Каракамишева: Заев ќе треба да и одговори на јавноста многу, многу прашања

0
491

Заев ќе треба да и одговори на јавноста многу, многу прашања.

Убедена сум дека и покрај можните одговори кои ќе дојдат од негова страна тие нема да го амнестираат од сериозната одговорност која ќе ја сноси ако продолжи со наметнатото каубојско-индијанско однесување на јавна сцена без никакво почитување на правните правила во земјата и на меѓународното право.

Првата работа на која Заев треба да и одговори на целата македонска јавност е КОЈ МУ ДОЗВОЛИ, кој му даде овластување и мандат целиот процес на разговори за името кој се водеше во ООН да го измолкне од таму и да го сведе на билатерално преговарање, ИЛИ ПОТОЧНО ПРОДАВАЊЕ НА ИМЕТО преку лично пазарење со Ципрас?

Врз основа на кој закон, врз основа на кој член од Уставот на РМ, врз основа на кој член од Повелбата на ООН или некој друг меѓународен документ Заев го води процесот?

Ова прашање можат секако да го одговорат дури и во име на Заев и сите оние меѓународни претставници, амбасадори и слични кои го храбрат Заев во реализацијата на оваа политичка камиказа!

Македонските граѓани ги охрабруваат сите директно или индиректно инволвирани чинители и учесници во процесот да објаснат, да се произнесат кој и зошто им ја затвори вратата на официјалните претставници поставени специјално за водење на разговорите во ООН во врска со разликата околу името од страна на претседателите на Македонија и на Грција? Зошто единствените овластени преговарачи, проф. Васко Наумовски, како специјален претставник од Македонија и Адамантиос Василакис од Грција се целосно изолирани во процесот и врз основа на кои правила е тоа одлучено?
Кој и за каква цена го погази меѓународното право и угледот на ООН? Кој и за каква цена го сведе Метју Нимиц на крпа со која Ципрас и Заев си играат џогер?

Кој и за каква цена едно суштинско прашање за иднината на постоењето на цел еден народ, Македонскиот народ, во 21 век, во век на развој на демократијата и почитувањето на човековите права го сведе на мајтап и на битпазарска тезга?

Зошто никој од повиканите од меѓународната заедница, Стејт департментот, институциите на ЕУ, на Советот на Европа, на ООН кои во јавноста важат како почитувачи на ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО во ниту еден момент не застанаа во негова одбрана во македонскиот случај?

Дали владеењето на правото треба да важи, и важи само селективно, тогаш кога постои интерес и волја на споменатите за да се ограничат правата на другите народи, или важи секогаш и секаде, за сите универзално и без дискриминација?

Дали владеењето на правото е обична флоскула која им служи на ЕУ бирократите само тогаш кога нивните интереси се во прашање, или е принцип што важи за ЗАШТИТА НА СИТЕ граѓани во меѓународните и во внатрешните односи?

Ајде амбасадори, ајде претставници на ЕУ, членови на познати и признати тела и органи во ООН, во Советот на Европа, и други одговорете ОТВОРЕНО И ЈАСНО-

ДАЛИ УНИВЕРЗАЛНИОТ ПРИНЦИП ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО ВАЖИ И ЗА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД?

Пишува: Тања Каракамишева

Коментирај