок, и ниту еден од нашите сограѓани не го напушта своето родно огниште од ќеиф на душата, туку принудени се на тоа !
Во нашата држава, нема веќе елементарно нужни услови за егзистенција, тетовци не само што не може да најдат работа за пристојна заработувачка,туку веќе нема живот во Тетово. Се празнат училиштата, се зголемува бројот на училишни столчиња кои и годинава ќе останат празни, болниците се празнат од медицински персонал, земјоделците и сточарите ја продаваат и таа малку стока што им останала и заминуваат, а мајстори нема ни за лек. И за сето ова, вината со сигурност може да ја бараме во власта која вети дека ќе створи услови за подобар живот и поголеми плати, но и дека ќе се вратат и тие што заминале. Меѓутоа, за жал се ова остана само на празно ветување.
Со лошите финансиски политики, со покачувањето на даноците и со ниските плати, оваа влада го забрза иселувањето кое во моментов зазема загрижувачки размери. Тоа, е за жал нашата сурова реалност денес во која живееме ! Но, сепак ние имаме надеж дека нештата ќе се сменат со промена на оваа неспособна влада и победа на нова генерација политичари во Македонија. Луѓе кои се честити, принципиелни и искрени наспроти овие денес полни со лаги, измами, лажни ветувања.

Претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Тетово
Ангел Карапетров

Коментирај