Јас сум девојка која сѐ може сама, но понекогаш навистина само сакам некој да ме гушне

0
100

Јас сум девојката која сѐ може сама. И го правам тоа. Јас секогаш ги завршувам сите работни задачи, успевам да направам 100 работи одеднаш, трчам на милион места и никогаш не барам помош. Дури и кога сум во врска, сама си го носам товарот и ретко барам помош.

И тоа е супер. Супер е тоа што сум независна, го сакам фактот дека не морам никого да молам за помош и дека сѐ можам да направам сама. И навистина не сум зависна од луѓе. Можам да поминам и пет дена читајќи книги и гледајќи серии, да излезам сама на кафе или на ручек, да отидам сама во кино или на претстава. И тоа често и го правам. Генерално никогаш не сум имала потреба за врска, немам и сега.

Но, има едно, но… И покрај тоа што сум и насмеана и независна и сѐ правам сама, понекогаш навистина ми е потребно некој само да ме гушне. Во текот на годината има 10 дена во кои се чувствувам осамено и овој месец има неколку денови кои прават да се чувствувам така. Немам проблем да сум сама и секогаш сум тврдела дека е подобро да сум сама отколку во лоша врска. Немам проблем со тоа што немам дечко и врска, тоа е мој избор кој сама го направив и сметам дека е правилен. Но, во моментов самотијата ми се меша со осаменоста и едноставно имам потреба од прегратка. Или само да ја навалам главата на нечие рамо и да седиме така и да молчиме. Не ми треба ништо повеќе.

Веројатно е тоа човечки… Како што стареам, сфаќам дека изборот кој го направив да бидам сама е правилен и од тоа не отстапувам, но сфаќам и дека на сите ни е потребно човечко присуство во животот. Не можеме да живееме сами за себе и со себе. Потребен ни е човечки допир. И мене ми е потребна прегратка, но што да се прави…

Јас го направив мојот избор и ќе живеам со него. Ќе поминат овие неколку дена и ќе исчезне осаменоста, па потоа ќе продолжам да уживам во мојата самотија. Ќе ги издржам овие осамени денови, како што сум издржала и многу работи, а дотогаш…секое утро ќе излегувам од дома со насмевка на лицето и секое утро повторно ќе влегувам во улогата на супержена која сѐ може сама.

Коментирај