Јазичните небулози на Али Ахмети

0
873

Имено, 17 години, колку што е на политичката сцена, поточно на самиот нејзин врв, ниту еднаш, во ниту една пригода, не проговорил на македонски јазик

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, еуфорично го поздрави изгласувањето на Законот за употреба на албанскиот јазик на цела територија на Република Македонија. Оддавајќи им признание на загинатите и на живите припадници на ОНА (УЧК) за заслугите што е донесен законот, во Собранието ја официјализира нивната победа (македонскиот пораз, ако така сакате), а ја искористи пригодата и умешно да си припише и самиот дел од тие признанија, што во крајна линија е точно. Неговите ставови и заложби се покажаа како најсилни и највлијателни во Република Македонија, неговата партиска програма како главна основа за работата на Собранието и за идниот развој на државата. Пратениците од македонскиот блок партии во Собранието, заедно со министрите во Владата и со претседателот на Владата на чело, во целата ситуација околу законот ја имаат улогата на марионети и слепи послушници на големиот партиски аџија.

Но тоа е едната слика за Али Ахмети. Од друга страна, во Македонија се заборавени документите што беа лиферувани пред десетина години за неговата поврзаност и соработка со југословенските тајни служби, за неговото пензионирање во Швајцарија под сериозна медицинска дијагноза, како и неговите разни државјанства што ги поседува. Но тоа во случајов не е и најважното, иако во која било сериозна земја личност со толку сомнителна биографија тешко би се искачила до врвовите на највисоката власт и би израснала во највлијателна, безмалку решавачка политичка фигура, особено во држава каде што неговата етничка заедница не е повеќе од 20 отсто проценти од вкупното население.

Во контекстот на изгласувањето на Законот за јазиците и во однос на гаранциите за употреба и заштита на македонскиот јазик во средините и општините каде што Албанците се мнозинство, најдобар пример за да се сомневаме во таква заштита ни дава самиот Ахмети. Имено, 17 години, колку што е на политичката сцена, поточно на самиот нејзин врв, ниту еднаш, во ниту една пригода, не проговорил на македонски јазик. Редовно говори со преведувач, и при голем говор и при најмала изјава.

Со таквите постапки не само што го потценува туку тој, безмалку, не го признава македонскиот јазик како службен или како официјален јазик на државата. Аналогно на тоа, непризнавајќи го јазикот, не го признава и македонскиот народ, чија судбина последниве години ја насочува, уредува и решава. Додека Зоран Заев, порано Груевски или некои други високи македонски функционери, при средби со албански граѓани, лицемерно ќе употребат понекој збор на албански, од Ахмети не сме чуле на македонски да рече барем „добар ден“ или „благодарам“, што е израз на немање елементарна култура, политичка и лична. Се разбира, ако не е во прашање нешто сосема друго, со поинаква политичка заднина. Потценувањето се однесува и на Зоран Заев, клучниот коалициски партнер, кој симпатично се смешка на оваа политичка небулоза. Како и другите македонски политичари, кои во однос на своите албански колеги се однесуваат како ученичиња што на секој начин ѝ се додворуваат на учителката. (П.К.)

Извор: Нова Македонија
Фото: Фејсбук страна на Али Ахмети

Коментирај