Каракамишева: Димитров ја става Македонија во состојба на покорност, потчинетост и зависност на Грција

0
620

Слушајќи ги и читајќи ги изјавите на Никола Димитров околу тајниот нацрт-договор што Македонија го подготвила “за неколку дена!??” и го испратила до Грција како одговор на грчката нацрт-спогодба, добив впечаток дека во целиов процес некој не е со сите, и дека некој намерно или не се прави луд.

“Убедени сме дека доколку целта е да се најде едно одржливо и достоинствено решение за надминување на разликата околу името, да се најде една разумна дистинкција меѓу нашата држава Македонија и регионот Македонија во Грција, тоа е можно“, изјави Димитров.

Прашањето што мора да го одговори Димитров пред македонската јавност е дали тој намерно влегува во зоната на недоветните и незналиците, или намерно на штета на Македонија се прави дека е недоветен и табула раза?

Навистина ли не знае, а е должен да знае, дека Македониа нема потреба да преговара за да има државно име кое ќе се разликува од провинцијата или регионот во Грција, бидејќи нашето државно име и сега се разликува од името на грчкиот регион.

Името на нашата држава е дел од правниот идентитет на Република Македонија како меѓународно-правен признат субјект, додека името на грчкиот регион Македонија е име на грчка провинција која како област во рамките на државата Грција нема меѓународно-правен субјективитет.

Се работи за две различни КАТЕГОРИИ на имиња!

Регионот или провинцијата Македонија во Грција не е со исто име како државата Република Македонија!

Република Македонија е држава, меѓународно признат субјект со свој правен идентитет на меѓународно-правно лице, додека регионот или провинцијата Македонија нема правни белези на држава, и никој не може да се повикува на фактот дека меѓународното лице кое носи идентитет Република Македонија има каква било правна релација со град, регион, провинција или покраина во која било друга држава или дека се доведува во прашање остварувањето на некое локално право на тој регион или провинција.

Името на провинција, па и на некоја федерална единица во некоја друга држава нема правно релевантна релација со кое било државно име поради што не може да се застапува тврдењето дека се работи за исти имиња.

Исто така и во врска со територијата:

1) Република Македонија е правно и политички дефинирана територија различна од регионот Македонија кој не е меѓународнo правен субјект;

2) Република Македонија е име на меѓународнo призната држава со јасно дефинирани граници, со население и власт за разлика од провинцијата Македонија која не е; и

3) Во 1992 година Република Македонија аплицираше за членство во ООН како држава со јасно дефинирана територија, со изразен суверенитет кој се однесува не само на правно дефинираната територија (територијална јурисдикција), туку и на народот односно граѓаните кои живеат на таа територија и се под јурисдикцијата на државата Република Македонија и врз основа на апликацијата се стекна со статус меѓународно признат субјект.

Не можам да верувам дека Димитров не го знае ова, или уште пострашно, ако го знае дека намерно се прави незналица и со својот однос ја става Република Македонија во состојба на покорност, потчинетост и зависност на Грција што согласно чл 308 од Кривичниот законик е КРИВИЧНО ДЕЛО ПРОТИВ ДРЖАВАТА!!!

Димитрове, ако не ги знаеше сите погоре наведени работи тешко ти се пишува!!!

Пишува: Тања Каракамишева

Коментирај